Во домот на Панчеви пред Нова година: Елка стара 25 години, таа е најубавото нешто што ни го краси домот

Честитките за Нова Година се составен дел од новогодишната магија и еуфорија. Новогодишната магија има моќ да ги обедини и помири луѓето. Сè што го одложувавме изминатите години и месеци, се трудиме да стане решливо и возможно. Правиме разни планови и желби, кои се надеваме дека ќе ги реализираме во наредната година.

Кажете им на најблиските дека сте благодарни што се во вашиот живот и дека сте горди на влијанието што го имаа во текот на изминатата година. Исто така, добро е да се потсетите на заедничките моменти кои ја одбележаа годината за вас.

И не заборавајте! Сакајте се!

Познатото семејство Панчеви веќе е подготвено за Новата година и Божиќните празници. Во нивниот убав и топол дом владее реласирана атмосфера, украсена со магични украсни детаљи. Дарко Парчев, легендата на македонскиот фудбал и Маја Гроздановска Панчева се пар кој внимателно ги одбрал сите нешта, за ефектот да биде комплетен. И ќерките Марија и Надица им помагаат со своите сугестии и креативни идеи.

- Секако дека владее и кај нас новогодишниот дух, како и секоја друга фамилија, и ние се трудиме што повесело и поубаво да си ги поминеме новогодишните празници- ни рече Маја.

Имаат убаво уреден дом кој е и идиличен и раскошен истовремено. Бидејќи просторот им е голем, кога децата биле помали, најчесто украсувањето било задача на Маја, но, сега кога веќе пораснаа, ги оставаат самите да уредуваат на начин на кој што сакаат самите тие, со мала помош на Дарко.

- Посебно би ја издвоила нашата елка, која е висока и прекрасно разгранета, и е стара скоро 25 години. Таа е најубавото нешто што ни го краси домот за празниците- додава Маја.

Кога биле помали Марија и Надица, секоја година самите си го изработувале својот омилен лампион, кој што им стоел на елката. Сега се веќе големи и бидејќи лампионите и украсите најчесто им се во златна боја, некако сите им се убави и сите си ги сакаат. Панчева вели дека би ги издвоила нејзините прекрасни ангелчиња, кои што ги имаат уште од првото китење на нивната елка.

Но, Дали си ставаат подароци под елката и што обично си подаруваат низ годините за празниците?

- Таа традиција и ние си ја практикуваме, секако сега веќе поретко, затоа што се пораснати. Но, кога беа помали, ги теравме да си ги напишат желбите на ливче, да го стават ливчето во една чорапа, велејќи им дека кога спијат, Дедо Мраз ќе помине и ќе ги земе. Има една анегдота со Марија, кога една вечер, од голема возбуда, се разбуди во 02:00ч. наутро и отиде да провери дали Дедо Мраз го земал ливчето. Виде дека го нема, за среќа јас го извадив на време, но, сепак плачеше и беше лута на Дедо Мраз, затоа што не успеала да го види и да го гушне- со насмевка ни одговори Маја.

Дарко пак од друга страна се присети на Новите години во изминатите години кога беше активен играч и во екот на најголемата слава.

- Секако дека Новата година сме ја славеле на најразлични начини и кога сум бил професионалец, но, поради многуте обврски не сме имале простор за многу експериментирање. Тоа најчесто било во друштво на пријателите некаде во Македонија- потенцира Дарко Панчев.

Сосема спротивно, додека Маја беше многу поактивна во музиката, нештата за дочекот биле поинакви:

- Се случувало кога бев поактивна, често да настапувам за Нова година, но иако тоа било работно, секогаш сме си поминувале многу убаво. Не би издвоила некој посебно, бидејќи сите настапи беа убави на секој начин. Ние музичарите многу често ја прославувавме Новата година и пред да се случи, снимајќи ги сите оние Новогодишни емисии по телевизиите- ни раскажа Гроздановска.

Од нивниот брак имаат две преубави ќерки кои навистина го наследиле најубавото од родителите. Ги бараат и за манекенки... А ги воспитале да бидат секогаш благодарни и пред се, човечни.

- Ви благодарам за комплиментите. Можам да кажам дека Даре е малку построг од мене, иако мојата комуникација е поблиска со нив, затоа што се девојчиња, но, можам да кажам дека и двете ги прифаќаат советите од Дарко и го слушаат. Кога нешто треба да се забрани и сметаме дека не е во ред, тогаш и двајцата имаме ист став за да разберат дека не може да прават се што ќе посакаат- искрена е Маја и додава дека ќерки како ќерки, секогаш бараат од мајката нешто да облечат, па истото се случува и со нивните.

Не се оптоваруваат каде ќе слават за Новата година, а децата им се веќе договорени со друштва.

- Бидете живи, здрави, среќни и весели, да бидете позитивни и да ви се остварат многу работи што ќе си ги посакате- ви пожелува семејството Панчеви.

Небојша Толески