“1000 причини за крај”

Разговарам деновиве со една пријателка на тема развод, односно за сите оние ЗА и ПРОТИВ за да се повлече линијата и да се направи одлуката. Поминавме се’ низ сито и решето, почнувајќи од она најочигледното (неверство) до она “најбенигното” (незаинтересираност), иако мора да ви кажам дека како стареам ми се менува мислењето , па и критериумите во однос на тоа што можам и што сакам да толерирам. Пријателкава моја тврдеше дека никогаш, ама никогаш не би можела да премине преку неверство, а за се’ друго може и компромис. Уште сега да напоменам дека не зборувавме за семејно физичко и ментално насилство, оти се подразбира дека ниту една жена или маж не смее да остане во таков однос, без оглед на причините кои се кажуваат како изговор од другата страна. Значи, кратко и јасно: не се останува во однос во кој има физичко насилство или во однос во кој некој на секој чекор ќе ви ја уништува самодовербата, ве навредува и понижува. Точка. Доколку некогаш се најдете во таква каша и не знаете како да излезете, барајте помош на сите страни оти ништо на светот не вреди повеќе од вашето физичко и ментално здравје, а и спокој.

Ме замисли моментот колку се фокусираме на неверството како причина за развод, а ова го зборувам само од аспект на тоа дека занемаруваме други, можеби и поопасни причини за кои сме биле воспитани да не ги гледаме како проблем. Најверојатно вака размислувам затоа што мојот брак не бил во опасност од трета особа, но се растурил заради други причини кои очигледно дека биле валидни исто толку колку што за некој друг било неверството. Можеби неверството е најексплицитниот чин на предавство, па затоа и толку бурно се доживува за разлика од предавството на губење интерес еден за друг, немање секс, молк итн. Зарем да се легнува и станува покрај туѓинец со кого не сте имале саглам разговор којзнае од кога е ок, се’ додека си го држи закопчан патентот од панталоните? Зарем неможноста да се сетите кога последен пат сте воделе љубов со брачниот партнер е ок, се’ додека заедно скапувате во ист кревет во кој има непремостлив јаз помеѓу вас? Зарем немањето веќе ништо заедничко до тој степен што уплав ве фаќа кога треба да одите заедно на одмор е поподносливо отколку да се каже стоп?

Знам дека има луѓе за кои кажаното “во добро и зло” е мантра и правило од кое не се отстапува по ниту една цена. Од друга страна, цената која се плаќа за секој вид слепо следење на некои си воспоставени правила кои немаат смисла особено ако ве унесреќуваат е преголема. До каде е борбата за НАС, а од каде веќе таа борба преминува само во некакво тврдоглаво неоткажување па макар и по цена да сме двајцата несреќни. Да не ме разберете погрешно, јас сум за ЗАЕДНО до мигот додека има љубов и иднина во која не можете да се замислите без партнерот. Таа борба за да се одржи односот не смее да застане на нивото за да се одржи формалноста на бракот/врската туку и квалитетот, па и ентузијазмот со кој сте влегле во истиот. И да, знам дека никогаш не е како на почетокот, но тоа не значи дека треба да биде полошо или дека се очекува оти нема да е поарно, па да се крене белото знаменце затоа што сме се помириле дека “сите така живеат”.

И кога сме веќе кај неверството, деновиве се наканив да го изгледам (а одамна ми беше во план) филмот на (веќе разведената) двојката Џоли-Пит “By the sea”-Покрај морето. Нема да си играм филмски критичар, само ќе ви кажам дека филмот ме погоди од многу аспекти. Нејсе, додека го гледав ми текна на драмата која се одвиваше и скандалот како Пит и Џоли завршија заедно, особено што дур се муваа, дотичниот беше во брак со Анистонка. Таа афера тогаш ја запаметив затоа што имам колешка која беше ептен потресена заради тоа и која мислам дека со години не можеше да го преболи фактот дека Анистон и Пит се разведоа. Искрено, мене како пар многу ме бендисуваа, некако ми беа баш како создадени еден за друг. Сега ќе се прашате зошто сум се фатила ко слепа за стап со Холивуд и аферите, ама еве ја поентата.

Колешкава моја од дно на душа ја мразеше Џоли (мене лично ми е ептен секси, мистична и забегана), толку многу што ја нарекуваше “ку*ождерка” и знаев дека ако сакам да ја изнервирам, требаше само да го начнам муабетот за разводот на Анистон, која патем речено секогаш кај сите ќе го задржи имиџот на Рејчел од Пријатели. И додека сите паѓаа во несвест на времето дека се разведува најубавиот пар на светот (и пошироко-сега тука замислете ме како превртувам со очи), додека Анистонка беше прогласена за светица, а Џоли за ку*ва (оти во секоја ваква приказна има една со ореол на глава и една со рогови која го држи в рака јаболкото на раздорот) никој не распали онака жестоко по Бред. Е, тука кога ќе го спомнев Бред како единствен виновник за целата таа шарада добивав прашање “на чија страна си ти ма?!!!”.

Прашањево...небаре ќе се сменеше нешто ако бев на страната на Анистон или ако кажев дека онаа Џоли е олицетворение на Содома и Гомора. Оттука ми стана јасно дека кога се случува хаос-неверство во еден однос кој неминовно завршува со развод, секогаш и без исклучок е виновен некој однадвор. Тоа е она дека нема што онаа/оној да се вмешува во однос меѓу двајца кои имале идеален брак. Ако бракот бил идеалени ако односот меѓу тие двајца чинел, немало никој да се замеша помеѓу па макар тоа бил/а најубавиот маж/жена на светот. Сето ова наликува на “што е постаро, јајцето или кокошката?”.  Ако на било кој од двајцата кои се во брак не им мрда опашот, шансите да влезе некој непоканет се еднакви на нула, нели?

И оттука повторно се враќам на она дека ако имате квалитетен однос со некого, полн разговор, доверба, градење на заедничка иднина тогаш ќе бидете поштедени од паѓање на колена од секојдневните сопки кои животот ви ги сервира. Ако имате однос во кој се премолчуваат нештата, однос во кој нема да се зборува отворено за тоа што е она што ве прави да ви е неубаво, да сте несреќни или тажни, ако имате однос во кој се’ друго е поважно од вашата заедничка приказна, ако имате однос во кој монотонијата се решава со наоѓање некој однадвор....тогаш секогаш ќе имате лепеза на причини заради кои ќе завршите со разделба, ќе имате секогаш 1000 причини за крај. Неверството можеби е најсировата причина за да се стави крајот, ама не е неминовно најстрашната или најголемата. Не е за оправдување, ниту се обидувам да оправдам, но од она што мене ми се случуваше и од она што го гледам околу мене само знам дека некогаш кога срцата се ладат не е заради тоа што некој однадвор е поинтересен или подобар, туку затоа што има зима во домот која трае со години. Чувајте го она што го имате со саканата личност, или барајте чаре...некогаш чарето е разговор, некогаш е кажување збогум. Само не бегајте од проблемите доколку ги имате и не ги делете на неверство-сите останати, оти оние останатите знаат да бидат поопасни токму затоа што и не се толку видливи ниту прават големи потреси, ама кога ќе стасате на работ од амбисот заради нив, знаете дека нема веќе назад. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не ми е мене гајле

За жените со кои си бил

Ниту пак гајле берам

За оние на кои сега им се смешкаш

И ич не те мислам

Дал по цели ноќи писма им везиш

Или дал тие ококорени по тебе се

Не ми е гајле

И пет пари не давам

Дал поубај од мене се

И тела совршени дал имаат

Дал накитени ти шетаат

Ил на високи потпетици тропкаат

Мене драги мој минатото твое

Колку ланскиот снег ми значи

А и дал џебот полн пари ти е

Ниту пак облеката ти ја мислам

Дал скапо те чини

И каква етикета има

Мене гајле ми е

Зад градите што ти чука

И во глата шо ти се раѓа

И берам гајле душата за што ти пати

И дал лоши мисли имаш

Или ти цутат убајни

Мене пиле ми тежи

Дал денот во смеа ќе ти мини

И дали ко ќе вдишиш

Љубов знајш да издишиш

Гајле берам дал она шо ти давам

Можиш со чест да го примиш

И со внимание да го погалиш

Дал прва мисла во денот сум ти

И ко заспиваш дал умот кај мене ти оди

Не ми е грижата за она што вчера било

Ниту за она што утре ќе биди

Дур си тука

И дур тука сум

До тебе

До себе

До нас

Денес пиле...денес