„Тајно моја“ мора да се врати поради Тоше

ПЕЈАЧКАТА АНТОНИА ГИГОВСКА РАЗОЧАРАНА ШТО МЈУЗИКЛОТ Е ЗАМРЗНАТ НА ПРОГРАМАТА НА МОБ Главната женска улога во мјузиклот „Тајно моја“, Антониа Гиговска е разочарана што мјузиклот привремено е симнат од репертоарот на МОБ до крајот на 2017 година. Младата поп-пејачка која го освои третото место на Макфест, вели дека најмногу жали поради тоа што публиката ќе нема можност да ги слуша песните на Тоше, кои со нови аранжмани се пеат во мјузиклот. Илија Рајковски, в.д директорот на МОБ на прес конференција минатата недела најави дека се правеле преговори за мјузиклот да оди на балканска турнеа, која потоа се откажала. „Мјузиклот прво требаше да оди на балканска турнеа која чини 20,000 евра, па по турнејата да започне да се дава на редовен репертоар во МОБ. Поради најавените ревизии во куќата, мјузиклот нема да се емитува годинава, за сега се одложува“, ни изјавија од МОБ. [caption id="attachment_1512" align="aligncenter" width="480"]   Антониа и Денис Димоски ги толкуваа главните улоги во мјузиклот „Тајно моја“[/caption]   Кога дознав дека е тргнат од репертоарот се запрепастив. Не знам како само не им претставува задоволство што го имавме во државата. Единствено нешто за што би можеле да се гордееме ние како аматери, кои застанавме на сцената на МОБ со големите имиња како Весна Бејби, Дејан Лилиќ, Арна Шијак, Игор Џамбазов. Направивме такво нешто коешто го бележи името на Тоше Проески, а тие го тргаат. Навистина не ми е јасно, единствено нешто што преостанува е да се надеваме дека ќе го вратат. Јас искрено мислам дека вреди за човек како Тоше. Овој проект вреди да остане на сцената на МОБ, а и пошироко“, ни изјави Антониа, која во мјузиклот ја игра главната женска улога, заедно со Денис Димоски и Александар Тарабунов кои наизменично ја играа главната машка улога. Либретото за „Тајно моја го напиша Огнен Неделковски, а го режира Тони Михајловски. Новите аранжмани за песните на Тоше ги направија Сони Петровски и Кокан Димушевски. Премиерата се одржа на 24 март и имаше десет изведби. Мјузиклот чинеше 100,000 евра. Парите за „Тајно моја“ беа обезбедени од Министерството за култура, бидејќи проектот беше дел од годишната програма на МОБ. Антониа и Денис, за главни улоги беа избрани преку проектот „Кастинг талент шоу“, кое како музичко шоу за млади таленти го реализираа „Канал 5“ и МОБ во копродукција. За Женски Магазин, Милица Џаровска