Новогодишно пред огледало со Ивана Наскова: За мене современата жена е онаа која не зависи од мажот, ниту финансиски ниту како фактор за среќа

Ивана Наскова ѝ е позната на јавноста како радио водител на неколку емисии, но и писателка на романи, а повеќе години работи и како стендап комичар. Таа веќе две децении е присутна на радијата низ земјава - ја слушавме на Канал 77, Клуб ФМ, но убавата Ивана се има појавено и на неколку ТВ проекти.

На своите социјални мрежи таа редовно споделува дел од нејзиното секојдневие и од работата, па може да се каже дека авторката е секогаш дотерана на висина на задачата, а е препознатлива по нејзините големи светли очи и својата природна долга коса, за која ни откри дека токму косата е нешто на што внимава многу во последно време затоа што долги години ја третирала и ѝ била оштетена. Во деновите пред новогодишно-божикните празници ја прашавме Ивана и по што ќе ја памети годината што изминува, но и што очекува во новата 2023 година, а во оваа прилика за Женски магазин ни ги откри и своите ритуали за убавина.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Не сум утринска личност и морам да признаам дека многу тешко се расонувам. За среќа музика и туширање помагаат да стартувам со денот. Веднаш потоа сакам да нанесам дневна крема на лицето и да го оставам да одмори. Многу ретко користам шминка веднаш откако ќе се разбудам и мислам дека тој одмор на лицето му дава доста свежина и ми помага во негата. 

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Во моментов омилен и незаменлив ми е NovAge Ecollagen Wrinkle Power Сет од Oriflame. Се состои од гел за чистење лице, крем за околу очи, серум, дневен крем со СПФ 35 и ноќен крем. Како дополнување исто така од овој бренд, ги обожавам и редовно користам Nutri6 Facial Oil капсули и NovAge Proceuticals растворот со 10% витамин Ц, интензивен 4-неделен режим за сјаен и порамномерен тон на кожата.

* Посетувате ли козметички салони?

- Не. За среќа никогаш не сум имала потреба. Што се однесува до козметички третмани, веројатно најмногу им верувам на третманите кои сама си ги правам дома. 

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Косата ми е нешто на што внимавам многу во последно време затоа што долги години ја третирав и навистина ми беше оштетена. Сега најголемата разлика и зајакнување на влакното го приметив откако изминативе две години повеќе не се фарбам и ја пуштив мојата природна боја. Како дополнителна заштита гледам многу ретко да користам фен и ја оставам нормално да се исуши. Дополнително, никогаш не ја пеглам косата и само ретко некогаш користам фигаро или пегла за да ја навиткам. Од шампони и регенератор користам Syoss Moiture шампон и балсам или L'Oreal Dream Lenghts колекцијата од која 8 Second Wonder Water е навистона ЧУДО! За расчешлување на косата со години Schwarzkopf Gliss е тука за мене.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Контурирање е нешто што никогаш не прескокнувам. Имам големи очи кои ако јаболчниците не се истакнати земаат фокус од цело лице и секако контура на носот за да изгледа малку помал. 

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Не сум некој кој е опседнат со козметика. Штом ќе го најдам тоа што ми одговара за моето лице и тело, јас не менувам, така, да не се повторувам омилени ќе бидат производите за лице кои ги споменав и за тело Swedish Spa Mirror Ocean Body Oil од Oriflame.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Искрено само кармин и моливче за усни. Мојата ташна е многу мала што ретко и некогаш да понесам нешто повеќе од тоа или да речам несесерот останува дома. 

* Омилен парфем?

- Првиот пат заради пакувањето, сега еден од омилените, Good Girl - Carolina Herrera

* Како ја одржувате линијата?

- Обожавам да трчам и сега откако си купив трака за трчање дома, уште полесно ми е да останам во форма. Од храна, имав долго време проблеми со желудник и сакала не сакала се научив да јадам многу здраво. Лебот никогаш не е на мени, а омилено ми е салати, свежи печурки, риба, суши и морско. 

* Како би се опишале себе си? Што е она што Ве движи напред?

- Луѓето кои ги сакам се мојата сила! Моето куче и работата која си ја обожавам. Јас сум навистина среќен човек и сум неизмерно благодарна за тоа!

* Дали надворешната убавина е пресудна за оставење на прв впечаток?

- Апсолутно не! Но многу е важно да бидете негувани и да внимавате на вашата хигиена. 

* На која дама ѝ се восхитувате и зошто?

- Мерил Стрип! Поим за силна жена со огромна харизма и некој кој достоинствено се носи со своите години и стареењето. 

*  Каква треба да е современата жена?

- Силна, независна и мотивирана секогаш да научи нешто ново. Треба да се стремиме кон тоа да бидеме успешни и исполнети на полињата кои ние сакаме, а не за кои општеството налага. За мене современата жена е онаа која не зависи од мажот, ниту финансиски ниту како фактор за среќа.

* По што ќе ја паметите 2022, а што си посакувате во новата 2023 година?

- 2022 ќе ја паметам како година во која вложив многу труд во себе, во врските со најблиските и во работата. Сакав да бидам сигурна дека градам сигурна основа за она што сакам да го постигнам во животот. Сега на 2023-та и се радувам затоа што треба да донесе нови можности и резултати од изминатиот труд  Сепак, можеби најмногу и се радувам затоа што ќе биде година кога ќе излезат две мои нови книги. 


Н. Миланова

Фото: Приватна архива