Жирито се изненади што го избрав Ѓорѓе Давид за ментор, а не Цеца или Марија: Интервју со Валери Димовска

Најголем дел од енергијата на младата поп-пејачка Валери Димовска во моментов е вложена во музичкиот натпревар „Ѕвездите на Гранд“ каде што е претставник на Македонија. Валери со својот силен глас е една од нашите најталентирани млади пејачки, а малкумина за неа знаат дека работи и во стоматолошка ординација. Во 2018 година, Валери беше дел од македонски евровизиски тим. Заедно со Антонија Гиговска и Дина Јашари таа им пееше придружни вокали на „Ај кју“ во Лисабон. Има пеено придружни вокали на повеќе балкански ѕвезди, снимено свои синглови, а целото искуство во „Ѕвездите на Гранд“, но и за својот приватен-љубовен живот, таа зборува во Женски магазин.

*Те запознавме во шоуто „На иста адреса“, сега те гледаме во „Ѕведите на Гранд“. Зошто го избра токму овој музички натпревар?

- Размислував подолго на оваа тема за дали да се пријавам на Ѕведите на Гранд. На крај сфатив дека е многу добра прилика за промоција особено за самостојни артисти, затоа што е доста гледано шоу, а и моментално тоа е единствено шоу кое функционира одлично веќе години уназат и е доста популарно. 

*Имаше ли недоумици или предрасуди пред да се пријавиш, со оглед на тоа дека таму се пеат повеќе фолк песни кои не се блиски до твојот стил на музика?

-Немав двоумење воопшто и немав предрасуди. „Ѕвездите на Гранд“ не е шоу во кое се пеат само фолк песни, кандидатите сами си бираат песни никој не им ги наметнува. Досега повеќе влијание имало фолкот и поради тоа на гледачите им има оставено таков впечаток дека тоа е такво шоу, што реално и јас бев меѓу тие. Но бев сведок на многу артисти што немаат ништо поврзано со фолкот еве како пример ќе ја спомнам Марија Груевска, малкумина се да но веќе почнува да се шират повеќе стилови на музика.

*До која фаза на натпреварувањето стаса, и имаш ли очекувања за понатаму?

-Веќе сум во втор круг и почнавме со подготовки, како свој ментор го одбрав Џорџ Давид и не можев да направам подобар избор, Џорџ е максимално посветен на сите свои кандидати и ни помага за се што ни е потребно. Немам големи очекувања за понатаму, убаво ми е кога ќе застанам на сцена и кога пеам, нема подобро чувство. Така што ќе видиме како ќе се движат работите понатаму.  

*Какви ти се впечатоците за жирито, за Цеца, за Ана Бекута, за Марија Шерифовиќ, што ти рекоа по настапот?

-Немав прилика да створам некакво мислење за жирито, немав ни многу коментари за настапот, само беа изненадени дека го одбрав Ѓорѓе Давид за ментор, а не Цеца или Марија.

*Сметаш ли дека си постигнала доволно во музиката, со оглед на твоите вокални способности, и на кој дел од кариерата си најгорда?

-Сметам дека не сум постигнала доволно затоа што знам дека можам многу повеќе, се гордеам со секоја песна до сега што ја имам издадено, на секој проект што сум го работела, на тоа што имам настапувано на Евровизија, имам пеено придружни вокали на Јелена Томашевиќ, Емина Јаховиќ, Хари Мата Хари, Туна, Александра Радовиќ и многу други. 

*Што те прави среќна кога не пееш и не создаваш музика, дали си вљубена и емотивно исполнета?

-Вљубена сум, имам врска што трае веќе 3 години, имам партнер што ме разбира и ме поддржува за се’, некој веќе го знаат Горан Симјановски работи и снима музички спотови. Емотивно се исполнувам со прошетки со кучето, уживам во природата и малкумина знаат но покрај тоа што се занимавам со музичката кариера, работам во стоматолошка ординација и имам одлични колешки. Докторот и докторката  имаат разбирање за се’, имаме одлична атмосфера на работа, тие ми се како второ семејство. 


Милица Џаровска

Фото: Горан Симјановски