Со семејството се преселивме поради работни обврски на сопругот: Елена Петреска за животот во Белгија

Поп-пејачката Елена Петреска од неодамна се пресели во Белгија. Таа за Женски Магазин вели дека ваквата одлука како семејство ја донеле поради понудата за работа на нејзиниот сопруг Андреј и не била лесна. Подолго време размислувале пред да го направат овој чекор.

„Тука сме дојдени со дипломатски статус и договор од неколку години, со можност за негово продолжување. Првите впечатоци за Белгија ни се прекрасни, не калкулираме уште од сега дали и колку време ќе останеме, но навистина ни се допаѓа животот тука“, вели Елена.

Најблиските за нивната одлука биле збунети бидејќи никогаш не планирале да се преселат од Македонија.

„Кога се соочивме со реалноста беше навистина емотивно и тажно, посебно со моите родители и со брат ми. А секако многу ми беше тешка разделбата од моите колеги од Националната опера и балет, мојот втор дом, мојата љубов“, раскажа пејачката.

Веќе пет месеци Елена со сопругот Андреј, ќерката Софиа и синот Михаил живеат во Белгија. Вели дека многу брзо и лесно се адаптирала на начинот на живеење на Белгијците и нивниот менталитет, што веќе дури се чувствува како дома.

„Многу се топол народ, сите се љубезни, кога се разминуваме на улица со насмевка велат „Bonjour“. Ако ги прашаш нешто се ќе направат за да ти помогнат. Многу се смирени, никаде не брзаат, дури и премногу се бавни во споредба со нас. За се треба да се закаже термин, сите чекаат смирено ред во маркет додека касиерите си разговараат меѓу себе опуштено како никој да не чека, и никој не се буни, се е мирно и со убава енергија, дури мир се чувствува и во воздухот“, вели Елена.

Белгијците ги доживеала како дружељубиви и емпатични луѓе, кои имаат слична улична хигиена како кај нас. Сообраќајниот метеж во местото каде живеат е решен со повеќе обиколници кои одлично функционираат.

„Монс е во секој случај помало место во споредба со Брисел, па така и сообраќајот е порелаксиран“.

Во моментов живеат на 50 километри од Брисел, во Монс, град во кој доминира уметноста, каде има арт факултети, музеи.

„Работата во опера ми недостасува многу, тоа е мојата љубов. Настапите со мојот бенд се намалени, но секако дека ќе доаѓам на сите договорени. Во моментов не работам, веќе стекнувам контакти со музичари и наскоро ќе почнам со настапи тука. Добив и две понуди за соработка со белгиски композитори, но сега за сега ништо не сум одлучила, некако се препуштам на времето да ми покаже на што да се фокусирам“, вели пејачката.

Најмногу е импресионирана од чувството за уметност, како и од префинетиот вкус кога станува збор за уредување на просторот.

„Исто така можноста да се изразиш себеси во најдобро светло без да чувствуваш притисок што ќе кажат луѓето зошто тука никој не се заморува со тебе. И најдоброто нешто е што сме некако на златна средина помеѓу прекрасни земји соседи, па имаме можност за нешто повеќе од два часа да бидеме во Амстердам, Париз, Лондон“, рече Елена.

Иако е далеку од дома, во Белгија веќе има пријателки од Македонија кои подолго време живеат таму, со нив често се дружи, па може да испие едно кафе, но и да и дадат по некој совет или да ја насочат кога нешто не ѝ е јасно.

Приспособувањето на новата животна средина е потежок процес за децата. Во случајот на Елена, нејзиниот син Михаил бил тој што со задоволство го прифатил новиот предизвик.

„Михаел беше многу возбуден и едвај чекаше да дојдеме тука, а Софиа поемотивно го доживеа селењето, и сè уште и недостасуваат другарчињата од Македонија. Но двајцата одлично се снаоѓаат во школо, брзо се адаптираа зошто школото е интернационално и сите деца се дојдени од некаде па така и моите не се чувствуваат поразлично од другите дечиња“, раскажа Петреска.

За уличниот стил на облекување нејзиниот впечаток е дека луѓето се многу едноставни, ненаметливи, но носат квалитетна и брендирана облека.

„За разлика од кај нас секој може да си дозволи убави парчиња, не зошто има многу пари, туку дека во сооднос со платата гардеробата е со нормални но и често акциски цени. Исто така многу ми е интересно што има луѓе што шетаат боси, дотерани, средени но без кондури. Тоа го забележив неколку пати и им се восхитувам што толку се ослободени од што ќе кажат другите, и толку никој не се заморува со никого, едноставно душата ти е помирна кога не го чувствуваш тој товар од околината“, раскажа Петреска.

Во однос на јазичната бариера вели дека со сопругот знаат доволно француски за да се снајдат, бидејќи овој јазик го изучувале во основно училиште.

„Не е лесно понекогаш, но како што кажав Белгијците се многу топол народ и се трудат да помогнат иако поголемиот број не знаат англиски. Но има и многу што знаат така да се снаоѓаме. А и ова ни е мотив плус за да го совладаме францускиот јазик“, вели Елена.

Поради взаемната поддршка како семејство, засега не и го поттикнало чувството за носталгија, затоа штокако што вели самата сè уште е рано. Но и пред Нова Година ги имаат резервирано првите билетите да си дојдат дома на неколку денови.

Фото: Инстаграм

Габриела Додевска Глигоровска