,

„Болестите“ на модерното време

Никогаш не сум ја криела мојата носталгија по времето во кое можеби беше покомплициран животот од аспект на тоа што бевме ускратени за многу работи кои ни ги донесе технологијата, а сепак кога ќе се повлече една црта со ЗА и ПРОТИВ, поедноставно се живееше. Едноставноста ја спомнувам од аспект на невиноста која се граничеше со наивност, скромноста и спремноста да се помогне секому. Не дека денес нема луѓе кои си живеат по свое со чиста душа, отворени срца и желба да се најдат во тешки мигови, но оваа машинерија наречена “ново време” упорно ги меле таквите. Како печурки никнаа генерации кои забораваат на корените, кои гледаат од денес за утре, кои наместо шеги знаат навреди и кои се имуни на убавиот збор. А тие кои од друга страна се’ уште пливаат во водите на длабоките вредности всадени од родителите, примаат удари и потсмевање.

Си ги воспитавме децата да бидат алчни, сурови, себични и саможивни. Или ако веќе сме се бореле да станат добри и чесни луѓе, сведоци сме на тоа како примаат удари од околината и како патат. Болестите на модерното време не’ заразија до срж, а за жал за тоа нема вакцина, ниту апче за да се напиеш и да помине. Трката по пари, престиж, слава и моќ стана вообичаена борба во која не само што нема правила, туку нема ниту милост. Како да се успее во вакво време да се вратат назад вредностите на кои не’ учеле родителите и бабите и дедовците? Како да се влее самодоверба и самопочит кај децата кои се сурово исмевани ако немаат богати родители, скапи автомобили, брендирана облека и кеш? Зарем станавме до толку слепи за да не видиме дека создавањето класни разлики помеѓу децата ќе ни се удри од глава кога-тогаш!

Фраерчињата од 16-17 години кои не знам по која заслуга возат џипови и се однесуваат мангупски, притоа не мрдајќи со прст за да се ишколуваат и да инвестираат во себе, ме плашат најмногу. И да, не се тие виновни кога мама и тато им ја дале слободата да мислат дека се’ се купува со пари. “Без гајле синко, ќе ја купиме дипломата”, “Не ми се нервирај, ќе ти даде тато џипот да го повозиш”, “Не си будала да учиш, директор ќе те ставиме некаде”. И така миц по миц, започна декада во која личноста се цени по длабочината на џебот и/или дали ги знае сите важни фаци низ градов. Никнаа едно чудо приватни фирми на чие чело се родителите кои некогаш крв плукаат за да ја донесат до одредено ниво, ама нивниот подмладок се’ ќе пушти низ вода затоа што маминото и татиното синче или ќеркиче нема еден ден во животот испотено задник за да знаат колку е тешко да се заработи лебот кој секој ден го јадат на астал.

“Ќе фатиме врски” е новото “А бе седни учи за да станеш човек”, а “Кој си ти да му кажуваш на моето дете дека треба да е мирно на час” е замена за “Немој да правиш белји, професорот е замена за родител додека си на училиште”. Ги искривоколчивме нештата, дали заради невнимание или немање време, ама тоа е најмалку важно. Важно е дека ако не си ги прибереме децата навреме, правиме долготрајна штета која ќе се рефлектира на генерации после нас. Целата таа искривена слика во која (за жал) живееме и станува дел од секојдневието, е само уште едно големо разочарување не само за оние родители кои макотрпно работат на воспитувањето на своите деца, туку и за децата кои гледаат дека полесниот пат е секогаш повеќе ценет од потешкиот. Како да и’ објаснам на ќерка ми дека лажењето, крадењето и нечесниот живот е најлесната, но и најпогрешната опција кога каде и да се свртам телевизиите, весниците и порталите се преполни со такви вести. Како да и’ објаснам дека на вагата секогаш доброто победува, кога сите кантари се веќе одамна изместени. Едно е што зборуваме, а друго е она што нашите деца го гледаат во реалниот живот. Потребата во тинејџерските години да се биде прифатен од околината ги носи сите опасности за кои некогаш и не размислуваме.

Болеста наречена модерен живот ги донесе сите проблеми за кои како минува времето, имаме се’ помалку решенија. Знам дека трката во која сме вовлечени да скапуваме од работа за да имаме колку-толку пристоен живот го плаќаме со помалку внимание кон децата и нивниот развој. Таа трка дури и нам, на возрасните, ни ги врза рацете за да обрнеме внимание и на самите себе. А сите знаеме дека парите нема да ги однесеме во гроб и дека џабе што сме постигнале се’ во материјалниот свет, кога не сме го изживеале животот како што треба.

Ме згрози последната вест за прегазениот доктор. Ме згрози од повеќе апекти, затоа што повлекува една остра линија меѓу два спротивни начини на живот. Од една страна, докторот кој поминал да ги види своите пациенти и кој го посветил животот на нивното лекување, а од другата страна, распрдено детиште кое не само што било креатор на трагедија, туку и избегало од местото на несреќата.

Па, драги мои...што да се очекува од деца кои растат во општество во кое секој после сторените недела може да избега и да не одговара за своите постапки. Додека ние си молчиме пред секоја неправда и избегнување на казната на оние кои го кршеле законот, нашите деца тоа го земаат како пример дека ако избегаат, исто како да не сториле нешто што треба и мора да се казни.

Отиде неповратно чувството на одговорност дека треба и мора да се соочуваме со секој производ од нашите одлуки. Детето кое прегазило човек и избегало, без притоа да размисли дека секоја секунда е важна за животот на повредениот може да биде било чие дете. Ние, возрасните сме виновни за постапките на нашите деца. Дали со примерите кои им ги даваме, дали со недостатокот на внимание, дали со изговор дека немаме време, сеедно. Џабе зборувањето како треба, ако не даваме пример и за како треба и за како не треба.

Живееме во лудо време, во време во кое да си учтив=глупав, да си чесен=луд, да си човечен=слабак. Силата не е во суровоста и сировоста, не е ниту во парата, ниту во моќта. Минливите нешта ги издигнавме на ниво на стил на живеење, притоа заборавајќи дека во суштина животот е многу поубав кога се дава најдоброто од себе. Не знам дали е премногу доцна за да ги исправиме грешките кои ги направивме со нашиот индиферентен однос кон се’. Ич не сум паметна за да знам дали има поправен за да можеме барем малку да застанеме на оваа трака што врти и да смениме нешто. Не знам многу работи кои се однесуваат на тоа како да ја санираме штетата од модерните времиња кои дојдоа пребрзо а за кои не бевме спремни. Но, со сигурност знам дека не сакам да живеам колку да го наполнам џебот и стомакот и не сакам детето да го учам како е полесно, туку како е правилно.

Се надевам дека се’ уште има надеж и сила во секој од нас за да се преиспитаме што оставаме зад нас. Сакам да верувам дека сепак ќе оставиме зад себе генерации кои ќе можат да разликуваат добро од лошо и кои ќе се борат против болестите на времето кое допрва доаѓа за нив.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Купи ден помини

како вчера да не постои

а утре нема да осамне.

Ете, само денес да се изврви

купи го денов, токму овој

за една рака ситни пари

кои ти стојат во преградата до воланот

дур бесцелно се возиш низ градот кој го знаеш

а одамна не го познаваш.

Купи ден,

купи и за мене (е)ден

иако знам дека ќе ме чини повеќе од оној претходно

со плитко и забрзано дишење

како да не можам да се изнаголтам воздух

за сите ситни парички кои ги стискам во раката.

Купи ден

и помини го

стани изутрина

одлепи го телото од сопствената сенка

натопи ја во када со топла вода

и стави ја на закачалка да се суши

за да не се стутка премногу

остави ја дома

нека одмори малку

и онака на сонцето ги има премногу

а твојата чувствителна е кога ја газат.

Купи ден... и имај храброст да го поминеш

да зборуваш како навиен

а да не паметиш што си кажал

да се смееш на шеги кои не ги слушаш

а кои се стари и изветвени

да пикаш храна во стомакот

само затоа што цревата ти завиваат како пес во зима

и да пиеш 3 литри вода (во три шишиња од по 1 литар)

затоа што докторот во една емисија така рекол.

Купи го проклетиов ден

и помини го

а можеби еден ден ќе имаме и двајцата храброст

сите парички да ги фрлиме низ ветар

и да видиме дали нов ден ќе дојде

без да го броиме кусурот од нечија испотена дланка

и без да се пазариме со сами себе

за да одживееме уште еден празен ден

оти нема азно кое мирот ќе ти го купи

и насмевката ќе ти ја врати

а најмалку да ти донесе ден

од оние убавите во кој наместо железни парички

мојата рака ќе ја држиш.

Купи ден... ден за слобода.