Пред огледало со Јасмина Поповска: Не одам никаде без црвен кармин

Денеска ѕиркаме во несесерот на познатата актерка Јасмина Поповска. Оваа негувана дама која ја гледаме на сцената на Македонскиот народен театар, има свој заштитен знак, а тоа е црвенит кармин. Освен што е актерка, таа е голем хуманитарец, активист и вљубеник во патувањата. Јасмина ни ги откри своите ритуали за убавина.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Вовед во мојот ден е практицирањето на утринскиот ритуал кој ме подготвува за новиот ден и ме исполнува со убава енергија за предизвиците со кои секојдневно се соочувам. Петнаесетина минути вежбање со музика е пат кон добро расположение и најубавиот начин за да се зграпчи денот максимално колку што можам. Наизменично се туширам со топла и со студена вода, па лосиони за нега на козата на телото, дневна крема за лице, дискретна шминка и тоа е тоа! Го пијам своето утринско кафе и не го пипам телефонот се до моето излегување.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Бидејќи имам нежна и чувствителна кожа, внимавам какви креми користам. Најчесто користам Eucerin, Thalgo Еуцерин, и есенцијални масла од Деклеор козметика.

* Посетувате ли козметички салони?

- Козметички салони посетувам, но не често. Бидејќи имам чиста кожа не ми се потребни чести третирања, но маникир, педикир, депилација да.Тоа го правам во салон.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Косата најчесто ја третирам со нежни шампони, маски, регенеративни ампули. Тука го преферирам еуцеринот, но маската што сама ја подготвувам со маслиново масло, жолчка од домашно јајце, малку лимон е најдобрата маска за коса. Влакното станува нежно, цврсто и сјајно. Вистински сјај на косата постигнувам со редовно четкање со четка со природни влакна.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Во секојдневието користам многу малку шминка. Сакам  чисто лице третирано со дневен крем, креон за веѓи и црвен кармин.Тогаш се чувствувам најубаво. И кога сум на сцена одбегнувам многу шминка.


* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Употребувам козметички производи кои само за нијанса го зајакнуваат мојот природен изглед . Деновиве користам органска козметика Olive Touch од маслиново масло, арганово масло и алое екстракт. Како и во животот така и во изборот на козметика се базирам врз принцип на вредност, квалитет и иновации со ефикасни природни состојки.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Содржината на мојот несесер во мојата ташна е многу базична, но за мене значајна. Црвен кармин, крема за раце, моливче за поцртување на усните и очите, парфем!

* Омилен парфем?

- Со години користам парфеми од Диор, Келвин Клајн, Гучи... Сакам да користам парфеми, менувам но најчесто  користам  „Долче Вита“ на Диор со слаткиот ориентален мирис кој потсетува на топли и сончеви летни денови и Issey Miyake, чист како изворска вода со арома на цвет и пролетнa шума. Го обожавам. 

* Како ја одржувате линијата?

- За мојата витка става без целулит заслужна е генетиката. Не сум имала проблем ни во младоста ниту сега во моите зрели години. Но, сакам да пешачам и малку вежбам за што  ви кажав на почетокот на разговорот. Внимавам на исхраната и пијам многу чиста вода. Но на крајот на нашиот разговор сакам да истакнам дека најубава козметика за еден човек е убавината на  неговиот внатрешен живот. 

М.Џаровска