Пред да почине ми испеа песна, во тишината на болничкиот апартман: Валбурга Батева за сопругот Момо Николоски, кој почина на денешен ден пред три години

Секое спомнување на името на мојот човек е доказ дека оставил многу зад себе и дека ќе живее додека неговиот копринен глас лета низ етерот, вели на почетокот од нашиот разговор Валбурга Батева Николоска, за својот сопруг, музичката легенда Момо Николовски почина на денешен ден пред три години.

- Затоа и се радувам секогаш кога имам можност да зборувам за него. Три години ми поминаа во секојдневни мисли за него. Се уште сум опкружена со нашите слики, кои ја раскажуваат нашата приказна и во исто време ме болат и лекуваат. Момо ми беше повеќе од сопруг, беше моето сигурно пристаниште и секогаш отворена прегратка. Најтешко ми паѓа што ниту една убава или тажна вест веќе не можам да споделам со него, ми фали до болка неговото физичко отсуство, неговата заститничка љубов. Ми фалат и нашите вечери со гитарата и кафето пред нас во дневната, кога си пеевме и немавме потреба од никого друг. Дури и во последните денови, во него тлееше потребата да запее, нешто што и го направи само за мене, во тишината на болничкиот апартман. Тој видео запис го чувам како нешто најдрагоцено, зашто во него има сѐ - од песна, до зборови, воздишки, копнеж за живот, а пред сѐ и најмногу – љубов вели Николовска.

Таа беше автор на музиката и текстовите на песните кои Момо ги отпеа од 2007 година па се до неговата смрт.

- Последната песна ја испеавме заедно. Негова желба беше да имаме барем една дуетска заедничка песна. „Нека остане за некои нови луѓе што ќе се сакаат, Букче, нека има некаде запис за нашата љубов", така велеше. Песната се вика „Една младост во Струга“, и ја напишав по негова желба, за неговиот најсакан град. Момо активно пееше сѐ до еден месец пред да му биде дијафностициран канцерот. Тој од песната никогаш не се откажа. Негова најголема грижа и тага пред смртта беше што мене ме остава сама, дури остави аманет кај неколку луѓе да ми се најдат, да ми помогнат ако ми затреба. Тој негов аманет го исполнија само две личности, а другите самите нека се снаоѓаат со својата совест, ние не сме на овој свет да судиме, на сите им посакувам само добро. Неисполнети желби му останаа многу, тој имаше енергија на младо момче и постојано планираше за иднината. Сметам дека многу малку му се врати со добро од тоа што тој го даде за овој народ и оваа држава, вклучително и над 700 отпеани хуманитарни концерти за болни дечиња и сиромашни семејства. Го болеа многу работи, но не беше тип што се жали – посочува таа.

Валбурга Батева Николоска е психолог по струка, инаку прва жена спортски дописник во независна Македонија, колумнист во поранешниот магазин "Ина", текстописец и композитор.

- Деновиве конечно ќе успеам да го исполнам и мојот аманет даден во мисловните разговори со него по смртта - да му посветам песна. Се надевам дека наскоро ќе може да се финализира, голема благодарност до Сашо Ливрински и Сузана Турунџиева, затоа што тие беа едни од оние што знаеја каква љубов имаме и изразија желба да бидат дел од мојата песна за Момо. И како што кажав - јас живеам три години без Момо, но додека сум жива, тој е во мене. На сите им посакувам да имаат таква љубов и посветеност, но да им траат многу повеќе и дури на стари години да ја доживеат својата разделба.- открива Николоска.


*С.А.Н.