Соња Аврамоска го изгуби својот син единец во автобуската несреќа кај Ласкарци, а две години подоцна и сопругот: Секој ден ги посетувам нивните споменици - тие ми даваат сила

Во животот можете да изгубите сè, но ниеден родител не треба да го надживее и погреба своето дете. Тоа е нешто најболно на светот. Траума која никогаш не исчезнува. Добриот однос меѓу партнерите е од пресудно значење во такви животни околности. Но, кога ќе го изгубите и сопругот и ќе останете сама, само со спомените, ви треба голема сила да го издржите тој силен удар во животот, да опстанете и да продолжите да живеете.

Ова е судбината на Соња Аврамоска (57) која пред пет години на денешен ден, во страшната автобуската несреќа кај селото Ласкарци го изгуби својот син единец Бобан. Две и пол години подоцна почина и нејзиниот сопруг.

-Тој кобен ден тројцата заминавме за Скопје. Бобан имаше испит. Но, испитот се одложи и бидејќи имаше свои други активности, ни рече дека ќе остане во Скопје и ќе дојде со автобус. Тоа не беше прв пат да го однесеме за Скопје, а тој да се врати подоцна. Со сопругот се вративме дома, а тој остана. Го оставивме во центар во Скопје, се поздравивме, му мавнавме, а тој ни рече: „Ќе ви се јавам кога ќе тргнам.“ Бобан беше многу одговорен. Истиот ден пред 16 часот ми се јави и ми кажа дека завршил со обврските и дека ќе си дојде со автобусот во 16.15 часот. Последен пат се слушнавме во 17 часот и рече: „Сега ја поминавме првата патарина.“ Мојот сопруг требаше да го пречека во Гостивар. Кога Митко во 17.45 ми се јави да ми каже дека го нема автобусот, случајно на Фејсбук видов дека се случила несреќата и двајцата заминавме за Скопје. По долго барање по болниците, ја добивме најлошата вест. – со грутка во градите и солзи во очите почнува да ја раскажува својата страшна животна приказна и додава дека тоа е нејзиниот најтажен ден во животот. А од тогаш сите денови се такви.

-Бобан се роди 16.12.1997 година. Имаше само 21 година и два месеци, откако животот му го скратија. Беше дете со ведрина, позитивна енергија и харизма. Каде и да се појавеше, оставаше голем впечаток. Кој еднаш го запознал, никогаш не го заборава. Секогаш се стремеше за правда и искреност. Беше многу хуман и имаше разбирање за проблемите на луѓето и секогаш бараше начин како да им помогне. Особено ги почитуваше постарите луѓе. Кого и да прашате за Бобан, секој ќе ви каже дека беше посебен, еден и единствен. – раскажува Соња.

Студирал моден дизајн на ФОН. Љубовта кон дизајнирањето и модата се родила уште од мали нозе. Сам почнал да шие и да прави парчиња облека со игла и конец и тоа во мали димензии. Не сакал никогаш недовршени работи. Но, останаа недовршени неговите креации и иднината.

-Секогаш велеше: „Кога ќе пораснам, ќе бидам моден креатор во Париз или Милано.“ Ја сакаше модата и облекувањето со стил. Негова парола беше: „Убавината е во едноставноста, модата се менува, но стилот е вечен.“ Сонуваше да стане познат дизајнер и се стремеше кон тоа, ја следеше својата интуиција. Беше весел, одговорен, културен, воспитан, сочувствителен, вреден, истраен и упорен во својата цел. За него беше важен моментот, и животот треба да се живее во моментот. Секогаш се бореше за својата цел и бараше начин како да ја постигне, се радуваше на својот успех, но и на успехот на другите. Сакаше дружење, го сакаше семејството, ги почитуваше семејните прослави, слави, родендени, сакаше изненадувања. Го сакаше животот. Никогаш не ги покажуваше своите проблеми пред другите. Колку и да го мачеше нешто, секогаш се трудеше да изгледа среќно. Ние тројца бевме многу блиски и отворени еден со друг. Секогаш се поддржувавме, заеднички ги донесувавме сите одлуки. Бевме многу поврзани. Ја заврши обуката за манекен во модното студио „Црнокрак“. – го опишува Соња својот син, кој освен кон дизајнерството покажувал и љубов кон музиката.

-Љубовта кон музиката ја имаше уште како мал. Ги следеше и беше голем фан прво на учесниците на македонски „Идол“, а потоа и на „Ѕвездите на Гранд“. Јана Бурческа и Билјана Ѓошева му беа идоли, со кои подоцна и се спријателија и приватно. Одевме заедно на нивните настапи. Ѕвездите на Гранд ги следеше од почетокот од 2004 година. Кога порасна, од свои 16 години од жирото во „Ѕвездите на Гранд“ идол му беше Јелена Карлеуша, поради нејзината храброст, отвореност и интелигенција и сакаше да се запознае со неа. На 30.01.2017 година отидовме на снимање на емисија на „Ѕвездите на Гранд“ во Белград. Тоа беше незаборавно доживување. Бобан седеше веднаш зад Јелена, се фотографираше со неа. Повеќе пати присуствуваме на шоуто, атој секогаш имаше посебно место во публиката – зад Јелена. Беа во комуникација и на социјалните мрежи и постојано ја поддржуваше. Јас, Бобан и сопругот секаде одевме заедно. Најголема среќа за еден родител е да биде сведок на среќата на своето дете. Тоа е чувство кое никогаш не се заборава. Одевме на настапите на Јелена и Бобан објавуваше фотографии со неа, таа го обожуваше. На кобниот ден Јелена Карлеуша на нејзиниот Инстаграм профил и на Фејсбук изрази сочувство за Бобан, а тажната вест ја добила на снимањето на емисија на „Ѕвездите на Гранд. Милица Павловиќ беше негов идол и со неа лично се запозна и останавме во контакт. Бобан сакаше патувања. Новата 2019-та година ја дочека во Милано. На 30.01.2019 му беше последното патување во Белград на МАСС. – вели Аврамовска.

Откако го изгубиле Бобан, Соња и нејзиниот сопруг Митко си биле поддршка еден на друг во најтешките мигови. Но, судбината и овој пат била немилосрдна кон неа. – Мојот сопруг Митко имаше 54 години кога замина. Од тага за Бобан, ден пред судењето, од срцев удар на своето работно место во МВР – Гостивар. Беше раководител, а подоцна инспектор во Крим полиција во Гостивар. Одевме на секоја расправа за судењето, кое беше мачно и понижувачко, и беше голем стрес, но борбата за правда нè одржуваше. – посочува таа.

Аврамоска е дипломиран правник и работи како советник во Министерство за финансии во Гостивар. Вели дека и покрај сè, вербата во Бог е голема.

-Никогаш нема да се навикнам дека го нема Бобан. Тој е овде секогаш со мене во секој миг од мојот живот, тој е секој мој здив. Знам дека постои и дека живее. Во секојдневниот живот имам голема поддршка од моето семејство. Од брат ми, снаата, внуците, сестрата, зетот, како и од семејството на мојот сопруг Митко, кои живеат во непосредна близина, во Зубовце. Неговата тетка Аница Исакоска беше иницијатор да го прифатам ова интервју и ми даде голема поддршка. Таа многу го сака Бобан. Благодарна сум им на сите овие луѓе кои никогаш не ме оставаат сама, ме поддржуваат и ми даваат сила, заедно со Бог, Бобан и Митко, да издржам и да се борам. Се учам да живеам со болка, но одам гордо исправено, затоа што сум горда мајка на еден таков син Бобан и таков сопруг како Митко. Секој ден ги посетувам нивните споменици со свеќи за светлина. Знам, тие не се таму. Тие живеат, ме гледаат, ми даваат сила. Животот после Бобан не е живот, тоа е само преживување. Благодарна сум му на мојот син Бобан што ми даде 21 година живот. Живот во вистинска смисла на зборот. Имам напишано многу песни за мојот син. Пишувам и книга за неговиот живот. Ако даде Бог, ќе ја довршам и ќе ја објавам. – дополнува Соња.

Пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци во која покрај нејзиниот син, животот го загубија 15 луѓе, ја дочекала во судницата.

-Сите ние оштетените, кои пет години се боревме за правда, кои бевме таму тој ден, решивме плачејќи тивко, со болка во нашите срца, достоинствено да ја слушнеме пресудата, без недолични реакции. Достоинствено и цврсто се боревме пет години и овој ден ќе го издржиме. Пресудата за Ласкарци е голем срам и неправда. Нека се срамат и нека живеат со совеста тие што ја направија оваа неправда. Во автобусот на смртта секој можел да биде тој ден. Но, борбата продолжува. – посочува Аврамоска на крајот од нашиот разговор.

Соња Алексоска Неделковска