Романтичен сум, често ѝ изјавувам љубов на Билјана, таа тоа го заслужува: Предновогодишно со Денис Космонаутко

Многумина од нас, првото утринско кафе, последниве две години го пијат со него. Иако Денис Јанкуловски, медицинскиот техничар од Центарот за јавно здравје познат како Космонаутко не пие кафе, уште пред пет наутро, тој е расонет и свеж. Станува онлајн друштво за кафе на многумина уште во 6, кога на Фејсбук јаа пее својата прва песна. Досега, за да нè развесели во ова корона време, има испеано 600 песни, од Тоше, преку Здравко Чолиќ до Дејвид Боуви. Повеќето ѝ се посветени на неа, неговата Билјана која му е љубов на прв поглед од студентските денови, а денес се родители на два сина.

Најпозитивниот наш лик во време на пандемијата, токму кога најмалку го има она вистинско празнично дружење во живо, нè враќа назад, во времето кога новогодишните честитки со љубов се праќаа, по пошта.

*Изминативе денови создавате магија со новогодишните честитки со ваш потпис и вашиот заштитен знак „гуш и бац“. Во време на онлајн живот и комуникација, нè враќате во старите добри времиња, кога пишувањето новогодишни честитки значеше многу. Од каде идејата?

-Пред да ни дојде коронава заедно со многу мои пријатели бевме доста активни на тема инклузија, имавме преку цела година настани, што забави, необични родендени, разни работилници како и новогодишни забави. Откако го ставив скафандерот сето тоа застана, за жал и некаде лани на почетокот на декември ми дојде идеја да поделам честитки додека одам на терен и земам брисеви. Минатогодишните новогодишни честитки ги добив од Детската амбасада Меѓаши а оваа година дизајнот е на мојот голем пријател и маестрален дизајнер Зоран Кардула кој го долови токму она што го посакував, ретро класична честитка. Космонаутска.

Честитките се мој начин во ова лудо време кога речиси и да не се гледаме како да комуницирам со луѓето. И да покажам дека има некој што мисли на нив.

*Како ќе се дистрибурираат овие честитки, кој ги добива, и какви се реакциите досега?

-Дистрибуцијата е на неколку начини, како што веќе споменав додека одам на терен и земам брисеви истовремено давам и честитка, потоа тука се и вредните поштари кои како и лани и оваа година ќе остават голем број честитки во сандачињата, но бидејќи оваа година се работи за една поголема бројка, контактирајќи со многу лица успеав со нивна помош да поделам бројни честитки во разни институции кои работат со лица со попреченост, од типот на училишта, дневни центри, едукативни центри, здруженија, па тука се и групни домови....

Ги добиваат оние кои јас ги познавам, оние кај кои сум бил овие две години за брис а ќе се сетам на нив, оние кои не ги познавам но на некој начин имам нивна адреса. Јас би сакал да можам на секое дете да му дадам честитка. Знам дека е можеби неизводливо или тешко изводливо но којзнае, можеби еден ден и тоа ќе ми се оствари, ова е само втора година која би сакал да прерасне во традиција.

Лани поделив 900, оваа година 2300 честитки. Се надевам како ќе трае традицијата така ќе расте бројот на Космонаутки новогодишни честитки. И она што особено ме радува е што оваа година честитки ќе добијат и многу деца од многу градови низ Македонија.

Она што мене ми е првенствено битно е инклузивноста и во оваа предновогодишна магија. Сакам што повеќе од лицата со нетипичен развој да ги израдувам со честитка, да знаат дека мислиме на нив, ги сакаме и сакаме да сме заедно.

*Какви спомени од детството ви будат новогодишните и божиќните празници, како ги поминувавте?

-Растев во период кога дружбата ни беше водилка во животот, па така и спомените од детството се бројни и прекрасни. Се’ уште ги памтам секојдневните проштеки на новогодишниот панаѓур на Сајмиште, кога мислам дека цел ден одев прво како мал со моите потоа и сам и со другарите низ сите пет преполни и шарени хали, купувањето лампиони во секакви форми, тоа беше вистинско уживање за мене. Незаборавни ми се и деновите кога „Жена парк“ беше претворен во детска бајка со сите оние слики од приказните како Снежана, Пепелашка, Петар пан.

Па убавината во договарањето каде ќе славиме, кај кого, кој што ќе донесе односно чија мајка што ќе направи, хаха.

Но, магијата мене ми беше во честитките. Од тезга на тезга на плоштадот, мислиш дека си купил доволно и на наредната тезга пак купуваш. Отсекогаш огромен кеиф ми било да пишувам, да праќам честитки, да ставам под клупа на соучениците, да ставам во сандачињата кај што живеам, да пратам на роднините. Тоа е нешто што за мене е волшебство. Токму затоа и го правам повторно сето ова, сакам да ја вратиме таа заборавена магија, повторно со нетрпение да ги отвараме сандачињата секој ден. За тоа не треба многу, доволно е да купиме честитка, но и не мора да купиме, можеме на еден лист да нацртаме елка и да напишеме Среќна нова година, да дадеме некому, да покажеме дека се грижиме едни за други, да си посакаме убави нешта. Да ги дадеме честитките на своите блиски, но и не мора на познати, може да ги дадеме било кому, со тоа не само што ќе му измамиме насмевка туку ќе си го израдуваме и своето срце.

*Малку се знае за Денис во минатото. Каде израснавте, какво дете бевте?

-Центарско дете, израснав на „Југодрво“ до 7 години, потоа се преселивме во Кисела вода. Иако живеев во близина на две училишта заради работата на моите родители и можноста за целодневна настава основно завршив во најубавото училиште 11ти октомври а средно во медицинско, отсек сестри.

Бев палаво дете, раздвижено, полн со енергија. Како растев така бев и посрамежлив (кој би рекол нели), можеби тоа што сум единец имаше влијание врз сето тоа, но сакав дружби, не бев повлечен, често знаев да го соберам друштвото кај мене дома па да изгледаме филмови. Сакам луѓе, ми недостасувале секогаш, ме убиваше таа самотија дома но фала богу секогаш сум бил во друштва.

*Ако се навратите на тинејџерските денови, паметите ли некоја белја, анегдота од тие денови?

-Не сум бил некој голем бељаџија, иако името ми е дадено по Денис враголан, така да веројатно повеќе финтаџија. Еднаш во средно додека бевме на Стенковец на стрелиштето, со професорот по ОНО, онака наредени и чекам да дојде мојот ред а јас нешто се смеам, зафрканции и слично, ми пријде една млада девојка и ме опомена во смисла да не бидам толку гласен (а мене гласот таков). Не ја познавав, ѝ реков само што ја интересира нејзе што правам, моја работа, но ниту безобразно ниту некако без врска, како на смеа повеќе.

Следниот час кога имавме ОНО влегува девојката и вика – Јас сум деновиве замена за вашиот професор. Јас останав со подотворена уста и скриен меѓу две клупи.

*Каде излегувавте, каков беше ноќниот живот во Скопје тогаш?

-Излегувањата, оние поозбилните почнаа откако се запишав во средно училиште, на почетокот беше до 10 дома, што значи имаше една 24ка која тргаше во 21:20 (уште ја памтам, беше многу битна) и со неа се прибирав пред 22 часот. Нормално знаеше да има „страшна гужва“ и да задоцнам некојпат ама моите не правеа проблем.

Актуелно беше прво во некоја слаткарница на индијанка или принцес крофна, најчесто „Југославија“ кај кино Вардар, „Пошта“ или „Крин’. Потоа одевме „на стајање“ пред Ани и Бони од каде имам една непријатна случка. Тогаш стоевме на улицата пред грчка амбасада, никако не смеевме да се поткачиме на тротоарот. А гужва, што да ви кажувам. И во таа турканица колку и да се пазев сепак еднаш ме поттурнаа на тротоарот и во следните 3 секунди ја осетив моќта на пендрекот. Оттогаш секогаш стоев од страната на 7-ца.

Подоцна, откако моите ми го продолжија „Мој термин“, продолжувавме во „Коко“, „Мејк ап“, Кристијан, 23 ка и многу други места каде бевме пресреќни ако начекаме гратиси за некоја од дискотеките, „Хард рок“, „Естрада“, “Горила“, МНТ.....

А оттаму, онака гладни во 4-5 наутро свраќавме на тазе бурек во „Меџик“ кај Грчка амбасада или накај дома во некоја бурекџилница на Чешма.

Убав беше животот, дали дека во тие години па со други очи гледав но дефинитивно поубаво, помирно, подружељубиво, поискрено и попријателски.

*Не пропуштате да кажете дека вашата сопруга ви е најголема поддршка? Каде и како се запознавте?

-Да, дефинитивно таа е не само мојата поддршка туку моето Се`. Целиот овој коронски период заради моите отсуства од дома таа ги презеде сите функции во домот, таа е и мајка и тако, таа е одговорна за набавки, буквално за било што. Има разбирање за тие мои отсуства, знае што работам, гледа дека ритамот се промени, за да бидам ефективен во работата мора да бидам одморен. Таа ми е ветер во грбот.

Се запознавме додека беше на студии во Скопје, студентска љубов на прв поглед. Имавме заеднички другари и така настана спојката. Кога таа стана апсолвентка требаше да се прибере дома во Охрид и да доаѓа само са испити. Тоа значеше „љубав преко жице“, што некако не ми фаќаше око. И некако спонтано, онака двајцата со истата идеја да бидеме заедно. И сме.

*На кои „финти“ ја освоивте, беше ли тешко додворувањето во тоа ваше време?

-Хм, па зависи од човекот, јас дефинитивно бев посрамежлив тогаш. Па за некои работи „околишаш као киша око Крагујевац“, па опипуваш терен. Има една смешка од периодот додека бевме тазе, на почетокот. Ме праша дали пијам турско кафе, јас, нормално како од пушка викам ДА. Ми вели, без шеќер? Ауууу, строго без викам. (инаку пред ова прашање немав ни голтка пробано, ама све за љубав хаха). И пијам така извесен период, работава станува сериозна и еден ден и` реков, бидејќи сме за везден де тури шеќер во ова пелинов. Па нели пиеш горко? Викам, абе сестро златна, не само што не пијам горко туку ни турско не пијам.

Испив уште некое кафе, оттогаш повторно не пијам. Значи ако може да биде ова „финтата“ за успешна мисија, тогаш ете ја.

*На Фејсбук неодамна ѝ посветивте песна на вашата Билјана, дали сте инаку романтичен, дали често ѝ изјавувате љубов?

-Да, сум романтичен, дополнително и Билјана ме прави таков. Сакам да ја изненадам со цвеќе, со некој подарок кој воопшто не мора да е скап или голем, битен е гестот, вниманието. И да, често и` ѝ изјавувам љубов затоа што тоа го заслужува, затоа што сметам дека не треба да се губи време за изјава, да се чува таа прекрасна изјава за некои подобри времиња бидејќи додека ја чуваме и штедиме животот минува, а некои прилики не се враќаат.

Затоа што почесто да изјавуваме „Те сакам“. Не боли од многу кажување.

*Имате необичен биоритам, си легнувате околу 20.30, се будите многу рано наутро, и веќе во шест ја пеете првата песна на Фејсбук. Им пречите ли на домашните кога пеете волку рано наутро, и ви рекол ли некој досега: На кого му е до пеење од толку рано?

-Тој биоритам ми го наметна коронава уште од првиот ден, уморот на почетокот ме натера да легнувам тоа време а понекогаш и порано. На почетокот се мислев како ќе реагираат домашните но и комшиите, дали ќе тропаат по цевките од парното или некој ден ќе начекам на влезната врата петиција за мое преселување, хахаха.

Но јас гледам сето тоа да биде некако потивко, изолирано за да не ги будам. Или можеби моето „прекрасно“ пеење пријатно им влијае на сонот. Како и да е, неало досега некоја поплака, верувам нема ни да има. А се случило да ми речат: Абе Денко јас очи не можам два саати да отворам ти пееш бе, како?

Едноставно, станувам наспан, ми се пее, си го правам почетокот на денот убав а сакам и на другите да им го предадам тоа чуство, да ги заразам со песна и насмевка.

*Токму со оглед на овој ваш дневен ритам, имате ли планови за Нова година, каде ќе бидете на полноќ на 31 декември?

Ланската нова година мене ми дојде во 2 1часот и си легнав. Ја дочекав заедно со Нов зеланд. Немам никакви планови за оваа година, уште сум во скафандер, уште сум во овој филм, често периодов го нарекувам „Денот на мрморецот“, повторувачки. Ми недостасуваат новогодишните прослави со најубавите пријатели, но ќе биде и тоа.

Така да можеби повторно дома со тоа што Бибуш ми вика да издржам подолго оваа година. И реков во ред, нема проблем, еве од мене гратис еден саат плус од лани. Значи оваа нова година ќе дојде околу 22 часот.

*Кои сè нешта ги прошуштивте за време на пандемијата, кои соништа сакате да ви се остварат и верувате во нив?

-Уф, премногу нешта пропуштив. Иако синовите ми се големи, самостојни и секој со своја приказна сепак ми недостасува заедничките дружби дома, макар биле колку за еден филм ама заедничкото гледање. Имам два сина, Петар, апсолвент и Стефан кој е бруцош. Гордост ми се затоа што се културни, воспитани, имаат прекрасен однос со луѓ и се ценети од средината токму заради тоа. Мило ми е што ги имаат оние многу битни човечки вредности како хуманост, емпатија, другари се, сакаат да помагаат.

Ми недостасуваат дружбите со пријателите, другарите, ми недостасуваат сите оние инклузивни забави, работилници и необични дружења со многубројните деца и младинци, мои другарчиња. Но она што ми е многу побитно е да сме сите тука живи и здрави, да сме сите на број. Сите работи кои не сум ги направил и на кои не сум присуствувал ќе се повторат, било кога сè додека нас нè има.

Имам соништа, имам желби безброј, верувам во нив, верувам дека барем некои ќе ми се остварат. Она што го увидов низ годиниве е дека не треба трчање по нив, треба полека, смирено, со трпение. Треба да си се чуваме и штедиме. Тоа што треба да дојде ќе си дојде.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива
ГАЛЕРИЈА од детството на Денис: