Женското право на евтина правосмукалка!

Секоја година ми иде да си пукнам од мака кога наближува 8-ми март. Башка што ми иде да се изнапцујам сочно и мајки и шајки што ни е сведен празникот на еуфорични и хистерични шопинзи за да бидеме снабдени со евтини апарати за домаќинство и флаери во кои само за НЕА имате на попуст џогер од кој подот ќе блеска како да е нов. Абе бидете инвентивни, давајте акции онака од ќеиф оти кај сме жива сиромаштија, туку и преку глава од ставање знак еднаквост меѓу правата на жените и сет тенџериња со кои “понежниот пол ќе заблеска во кујната”.

Фала многу и да се разбереме...не велам дека во домот нема потреба од магични крпи и правосмукалки кои ќе откорнат и паркет од што се моќни, исто се супер и оние апаратите кои се некаква модерна верзија на експрес лонците, само што храната се спрема на пареа. Но, сето ова е за во домот, а не пропаганда за тоа како да си ја израдувате жената.

И сега се прашувате зошто ваква горчина, нели? Еве, да пробам со ред да објаснам зошто овој празник (на начинот на кој се слави кај нас) го сметам за  шлаканица врз женскиот образ. На сите недоквакани промоции за 8-ми март, а кои се однесуваат на жената vs кујната и чистењето, дали знаете дека се’ уште менструалните влошки и останатите менструални производи се луксуз? А менструацијата е нешто со што секоја жена се соочува еднаш месечно и во просек во текот на животот, жените имаат околу 500 менструални циклуси. Знаете ли дека според истражувањата на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“ во 2021 година 77% од анкетираните жени и девојки (околу 2.700 жени и девојки) трошеле од 101 до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена (сега тој износ е многу, многу поголем....знам што зборувам, оти имам женско дете дома), а 39% понекогаш купуваат поевтини производи за менструална хигиена од оние што им се најдобри. Речиси секоја трета учесничка барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и импровизирала со крпи, тоалетна хартија (а половина од овие учеснички и повеќепати).  71% од анкетираните жени или девојки користеле лекарства против менструална болка. За набавка на лекарствата 64% трошеле до 300 денари месечно (удрете Х два во математикава). 90% сметаат дека во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена. Ветувањето кое го даде општината на град Скопје за обезбедување менструални производи за девојчињата од средните училишта на територијата на градот, не се реализира ниту во 2022, ниту во 2023 година. Шкотскиот Парламент уште во 2020 година донесе закон со кој влошките и тампоните се бесплатни и достапни во сите трговски центри, клубови за млади и апотеки.

По се’ изгледа, женската хигиена па и здравје не се до толку важни како кафеаните и сетот шминки.

Каде е одговорноста на државата за тоа ваквиот празник да се одбележи со посуштинска грижа за жените? Организирање на бесплатни мамографски прегледи и ПАП тест за буквално сите жени во Македонија, оти нели, само здрава жена ќе е среќна и во кујната! Простете ми на цинизмот и револтот, ама душава ме боли што сме ги помешале капачињата на сите лончиња. Според пописот од 2021 година, неписменоста на возраст од 15+ години е со следнава структура: 13.380 се жени и 5.517 се мажи. И ако се направи една споредба за тоа колку се жените застапени во бизнис светот и во политиката кај нас, резултатите се поразителни. Во 2021 година бројот на жени кандидатки на локалните избори изнесувал 25, а од вкупно 81 градоначалничко место на 79 места се поставени мажи. Жените во Македонија имаат учество од 25% на високи раководни позиции (борд на директори или менаџери). А ако веќе говориме за семејното насилство, податокот од 2022 година вели дека мажите се застапени со 91,9% како сторители на дела поврзани со семејно насилство. Овие податоци не ги измислив, туку ги има издадено Државниот завод за статистика во 2023 година. Сакате уште да зборуваме за акциите со кои ТАА ќе биде пресреќна со новата машина за перење садови или алишта? Сакате да зборуваме за тоа дека не е поентата на празникот кој следи во попустите на производите кои мора да знае да ги користи секој маж, туку во едукацијата?

Сите вие кои имате женски деца по дома, да им всадите во главата дека не треба да чекаат нешто да им се даде, туку да си го земат особено што имаат еднакви права. Да ги научите да не веднат глава пред агресивниот настап на мажјаците (не, не се сите исти и не, не мислам дека треба да се генерализира) кои се од дома научени и воспитани оти “мажот е глава на куќата, хехехе”. Семејството, домот, работната средина е тимска работа во која треба да просперираат најспособните. Но, на сите да им биде дадена иста можност и иста шанса. Ете, тоа е поентата на 8-ми март. Исти услови, исти можности, иста награда. Знаете дека има еден куп компании во кои жените се помалку платени само затоа што се жени или затоа што нивните сопрузи се на повисоки позиции, па ангажманот на жената се смета дека е некакво си хоби, оти се дома добро ситуирани. И она што најмногу фрустрира е дека секоја жена која ќе го крене гласот за да направи некоја промена, е честопати замолчувана дури и од сопственото семејство. Да не брануваме, оти не ни личи да бидеме како оние феминистките! (ова му доаѓа како плашење со баба Рога). Феминизмот како своевидна увреда (демек феминистиките се машкоданки кои ги изместуваат границите на женскиот ум во однос на негувањето на семејните вредности-читајте покорност) за да се потенцира оти нашата работа е да сме тивки и незабележливи.

За некој ден е празникот. И додека планираме како да го прославиме тој еден ден кој е зацртан во календарот како ден на жената, забораваме дека следните 364 дена повторно ќе се соочуваме со дискриминација по многу основи. Ќе се судираме со предрасуди по основ на гардеробата која ја носиме, однесувањето за кое има двојни аршини за мажите и жените, нашите способности како шофери, а да не зборувам за догмите кога се во прашање професиите кои се сметаат за “машки”. Во светот има само 14 држави во кои има целосна и апсолутна еднаквост помеѓу мажите и жените (барем правно е така наведено): Белгија, Канада, Данска, Франција, Грција, Исланд, Ирска, Латвија, Луксембург, Португалија, Шпанија, Шведска, Германија и Холандија.

Ние сме се’ уште во светот во кој дури и самите жени си ја сечат гранката на која седат, потсмевајќи се на другите жени за начинот на кој се облекуваат, за формата на телото, вадење муабети и афери.

Се чини дека е време да смениме некои работи. Се чини дека е веќе неопходно да му дадеме поинакво значење и тежина на 8-ми март. Не за друго, туку кога ќе одиме во кафеана да имаме реална причина за да наздравиме. За успехот кој сме го постигнале, а кој ќе се одрази на следните генерации кои доаѓаат. Дотогаш, памтете дека вашето женско право е во тоа да ја добиете почитта и вреднувањето кое ви следи, а не да се закитите со евтина правосмукалка. Таа набавете ја на 19-ти ноември, за интернационалниот ден на мажите.

Да сте ми живи и здрави, песната која следи не е нова (иако е нов начинот на кој ќе ви ја презентирам, со глас и видео). Во петок ќе ви подарам песна која ќе е за секоја од вас, за секоја од нас...песна која ќе е подеднакво важна цела година, за да знаете кои сте и која е вашата вредност.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Биди своја

Кажи НЕ без страв

Дека некој ќе те осуди

И ДА ако срцето така ти вели

Без оглед другите што мислат

Одмини ја кујната ако така ти иди

И не биди роб на домот

Ниту на оние кои во него живеат

Уживај во својот успех

И тогаш кога ти го негираат

Тресни со рака на маса

Тогаш кога има неправда

И крени го гласот до небо

Кога твојот збор е за потсмев

Исправи ги плеќите

Не мора светот на нив да ти лежи

И не се труди да си совршена

Онаму каде што тоа значи покорност

Биди своја

Биди жена која сакаш да ја видиш

Во своето женски чедо ко ќе пркне

Бестрашна и со гордо крената глава

Со образ чист и мирна совест

Оти ниту една битка не ќе ја добиеш

Ако себе се заборавиш попатно

И ако станеш она што не си

Или она што сите очекуваат од тебе

Биди своја

Колку и да боли

Колку и да паѓаш попатно

Колку и колениците да ти крварат

И во устата пцости да ти се прпелкаат

Оти ниту една жена среќна не е

Ако стане сенка од она што навистина е

И ниту една жена не цвета

Ако цврсто по земја не гази

Боса или на високи потпетици

Биди своја

Оти ништо на светот поголема цена нема

Од онаа која ќе ја платиш

Ако си сенка од која ќе бегаш

Ако си буква која глас ќе нема

И ако си лик кој свој одраз нема

Оти во овој свет

Во кој уште молк има

Кога женско дете ќе се роди

Како клетва фрлена од наречници да е

И кој на женското име

Туѓо презиме клава

Единствената борба која треба да ја освоиш

Е да си храбра

Да си своја

Да си жена