За успешно менаџирање со тимовите и процесите, пред се треба успешно да се менаџираме себе си

Интервју Слободанка Миовска, раководителка на оддел за корпоративна продажба во А1 Македонија

Личниот и професионален развој е процес во кој постојано вложуваме со цел постигнување врвни резултати, вели Слободанка Миовска, магистер по бизнис администрација која изминатата декада со огромен труд и посветеност на секојдневните обврски континуирано работи на себе и својот кариерен пат. Март, месецот на жената го почнуваме со разговор со раководителка која ни открива размислувања и ставови за важноста од постојано лично надградување.

Колку е важна инвестицијата во личен развој за успех на професионално ниво?

Секој кој има визија за својата иднина и сака да оди напред неопходно е да вложува во себе и постојано да се надоградува. Покрај формалното образование во поново време на располагање ни се и разни облици на неформално образование кои дополнително ја зголемуваат вредноста на една личност. Надоградувањето со нови вештини и компетенции не прави посигурни во областа која ни е од интерес. Независно што ќе изберете-нема да погрешите, ќе се стекнете со нови знаења и ќе запознаете нови луѓе со исти или слични гледишта и ставови. На тој начин ја зголемувате мрежата на контакти и градите нови релации, приватно и професионално. Колку повеќе сме свесни и емпатични, колку повеќе ги разбираме сопствените и емоциите на другите толку поквалитетни односи ќе градиме. За успешно да менаџираме со луѓето и процесите пред се треба успешно да се менаџираме себе си. Личниот развој ни го овозможува токму тоа: да го разбереме своето и однесувањето на остaнатите, да се грижиме за нашето тело, да управуваме со своите емоции и реакции, да го менаџираме сопственото време, полесно да се справуваме со конфликти, да се менуваме и со сето тоа да станеме подобра верзија на самите себе.

Зошто избравте Системски NLP?

Отсекогаш ме интересирала психологија. Невро-лингвистичкото програмирање (НЛП) е психолошки пристап кој вклучува алатки и вештини за личен и професионален раст и развојкако и нивна примена за дефинирање и постигнување на посакуваните цели. Ги поврзува мислите, јазикот и моделите на однесување за да ги сруши менталните бариери што несвесно ги создаваме. Системскиот НЛП оди чекор подалеку и има за цел да го смени фокусот од индивидуата кон семејството, тимот, организацијата или општеството. На тој начин ги откриваме и разрешуваме семејните и системски динамики. Системскиот пристап дава можност да се погледнеме себе си како дел од поширокиот систем, и преку системска интервенција да поттикнеме позитивна трансформација.

Работи преку четирите полиња: ментално поле, поле на тело, енергетско и поле на душа кои влијаат едно на друго и меѓусебно се надополнуваат. Со други зборови го јакнеме нашиот ментален имунитет, за да се чувствуваме добро во нашето тело, ги прифаќаме чувствата бидејќи животот е емоција но во дадени ситуации знаме да се дисоцираме од нив за да на крај спиритуално се поврземе со останатите три полиња.

Кои се техниките што ви помагаат лично?

Во суштина еден дел од работите сум ги практикувала и несвесно, како спсобноста за поврзување со луѓето преку градење рапорт и следење на промени во однесувањето или калибрирање. Преку НЛП-то ја осознаваш структурата без притоа да навлегуваш во содржината во која најчесто заглавуваме непотребно. Со НЛП комуникацискиот модел посвесно комуницираме, а со користење на вистинските (мета) прашања избегнуваме генерализирање, бришење или искривување на информации.

Логичките нивоа на промена не менуваат започнувајќи од околината во која се дејствува, преку однесувањето и способностите, да се предизвикаат верувањата и вредностите, се до највисоките две нивоа на идентитет и мисија.
Целта на секое логично ниво е да ги организира и насочи информациите под него. Како резултат на тоа, правењето промена на пониско ниво може да предизвика промени на повисоко ниво и обратно, вели теоријата на НЛП. Познавањето на животните фази кои се менуваат на секои седум години, ни дава јасна слика зошто во определен период се однесуваме и постапуваме на соодветен начин. Секако ова е само еден дел од сето она што веројатно мене ми оставило најголем впечаток и го практикувам во секојдневниот живот.

Што ве поттикна да одите на Coaching?

По завршувањето на магистерските студии, продолжив на NLP и знаев дека нема да застанам тука. Поддржувач сум на изреката дека “Човекот учи додека е жив”. Moментално посетувам Професионална системска коучинг програма акредитирана од Водечкото меѓународно тело за акредитација на тенери, ментори и едукатори (IAPC&M) под водство на Марина Анчевска. Уживам во секој момент поминат на часовите по Coaching. Со оглед на моето професионално искуство како Раководител на одделот за бизнис продажба комуникацијата ми е клучна, со бизнис корисниците, членовите на тимот, колегите, менаџментот ... Работата бара да бидеш флексибилен, да донесуваш брзи одлуки, да имаш решение за секој предизвик, да спроведуваш промени, да мотивираш и секако да бидеш People developer. Во сето тоа несвесно менторираш, коучираш и поттикнуваш промени. Но како што вели Марина “You cannot just do coaching, you have to be a coach”. Улогата на професионален Coach ти дава можност да ги погледнеш работите од друга перспектива. Преку структуиран пристап да се поврзеш со клиентот, да го водиш низ целиот процес и да му помогнеш самиот да дојде до посакуваната состојба. На крајот кога ќе ја погледнеш пошироката слика, придонесуваш во решавање на животни предизвици и ги правиш луѓето посреќни. Што друго ти е потребно за да се чувствуваш исполнето и задоволно.

Која е препораката за младите девојки кои се на почетоците на својата професионална кариера?

Пред се да уживаат во улогата на жена, секаде и секогаш !!!

Да сакаат и да бидат сакани, како би постигнале баланс помеѓу давањето и земањето. Да патуваат и освојуваат, да ги следеат своите соништаи да го живеат животот со полн капацитет.

Да чекорат храбро по патот на успехот а секоја препрека да ги инспирира да продолжат понатаму бидејќи најубавиот поглед доаѓа по најтешкото качување.

Да вложуваат во себе и да се надоградуваат, само така ќе останат компетитивни и атрактивни на пазарот на труд бидејќи новото време тоа природно го налoжува. Да си поставуваат СМАРТ цели и посветено да работат на нивна реализација. И да не престануваат да учат бидејќи најголемата ивестиција која може да ја направат во животот е инвестицијата во самите себе !!! Таа секогаш се исплати.