Спасе Манев патува низ Македонија, запишува приказни и анегдоти, открива места со исцелителна моќ: Богородица во црно - за рожба, изворот на Св. Петка - за очобол

Македонија е преубава земја со многу неистражени места. Има огромен туристички потенцијал и доколку правилно се управува со туризмот, може многу да се постигне и да стане голема туристичка дестинација како за Македонците, така и за странците. Спасе Манев, туристички водич, има и препорака до секој Македонец: „Што е можно повеќе да ја истражувате Македонија и да ги посетувате туристичките места“.

Интересот за туризмот и патувањата му се појавиле од мал, од основно училиште, кога се сретнал со предметот географија. Уште на почетоците тој предмет му станал омилен и почнала да се создава љубов кон туризмот и патувањата. Во почетокот патувал со семејството, а потоа со пријателите.

- Македонија е мала по територија, но огромна по нејзините туристички места и знаменитости. За да ја дознаам цела би ми биле потребни два животи. Иако сум бил на скоро сите делови низ земјата, сепак таа сеуште не ми е целосно истражена и допрва сметам дека сеуште ќе среќавам интересни места.Со патувањето низ Македонија поинтезивно почнав после 18 години и тие сè повеќе се интезивираа и нема да запрат. Сметам дека сеуште има места што ми се непознати и неистражени во Македонија и дека допрва ќе ги откривам. – вели Манев и дополнува дека организацијата е главен елемент и секогаш се грижи да биде сѐ под конец и добро испланирано.

- Сите мои патувања различно ги организирам. Сѐ зависи од местото кое го посетувам и времето. Некои од нив ги правам буквално во „5 до 12“, а за некои ми требаат денови, па имало некои кои ги организирам и со недели. Повеќето мои патувања низ Македонија се еднодневни, но има и такви кадешто преспивам, но тие се поретки.Секако, се случувало и понекогаш да не е според планираното или турата да има поинаков тек, но тоа е дел од патувањето, не само мој, туку на секој страствен патувач како мене. Секогаш сум подготвен на сè. – појаснува тој.

Секое место во Македонија е посебно доживување. Каде и да е супер си поминува и ужива во местото и природата. Тешко му е да го одбере омилено место.

- Македонија е планинска земја и со бујна вегетација на многу места низ државата. Имаме цели села и градови кои се опкружени со зеленило, како Берово и Демир Капија, селата Серменин, Осој, Брајчино, Папрадиште, Железнец, Кожле, Зрновци итн.Освен местата со бујна вегетација, тука е Мариово, кое е спротивно од тоа. Тоа што во мариовскиот регион нема бујна вегетација, не го прави помалку атрактивен. Мариово е многу малку посетено и истражено, но ако се видат сите негови убавини, би ве воодушевило.Каде и да тргнете да патувате низ Македонија, ќе најдете интересно место, само треба волја за патување и истражување. Освен природните и културните знаменитости, Македонија има многу легенди и приказни, кои секојдневно привлекуваат бројни домашни и странски туристи.Од попознатите приказни и места со исцелителна моќ и вода, ги имаме иконата Богородица во црно во манастирот Калишта, изворот во црквата Св. Петка во близина на Демир Капија, иконата Пресвета Богородица во црквата Св. Петка во Црниче итн. Дел од народот верува дека чудотворните икони им помагаат на верниците кои ќе се помолат за да им даде рожба, додека лековитите води од изворите ги лечи од очобол. – открива Манев, според кој „постојат и многу интересни легенди, кои кога ќе ги слушнете, ќе ве привлечат да го посетите местото“.

- На излезот од Штип, на патот кон Караорман, има неколку стари камења кои се претпоставува дека потекнуваат од Железно време. За овие камења постои една интересна легенда:Во месец април времето се подобрило и бабите се израдувале на сонцето и решиле да го пасат своето стадо кози под падините на планината Плачковица. По патот ги сретнале неколку луѓе и им рекле да не одат да го пасат стадото, бидејќи времето не било добро и дека „Сечко“ (февруари) ќе ги покаже забите.Бабите на тоа рекле: „Тиц кози јарина, серам Сечко брадина!“
Сечко ги слушнал овие зборови, се налутил и ја замолил Марта да му даде 3 дена. Со големи студови и силен ветер ги скаменил бабите и нивните кози.
Во годините кога времето од 14 до 20 март е сончево, се вели дека бабите се добри, а во оние години кога е студено, дека бабите се лоши.

- Во близина на Велес, на патот кон Градско, има една карпа која се нарекува ,,Црн камен".Според народните верувања, оваа карпа има исцелителна моќ. Ова место треба да се посетува секој четврток од Велигден до Спасовден.
Посетителите што го посетуваат местото често со нив си носат детска и друга облека или мали пешкирчиња и ги врзуваат за гранките на дрвата што се наоѓаат пред карпата.Доколку некој што е болен не може да дојде, треба да му даде на некого од својата облека и тој да дојде и да ја закачи за него овде на гранките од смоквата пред карпата.Од карпата тече мал водопад и пред водопадот треба да свртите три мали кругови околу местото каде што паѓа водата. Се верува дека ако водата ве потопи, тогаш не сте грешни пред Бога, но доколку ве избегне, тогаш сте грешни. Откако ќе направите три круга околу водопадот, се зема камче за среќа, се замислува желба и се чува камчето до следната година кога ќе дојдете овде после Велигден. Големите капки од водопадот често го менуваат местото на паѓање на водата, па ова би било одличен предизвик за сите посетители. – раскажува Манев, кој сето ова го има срочено и во својата книга „Патувања низ Македонија".

- Таа е туристичка книга, во која се прикажани фотографии и информации од туристичките места низ Македонија. Книгата опфаќа археолошки локалитети, цркви и манастири, споменици на природата, пештери, водопади, културни знаменитости итн. Книгата ја пишував околу година дена и е издадена на 10 април 2023година. Идејата за да напишам книга дојде од моите патувања и љубовта кон мојата татковина Македонија. – заклучува тој.


Соња Алексоска Неделковска