Сите деца треба да растат со театар: Одблиску со актерите Васко Мавровски и Јулијана Мирчевска по повод 10 години „Битолино“ - детскиот театарски фестивал

„Како во големите приказни, оние што навистина нешто значат, кои се полни со темнина и опасности и понекогаш посакуваш да не го дознаеш крајот, бидејќи како би можел крајот да биде среќен? Како би можел светот да се врати онаков каков што бил, кога толку многу лоши работи се случиле? Но на крајот, сето тоа е минливо, дури и темнината, и кога сонцето ќе заблеска небото повторно ќе биде сино и чисто. Тоа се приказните што се за паметење, кои значат нешто, дури и да си премногу мал за да ги разбереш. Луѓето во овие приказни имале многу шанси да се откажат, но не се откажале. Продолжиле понатаму, зашто верувале во нешто, во тоа дека има и добро на овој свет и дека е вредно да се бориш за него, продолжете да сонувате со отворени очи.“ Ова е само дел од пораката која професионалните актери Васко Мавровски и Јулијана Мирчевска, веќе 11 години ја пренесуваат на децата, на публиката, создавајќи го првиот професионален детски театар во Битола - БАБЕЦ ТЕАТАР.

Васко и Јулијана сонуваат со отворени очи, создават со љубов кон театарот и децата. 

Инаку Васко е внук на доајенот на битолското и македонското глумиште, Петар Стојковски Бабец, кој всушност бил првиот иницијатор, уште во далечната 1968 година, за формирање на детски театар и бил еден од основачите на Детскиот театар – Битола, кој во негова чест по неговата смрт го носи неговото име Детски театар Петар Стојковски Бабец – Битола.

Веќе и научно се докажани придобивките на децата од дружењето со театарската уметност, од посетувањето на театар.Тука се придобивките за нивниот развој, подобрена емоционална интелигенција, моќ за дискутирање на тешки теми, подобрувањето на социјалната поврзаност. Па така, пред 11 години во Битола се одигра премиерата на претставата „Готвејќи го Шекспир“ со која се означи и официјалниот старт на работата на Бабец театарот.

Следешуваше создавањето на Интернационалниот детски театарски фестивал - Битолино и детската театарска школа - БАБЕЦ , кои на конгрес во Индија едногласно беа избрани и станааа дел од Светската асоцијација на детски театри, а подоцна се приклучуваат на Асоцијацијата на детски театри од југоисточна Европа, но тука е и збратимувањето со театри од Русија и Хрватска итн.

Создадоа 30 претстави, играа по градови и села, се сретнаа со над 50.000 деца, создавајќи пријатели од Аргентина до Египет и никогаш не се откажаа од нивниот сон.

Оваа година Битолино го одбележува своето јубилејно 10-то издание, кое поради ситуација со коронавирусот и сè со цел заштита на здравјето на публиката, се одржува во еден нов формат, односно онлајн, со што претставите се следат на јутуб-каналот и на веб-страницата на „Бабец театар“. 

Логистичка поддршка за фестивалот е од Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.

На јутуб-каналот на театарот се прикажуваат пет претстави кои во минатите изданија на ИДТФ „Битолино“ ја освоиле наградата Гран-при за најдобра претстава и тоа: „Не можеме да останеме на ова“ во продукција на театарот Тијатротем од Истанбул, Турција, „Валкано крило“, една од најнаградуваните претстави во историјата на детскиот театар, во продукција на Зуазола куклената компанија од Сантјаго, Чиле, потоа претставата на театарот Мала сцена од Загреб, Хрватска со наслов „Смешно чудовиште“, „Четири басни и Кралицата“ во продукција на Рути Тамир театарската компанија од Модин, Израел и претставата на збратимениот театар од Санкт Петербург, Русија, „Малиот принц“. 

За почетоците на Бабец театарот и театарската школа Битолино поразговаравме со Васко и Јулијана.

* Да ги информираме нашите читатели како дојдовте до идејата за основање на Бабец театарот?

- Идејата за создавање на Детски театар во Битола се роди кон крајот на 2002 година. Неколку месеци подоцна беше формиран Детски театар во кое беа вклучени неколку актери од НТ Битола, театарски режисери, продуценти, социјални работници, педагози, правници, економисти итн.

За многу краток временски период во соработка со УНДП успеавме да обезбедиме донација во вредност од 120.000 долари средства кои беа наменети за оспособување на веќе постоечки простор, но поради несогласувања со тогашното Министерство за култура и Општина Битола овој проект заедно со донацијата од УНДП пропадна.

За да ја докажеме потребата од создавање и функционирање на Детски театар во Битола со помошта на неколкумина бизнисмени и граѓани љубители на театарската уметност направивме пилот детска театарска претстава со наслов „Снежана и седумте џуџиња“ која се прикажуваше во просториите на киното „Македонија“ во Битола. Беа одиграни седум претстави пред околу 1500 деца, последните две претстави беа продадени на билетарата кое дотогаш не беше замисливо да се случи за една театарска претстава. Добивме најпозитивни оценки од страна на колегите, педагозите и директорите на училиштата и од комплетната битолска јавност која безрезервно нè поддржа за да продолжиме со работа на нови детски текстови. 

Во 2005 година повторно на наша иницијатива поднесовме барање за создавање на Театар лабораторија во чии рамки би работел и Детскиот театар, за таа цел побаравме да ни се додели салата на киното „Партизан“ во Битола, но исто како и првиот пат се се заврши  без конкретен резултат.

Со помош на спонзорства, донации и сопствени средства успеавме да реализираме уште четири премиери, а по склучувањето на спогодбата за соработка со Центарот за култура во Битола во 2010 година и официјално го формиравме Здружението за култура и уметност Детски театар – Битола. Во чест на нашиот колега и еден од основачите на овој театар со одлука на управниот одбор здружението е преименувано во БАБЕЦ ТЕАТАР - БИТОЛА.

Следејќи го развојот на младите поколенија кои за жал сè повеќе и повеќе ја губат и онаа основна театарска култура, половичната посетеност на театарските претстави кои се продадени во основните и средните училишта која се поврзува со неадекватни за нивната возраст - претстави кои им се прикажуваат и од друга страна желбата на најмладите да се занимаваат со театар, потребата од создавање на нивно катче во кое би ја канализирале нивната нескротлива енергија, историската можност за создавање на здраво театарски потковано поколение кое во иднина треба да биде чувар и создател на македонската култура и уметност, не обврза да создадеме една нова институција која ќе им овозможи остварување на фантазиите на илјадници деца и ќе им отвори простор за креација и избегнување на многуте зла на новото време.

* Какво е чувството после 10 години континуирано одржување на детскиот фестивал Битолино?

- Веројатно периодот од 8 години во кој со многу анализи, планови и пресметки го создававме „Бабец театар“ ни даде можност да ги разгледаме сите недостатоци во градот, а и пошироко поврзани со театарот за деца. Токму затоа само една година по стартот со работа на театарот го создадовме и првиот и сè уште единствен во Македонија интернационален детски театарски фестивал. Во овој проект влеговме со многу ентузијазам и љубов, добивме огромна поддршка од Светската асоцијација на детски театри, поконкретно со техничкиот секретар, во тоа време, Ивица Шимиќ кој се заложи и работеше на промоција на „Битолино“ како да е негов личен проект и за тоа ќе му бидеме вечно благодарни. Растевме со секое издание и рушевме рекорди во број на претстави и посетеност до еден период кога светот го зафати криза и некако животот замре. Чувството после 10 години организација на еден детски театарски фестивал е непроценливо, среќата и гордоста за она што го создадовме, но и што успеавме да го одржиме во живот, но и личната сатисфакција односно остварувањето на сонот е нешто за кое вреди да се живее.

* И двајцата сте професионални актери на Битолскиот театар. Што ве поттикна за формирањето на овој фестивал?

- Љубовта кон децата и театарот или детскиот театар, тоа дефинитивно е одговорот. Свесни за недостигот од театарска култура кај децата, но и неможноста да посетуваат и гледааат театар беше пресудно за формирање на „Бабец театар“, а потоа и „Битолино“ кој ги рашири видиците на публиката која имаше можност од прва рака да види со што се занимава светот на полето на театарот за деца. Другата причина за формирање на фестивалот беше и можноста преку „Битолино“ лично да се надоградиме како актери, да размениме искуства со наши колеги, да видиме и да дискутираме за различни естетики и на крајот да се презентираме себеси како актери кои создаваат претстави за деца. После „Битолино“ во Битола ништо повеќе не е исто, а за тоа најзаслужна е нашата публика која 10 години со нетрпение ги очекува трите фестивалски дена кои станаа празник за сите сетила.

* Колку театри гостувале до сега на фестивалот и од каде?

На изминатите десет изданија на фестивалот настапиле 34 театри кои одиграле 59 претстави со посетеност од околу 12.000 гледачи. Во Битола настапиле театри од 24 земји односно 4 континенти. На наше огромно задоволство, но и на задоволство на публиката сме имале можност да бидеме домаќини на театри од Аргентина, Египет, САД, Русија, Ерменија, Израел, Чиле, Италија, Шведска, Австрија, Велика Британија, Турција, Франција итн.

* Со кои театри сте збратимени?

- Во овој краток период на постоење успеавме да воспоставиме соработка на повисоко ниво со повеќе театри. Првата конкретна соработка на заеднички проект се случи во 2013 година со Државниот детски театар „Портите на Нарва“ од Санкт Петерсбург, Русија. Заедно ја продуциравме претставата работена според романот на Оскар Вајлд „Кантервилскиот дух“ во која учествуваа четири актери од Русија и четири македонски актери од „Бабец театар“. Претставата премиерно се одигра на „Битолино“, а неколку месеци подоцна и на матичната сцена на нашите пријатели во Русија. Неколку години подоцна се случи соработката со театарот „Мала сцена“ од Загреб кој несебично ни помогнаа во реализацијата на нашиот проект „Театар од пелени“ и ни ги отстапија авторските права на две нивни претстави, тука не смееме да го заборавиме и Роберто Фрабети, основоположник на театарот за деца под две години кој ги препозна нашите сериозни намери за промоција на ваков тип на театар во Македонија и ни ги отстапи авторските права на неговиот текст „Приказна за облакот“. По формирањето на театарската школа ја интензивиравме соработката со нашите пријатели од Софија, Бугарија, односно со театарската школа „Аркадија фјужн арт“ со кој преговараме за нов заеднички проект кој заради пандемијата е пролонгиран за некои подобри времиња.

Понуди за соработка и заеднички проекти сме имале многу но за жал голем дел од нив не сме ги реализирале поради финансиски средства, немањето на свој простор, но и она што сме го реализирале е повеќе од доволно за една млада театарска компанија како нас. 

* Оваа година е јубилејно издание. Што научивте за овие 10 години во контекст на организирање на фестивалот?

- Со сигурност ја потврдивме вистинитоста на тврдењето дека нема втора шанса за прв впечаток, односно дека грешките од човечки аспект не се дозволени и се треба да тече беспрекорно точно од моментот на добивање на апликацијата за учество до заминувањето на театарот од Битола. Со тек на времето научивме „машинеријата“ која работи и стои зад организацијата на Битолино да ја активираме од фаза во фаза, кога зборуваме за „машинерија“ под тоа ги подразбираме повеќе од 30-тина луѓе, односно туристички работници, волонтери, превозници, хотелиери, технички служби, креативци итн. Од искуството можеме да кажеме дека работниот ден додека трае фестивалот е буквално 24 часа со мали интервали за одмор, додека се занимавате со решавање на еден проблем, започнувате да размислувате за решение на следниот проблем кој се појавил на друго место, а со тек на време се навикнувате да го неутрализирате стресот и стравот од помислата дека 3 дена сте одговорни за повеќе од 50тина гости, кои имаат најразлични, понекогаш нереални, побарувања од вас.

Досега успевавме да одолееме на сите предизвици и да ги задоволиме и оние најприбирливите. Заклучокот на крајот е дека секој искрен пристап и огромната желба за успешна реализација се доволни за успех, солзите при секоја разделба со екипите кои учествувале и долгите писма со благодарност за гостопримството и одличната организација се нашата сатисфакција и мотив да продолжиме понатаму. 

* Каде ќе се движи фестивалот после овие 10 години? 

- Не би сакале да звучиме песимистички, но во следните неколку години цел свет го очекува голема економска криза, а за жал театарот е првата гранка која ќе доживее финансиски рестрикции и тоа во превод би значело дека ќе треба да вложиме многу напори за да го одржиме фестивалот во живот. Имаме големи планови за развој на фестивалот и контакти од многу големи европски компании кои ни се мечта да ги видиме во Битола и сметаме дека со многу работа, посветеност и љубов кон театарската уметност на крајот ќе успееме и дека децата во Битола кои пред десет години биле второ одделение, а сега се полнолетни, за десет години ќе имаат сè уште можност сопствените деца да ги донесат на „Битолино“.

* Колку претстави продуцирал Бабец театарот?

- „Бабец театар“ продуцирал 30 претстави, 20 премиери на професионални детски театарски претстави и 10 премиери на нашите млади актери од театарската школа „Бабец“. За сето ова да го реализираме сме инвестирале околу 5 милиони денари и околу 45.000 деца имале можност да ги погледнат истите. „Бабец театар“ на својот репертоар ја имал праизведбата на култното македонско дело за деца „Зоки Поки“, првата куклена претстава со кукли марионети „Мачорот в чизми“, првите три претстави наменети за деца под две години „Патувањето на еден облак“, „Приказна за тркалото“ и „Приказна за светлото“ и уште многу интересни претстави кои децата ги паметат до ден денес.

* Минатата година вашата заедничка креативност отиде во правец на онлајн приказните. Кажете ни нешто за истите?

- Почетокот на пандемијата значеше крај на сите наши ангажмани. До моментот кога верувавме дека затворањето ќе биде две-три недели, бевме среќни дека малку ќе одмориме, но веќе по првата недела далеку од театрот моравме да најдаме начин да се ангажираме, но да им помогнаме и на нашите деца, а и на сите други да ги одвлечат мислите далеку од реалноста. Па така се случи и снимањето на приказните во домашна атмосфера. Сите дома бевме ангажирани околу изборот на приказните, сценографијата... и така се забавувавме и создававме нешто кое не очекував дека ќе разбуди толкав интерес, но добро што нè потсетивте, зашто пред нас е уште една долга зима... а, толку многу приказни останаа нераскажани.

* Но, тука не застанавте. Ја продуциравте и првата радио драма на „Бабец театарот“. Од каде идејата за истата?

- Драмскиот текст „Новогодишен сон“ на Јулијана Мирчевска кој го поставивме и игравме пред 10-тина години го адаптиравме и снимивме во професионално студио.  Мислам дека таа идеја произлезе од неколку кратки соработки со Васко Кулуковски кој e заслужен за аранжманот и монтажата на радиодрамата. Снимена е една година пред пандемијата и размислувавме како да ја пласираме во јавноста. Но, за време на пандемијата ја објавивме на Јутјуб,односно ја подаривме на најмладата публика. Во неа покрај нас учевствува и Петар Живковиќ кој е долгогодишен член на театарската школа, а го позајмува гласот на ликот Марко. Овој проект ни е многу драг. 

* Каков е предизвикот да се води театарската школа и колку дечиња биле дел од истата?

- Задоволство, но и голема одговорност е работата со деца. Во моментот кога запревме со проби, поради пандемијата, школата броеше 30 деца. Спремавме две претстави, и бевме месец дена пред премиера. За жал тие претстави не се случија. Но, интересот кај децата не запре, во првата прилика ќе продолжиме со работа. 

* Кои се условите доколку некој сака да биде дел од истата?

- За некој да биде член во мојата школа единствен услов е да сака театар. Но децата за актерската игра некогаш имаат поинаква претстава, некои кога ќе видат колку треба да се чита, па и да се учи не се баш среќни, а некои се восхитени. 

Јас сметам дека секое дете има потенцијал во себе, затоа ги примам сите без аудиција. Аудициите се стресни, особено за децата. Децата се многу креативни и со правилно насочување секое дете постигнува напредок, чекор- два повеќе од својот претходен максимум. Во школата јас не образувам идни драмски актери. Да, некои ќе ја изберат таа професија, но другите ќе ги подобрат своите вештини во изразувањето, ќе ја разбијат тремата за јавен настап, ќе ја развиваат креативноста, емпатијата, љубовта кон убавото, односно кон уметноста.

* Какво е чувството да се воведуваат децата во маѓичниот свет на театарската уметност?

- Па јас се препуштам на нив, тие да ме воведат во нивниот магичен свет, а јас тоа го поставувам на сцената. И така заедно креираме. И кога заедно ќе создадеме претстава која едвај чекаат да ја играат, а јас уживам да ја гледам на секоја проба, ја прикажуваме на најблиските - родителите. И кога на крај ќе ги видам нивните среќни лица, родителите обично се изненадуваат од сопствените деца, па кога ќе ми пријдат децата да ме прашаат кога е следната изведба или што ќе правиме следно,  чувството е бесценето. Не се опишува со зборови.

* Сонувајте со отворени очи, е вашето мото. Кој би бил вашиот совет токму кон дечињата кои зачекоруваат кон осознавање на театарскиот свет?

- Сите деца треба да растат со театар! Тоа е еден мој генерален совет или би рекла повеќе желба. Не мислам дека сите треба да застанат на сцена, но сите деца треба да одат во театар, да гледаат претстави. Гледајки или играјќи претстави учиме за животот на другите луѓе. Создаваме сопствено искуство преку ликовите на сцената. Позитивните и негативните животни искуства ги доживуваме индиректно.Театарот е најдобриот начин на децата да им испратите животно важни пораки. Затоа е многу важно децата да растат со креативни, квалитетни и соодветни претстави за нивната возраст.

Неда Маретиќ