Ана Бунтеска: Последното патување

Патуваме

рака в рака

татко и ќерка

а сепак и двајцата деца сме

со носовите залепени на прозорецот

осветлени од месечината.

„Погледни, татичко, како погача е

свежо измесена

од фурна извадена

полна, како срцето мое.“

Ми ја стискаш раката со топлина

и се џариш во светлата топка

која ноќва блеска силно

за нас, само за нас и

за деновите кои доаѓаат исполнети со мир.

„Слушаш?“, ми шепотиш.

„Ја слушаш божиќната песна?“, потпевнуваш.

Отаде месечината патуваме

кон изгрејсонцето

кон светлината која се наѕира на крајот од тунелот

низ кој чекоревме толку долго.

„Ти и јас

заедно кон изгревот.“

Ти го слушам гласот кој е поубав и од

најубавата песна која ти ја имам отсвирено.

Ме креваш до месечината

за оттаму да го гледаме утрото кое полека се буди

и веќе не сме во возот

само озгора го гледаме како се движи

со голема брзина

носејќи ги патниците до нивните најмили

со раце полни прегратки и шарени кутии со подароци.

Мирна сум

а тебе,

тебе спокојот ти спие на насмевнатите усни

дур ми ја стискаш раката за да ме зачуваш

за да ти бидам блиску

да зачекориме заедно во новото утро

оставајќи ги зад себе сите сомнежи и болки.

„Држи ме силно, татичко,

и пеј ми

испеј ми ја песната за љубовта

да го славиме животот.“

Ти го допирам неизбричениот образ

кој и покрај тридневната брада е толку мек

толку мој.

„Насмеј се“, ми велиш.

„Насмеј ~ се на зората,

на новиот ден, на новата надеж,

тато е тука.“


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска