Ана Бунтеска: Без збор, без ниту еден збор

Немаше пат кој не ќе го изодев

За до тебе да стасам

И три рала чевли ќе искинев

Безброј планини ќе искачев

И неколку реки ќе препливав

Без збор, без ниту еден збор

Немаше облаци кои не ќе ги растерав

За во чисто небо око да впериш

И дожд кој не ќе го соберев во душава

За да ти заврне во срцето

По било која цена, што ќе ја платев

Без збор, без ниту еден збор

Немаше песна која не ќе ја напишев

За да те заробам во бесконечноста

И вечен живот во неа да ти дарам

Со кој ќе се насладуваа поколенија

Кои немаше да бидат наши

Без збор, без ниту еден збор

Немаше битка која не ќе започнев

Со ниет да ја добијам

Та и пирова да беше

И лузни од неа да ме искасапеа

Со гордост ќе ги носев

Без збор, без ниту еден збор

Немаше тага која во радост не ќе ја сторев

И солза која во радосница не ќе ја претворев

Само за да ти се озари лицето

И усните угоре да ти се извијат

За да ми ја красат љубовта

Без збор, без ниту еден збор

Немаше ноќ која како со магија

Во светол ден за тебе не ќе засветеше

Ниту прашање на кое одговор не ќе ти дадев

Дури и тогаш кога не ми се зборуваше

Кога ми идеше само да врескам од бол

Без збор, без ниту еден збор

Немаше нешто што за тебе не ќе се обидев

Освен едно....само едно

Без љубов и топлина да ме оставиш

И мислата за мене со мисла за друга да ја замениш

И нејзина слика во умот да носиш

Само тогаш раце кренав

И од себе и од тебе заминав

Без збор, без ниту еден збор


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска