Во новата година да се потрудиме да ја разбереме моќта на добриот збор: Интервју со Марија Јосифовска-Спасовска, член на управен одбор и директор во „Макпетрол“

Крајот на годината ги носи најубавите празници. Тоа е период на дружење со најблиските, како и поминување незаборавни мигови со семејството. Овој период, исто така, е можност да се навратиме на настаните од годината што ја испраќаме и да размислуваме за тоа што нè очекува и го посакуваме во годината што следува. На овие теми поразговаравме со Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“. 

Во однос на празниците, таа вели:

- Празниците се секогаш посветени на семејството. Како љубител на планината, која ми дава можност да избегам од секојдневниот активен социјален живот и да се посветам на семејството, новогодишните празници традиционално ги поминувам на планина. Што се однесува на Бадник и на Божиќ - секогаш во домашна атмосфера.

Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално поле? На кој проект сте особено горда?

- Најголем предизвик годинава беше тоа што се посветив на активности во компанијата кои не се дел од мојот секојдневен ангажман. Со свои идеи придонесов во секторот за маркетинг и го започнавме најголемиот проект досега во „Макпетрол“ и еден од поголемите во нашето општество, а тоа е општествено одговорната кампања „Крени глас - стоп за булинг“, која има за цел да ја крене јавната свест во заедницата за сериозноста на проблемот со врсничкото насилство. Имајќи ги предвид досегашните достигнувања на кампањата, тоа секако е проектот на којшто годинава сум особено горда.

Што и кој Ве инспирира во животот и во професијата? 

- Ме инспирираат лица чии што достигнувања се темелат на многу труд, чесност, упорност и постојано надградување и вложување во себе. Таквите луѓе се најчесто многу силни и успешни во својата професија. Кога би требало да издвојам таква личност, тоа дефинитивно би бил мојот татко Андреја Јосифовски кој, впрочем, е и мојот пример од кого најмногу учам.

Дали го накитивте домот и дали уживате семејно во китењето?

- Домот традиционално го китиме на 1 декември, со многу музика и забава. Одговорни и најрадосни сме јас и ќерката, но секако дека со идеи и со предлози ни помагаат и сопругот и синот.

Како изгледа Бадниковата вечера во Вашиот дом, дали сакате сама да подготвувате посна трпеза? Каков е пак Божиќ?

- Како љубител на декорации, посветувам многу внимание на изгледот и уредувањето на масата за бадниковата вечера, и тоа е секогаш претходно добро испланирано. Посната трпеза, со оглед на тоа дека имам мали деца, се подготвува во зависност од условите, но лепчето задолжително го месам забавувајќи се и со помош од децата. Што се однесува на Божиќ, покрај семејното играње друштвени игри и семејниот ручек, го посветуваме на нашиот кум кој слави именден, најчесто со незаборавни дружења и забави.

Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?

- Пред сè да сме сите живи и здрави, да уживаме во убавите мигови, да се дружиме и да си помагаме едни на други. Посакувам општество опкружено со емпатија и сочувство, пружена рака на секој кому му е потребно, добар збор кој може живот да значи, многу љубов и добрина.

Дали „Макпетрол“ има веќе зацртани цели кои сака да ги оствари во 2024-та година?

- Секако, пред крајот на годината се подготвува годишен план во кој внимателно се дефинирани сите цели, активности и проекти на компанијата за годината што следи.

Ваша Новогодишна порака?

- Во годината што доаѓа да се потрудиме да бидеме подобра верзија од себе. Да се потрудиме да ја разбереме моќта на добриот збор и да ги учиме нашите деца на вистинските вредности во животот кои ќе им помогнат да станат добри луѓе и да прават добри дела. Децата се иднината, а вложувањето во нивниот развој, во нивниот најразличен потенцијал, значи и вложување во целата наша заедница. Не само како индивидуи, туку и како компании, да продолжиме со работа и со активности што ќе ни овозможат токму тоа да го постигнеме - да поттикнеме креирање цврста основа за напредок на идните генерации.


*Даница Караташова Илиоска