Теона Манго за животот во Њујорк: 300% поскапо овошје и зеленчук од Македонија во „градот што никогаш не спие“

- Можност да живееш во Њујорк не се добива секој ден, а и животот е прекраток за да го поминеш живеејќи на едно место така да воопшто не жалам што го направив тој чекор - открива девојката која е позната по своите патувања на Инстаграм

Македонската инфлуенсерка Теона Манго до својата 18-та година живее во родната Битола, а по завршување на средното образование се сели во Лондон каде завршува додипломски студии на универзитетот „Queen Mary“. 

Денеска пак веќе две години го нарекува Њујорк нејзин дом каде моментално работи како ко-основач на стартап кој треба да се лансира на почетокот на следната година.

За животот во Њујорк кој важи за еден од најскапите, но и најубавите градови во светот, Теона искрено за Женски Магазин.

ЖМ:  Како би се опишала себе си во една реченица?

- Би се опишала како интровертен-екстроверт кој сака да го патува светот и да запознава нови луѓе но и обожава да поминува време сама со себе.

ЖМ: Што ти беше најтешко кога се селеше од  Битола во Лондон, а што пак кога се селеше од Лондон во Њујорк?

- Селењето во Лондон не беше баш најлесно, имав 18 години и за прв пат се селев од дома, во место каде што не познавав апсолутно никој и сама. Беше мешавина на емоции од возбуденост до страв. Од една страна бев пресреќна за можноста да студирам и живеам во Лондон, а од друга страна бев малку сентиментална дека се оделувам од родителите и од моите пријатели од средно. Но, сите тие стравови и несигурности брзо се заборавија во Лондон. Што се однесува за селењето од Лондон во Њујорк на почеток беше со тешко срце, бидејќи Лондон ми беше во срцето и местото каде што се замислував да живеам долго време и некако сѐ уште не бев спремна да го напуштам. Но, можност да живееш во Њујорк не се добива секој ден, а и животот е прекраток за да го поминеш живеејќи на едно место така да воопшто не жалам што го направив тој чекор.

ЖМ: Предности на живеењето во метропола како Њујорк?

- Њујорк има една таква енергија што ниеден друг град во светот ја нема, во вистинска смисла е „градот што никогаш не спие“ бидејќи 24/7, 365 дена во годината е овој град раздвижен. Предностите ги има многу. Особено кога станува збор можностите во однос на кариера и работа. Вибрантниот начин на живот што мислам дека никаде на друго место не е таков. Во Њујорк никогаш не може да ви биде досадно, секогаш ама буквално секогаш има што да се прави и што да се види од музеи до ресторани до театри.

ЖМ: Недостатоци на живеењето во метропола како Њујорк?

- Најголем недостаток е тоа колку е скапо живеењето во Њујорк и тоа што е доста нечист град и што има голем проблем со бездомници.

ЖМ: САД за многумина е земјата од соништата, но многумина и никогаш не би се преселила таму поради небезбедноста која владее. Дали ти си се соочила со некоја страшна ситуација?

- Нормално, како и секој голем град така и Њујорк има делови кои не се безбедни. Но, генерално сметам дека е безбеден град, сум се соочила со некои непријатни ситуации, но ништо екстермно ниту пак страшно.

ЖМ: Кој дел од Њујорк ти е омилен?

- Населбата „SoHo“ и „Central Park“.

ЖМ: Како се движат цените за пазарување на основни продукти за живот во споредба со Македонија?

- Прехранбените продукти би рекла дека се за некои 30-40% поскапи од во Македонија, додека овошје и зеленчук знае да биде и за до 300% поскапо.


ЖМ: Во каков стан живееш, односно дали живееш удобен живот таму, со оглед на тоа што Њујорк важи за град кој има вртоглави суми за кирии дури и за премали станчиња?

- Живеам во студио, не сум сигурна која е точната квадратура. Живеам во „Columbus Circle“ делот на Менхетан и би рекла дека живеам доста удобен живот.

Што се однесува за кириите цените се движат од 2,500-3,000 долари, па нагоре во зависност од големина на стан, локација итн.

ЖМ: Дали обожаваш брза храна која е асоцијација за САД или пак претпочиташ готвење дома?

- Не сум воопшто фан на брза храна, а Њујорк ги има едни од најдобрите ресторани во светот така што обожавам да испоробувам и посетувам ресторани со различни кујни.

ЖМ: Места кои мора да се посетат доколку патот не однесе во Њујорк?

- Њујорк има илјадници места и работи што може да се видат, така што листата е огромна. Но, скратената моја верзија е:

- Мора да се посетат барем 2 музеи (The MET, MoMA, Guggenheim, American Natural History Museum и The Whitney Museum of the American Art)

- Прошетка низ Central Park

- Населбата DUMBO во Brooklyn

- Пешки да се помине Brooklyn Bridge (од Бруклин спрема Менхетен- погледот е подобар)

- Прошетка по 5-та Авенија и попладневен чај во познатиот „Плаза Хотел“

- Неделен бранч во East или West Village (мои омилени места: Buvette, The Butchers Daughter, Clinton St. Baking Company)

- Крстарење на реката Худсон или South River, за најубавиот поглед на Менхетен

- Посета на некој облакодер со добар „viewing point“ (Top of the Rock или OneSummit Vanderbilt)

- „Брајант парк“ и Градската Библиотека на Њујорк

- Финансискиот дистрикт (Wall Street, One World Trade Center, 9/11 Memorial)

- Гледање на Broadway мјузикал

- После вечерно излегување парче пица од „Joe’s Pizza“

- Излегување во „speakeasy“ бар (мои омилени: Angel’s Share, The Raines Law Room, Patent Pending, The Back Room, Please Don’t Tell)

- Книжарата „The Strand“- една од најголемите книжари во светот

- Архитектонски градби кои мораат да се видат: музејот Guggenheim, зградата Chrysler, Flatiron Building, The Vessle, Brooklyn Bridge, Rockefeller Center, One World Trade Center

- Grand Central железничката, веројатно најубавата железница која сум ја посетила

ЖМ: Дали планираш да останеш да живееш во САД засекогаш, или некогаш можеби би се вратила во Македонија? (Колку често ја посетуваш нашата земја?)

- Не би можела да кажам засекогаш бидејќи животот не секогаш не носи онаму каде што сакаме, а и засекогаш е долго време. Во наредните неколку години дефинитивно се гледам да останам да живеам во Њујорк, а понатаму некогаш би сакала да се вратам и да живеам во Европа во Лондон или Амстердам. Најчесто преку пролет и лето сум во Европа и тој период сум често во Македонија.

ЖМ: Ти си девојка која постојано патува и посетила многу земји низ светот. Кое место ти оставило најголем впечаток, што би посакала да се преселиш таму?

- Место кое ми оставило најголем впечаток за да би се преселила таму е Амстердам. 


*Д. Караташова Илиоска