Не сум едноставен, ама не сум воопшто ни арогантен како што можеби изгледам: Интервју со Кирил Лазаров

Кога Македонија го изгуби натпреворат од Данска на Европското ракометно првенство во Србија во 2012 година, плачел, иако тоа ретко се случува. Неговите солзи ги видела само сопругата Љубица.

Ова е мал дел од автобиографската книга „Секогаш на победа“ на Кирил Лазаров, ракометната легенда, играч на францускиот клуб Нант и тренер на македонската репрезентација. На 236 страници се распостелени делови, случки и настани од неговата животна и професионална приказна, откорнати од душа и напишани искрено, до болка.

Ако досега сте мислеле дека знаете сè за него, отткако ќе ја прочитате книгата која неодамна се појави во јавноста, ќе сфатите дека всушност и многу малку сте знаеле. Таа е поучно четиво не само за ракометарите и за фановите, туку и за луѓето од останатите професии - да сфатат зошто не успеале или да научат како да успеат. 

* Читајќи ја книгата неколку пати во себе си го поставив прашањето „зарем е можно ова да му се случувало на нашиот ракометен национален херој“. Кој беше мотивот да ја напишете и објавите?

- Јас сум човек што го носи срцето и чувството. Никогаш не планирам однапред што ќе кажам и како ќе кажам. Меѓутоа имало и такви моменти, кога претходно сум се подготвувал за некое гостување или интервју на телевизја, но сум бил „неквалитетен“, односно тоа не сум бил ЈАС. Кога почнавме да работиме на автобиографијата, едноставно се чувствував одлично и ја пишував со многу страст, енергија, посветеност. Се присетив на многу моменти од минатото и некако бев сигурен во себе дека тоа сѐ треба да им го презентирам на читателите, фановите, пријателите, семејството.

фото: HBC Nantes

* Најзаслужен за љубовта кон ракометот е вашиот покоен татко Благој, играч - тренер во Овче Поле, со кој сте играле заедно. Уште тогаш постојано сте шутирале од девет метри. Пишувате „и денес не се двоумам да шутнам и кога ми оди и кога не ми оди, но кога ќе ти влезе во потсвеста тука и останува“. Благодарен сте му за сè што ви дал, а можеби најмногу за она што свесно не сакал да ви го даде. Што е тоа? 

- Татко ми беше пред сѐ народен и добар човек. Неговата добрина многумина ја злоупотребија знаејќи дека никогаш никого не знаеше да одбие и да каже НЕ. Доста храбар и одлучен. Благодарен сум за сѐ што направи за мене, како ме воспита, за вистинските одлуки што ги донесе за мене кога не бев полнолетен. Ми даде животна самодоверба што сè уште ја имам и ја надоградувам. Родител којшто се бореше за своите деца, но и никогаш не им даваше да бидат во комфорна зона. Секогаш нѐ ставаше на испит, а со тој негов „режим“ ние растевме и се надоградувавме. Беше строг, но и праведен и доста емотивен.

Моите родители беа многу храбри

* Не сте размислувале дека еден ден ќе стигнете во Веспрем, Загреб, Атлетико, Барселона. Ваша цел била да играте за некој клуб од регионот. Вашиот татко носи одлука на 16 години да бидете дел од битолскиот Пелистер. Во тој период и на таа возраст сте наишле на препреки и перипетии, но и на ѕвездени мигови. Која беше најголемата животна лекција?

- Голема одлука. Како родител треба да бидете храбар да го пуштите своето дете што порано низ Европа и светот, а моите родители беа храбри. Што побрзо се осамостoиш како дете, твојот успех ќе биде поголем. Тато и мама се секогаш покрај вас каде и да сте, но вашиот развој како поединец зависи од храброста на родителите и од својот став. Моите родители беа токму такви - храбри, иако не им беше сеедно да се одделат од своето дете на негови 16 години.

* По ваш избор следна дестинација е Загреб. Тоа што изненадува е вашиот став, дека сте планирале засекогаш да останевте да играте во тој град. Зошто?

- Во Загреб сè уште сум вљубен како град. Поминав квалитетни години покрај спортот уживав и во квалитетниот град. Чувствував мир и спокој. Градот нуди квалитетен живот, а во него живеат луѓе кои не се оптоварени со вас и туѓите животи. Едноставно ми беше убаво и не сакав ни да помислам да менувам средина. Но, животот за нас спортистите е непредвидлив и предизвиците што се нудат треба да се прифаќаат.

* Телото на Хаваи, а главата во Загреб е делот во кој ја опишувате првата неизвесност во кариерата кога сте на трансфер листата на клубот. Наместо да уживате семејно на рајскиот остров, вие се измачувате со помислата кој ќе биде вашиот нов клуб. Зошто во тој период не сакате по ниедна цена да бидете дел од бундес лигата, и го одбиате Суедад Реал и Шпанија?

- Во кариерата имав многу можности да одам во Германија. Никогаш не се одлучив. Гледајќи од сегашна перспектива, сум направил добар избор. Германија те троши физички и ментално. Одбирав квалитетни клубови, земји каде што немав толкав физички напор, а можеби и затоа и денес сум активен на терените во мојата 41 година и тоа на високо ниво, во клуб кој е можеби во топ 8 во Европа и во светот.

Кога потпишував за Барселона мислев на мојот покоен татко

* Отворено пишувате дека кога доаѓате во Шпанија, тогаш станувате свесни дека „знаете дека ништо не знаете“. Што не знаевте, а што научивте?

- Нов систем, нов ракомет, нов тренажен процес, нова земја, која нуди уште поквалитетен живот. Шпанија ме смири тотално. Научив да живеам без стрес и нервоза, нивниот начин на живот воодушевува. Се борев за Загреб, а животниот пат ме однесе на уште подобро место. Не сме ни свесни некогаш дека од доброто има и уште подобро. Семејно знаевме да си правиме шеги на своја сметка. „Еј, колку сме биле „будали“. 

* Со Барселона успеавте да го освоите пехарот во Лига на Шампиони. Од бетонот на Свети Николе завршивте на пиедесталот на Европа. Да беше жив вашиот татко, што ќе ви речеше, како ќе се однесуваше?

- Мене ми беше жал што татко ми прерано си замина од овој свет, но назад нема. Помислував на него кога потпишав за Барцелона, ја знаеше мојата најголема желба. Но, во животшт никогаш ништо не е совршено, некаде добиваш, некаде губиш.

* Покажувате доблест и пишувате и за ракометарите на кои им се воодушевувате, како Никола Карабатиќ , Штербик, Дувњак. Џомба, Стефансон, Калман, Дидие Динар. Со тоа паѓаат во вода озборувањата од типот дека Лазаров има големо его, мисли дека е најдобар, не прифаќа сугестии, компромиси.

- Кај луѓето оставам впечатоксо мојот физички изглед дека сум арогантен. Многумина ми го имаат кажано тоа. Јас сум човек што треба да ме запознаеш. Далеку од тоа дека сум едноставен, но далеку од тоа и дека сум арогантен. Поради дисциплината што ја стекнав во текот со годините со големи борби на сите полиња, можеби на прв поглед делувам строго, но не е баш така. Барам многу од моите соработници, но, давам и повеќе отколку што барам.

Лино и Талант се најдобрите и најголемите во ракометот

* Вашата добронамерност и респект кон луѓето кои постигнале многу во ракометот ја покажавте и кон Веселин Вујовиќ. Го повикавте на промоцијата на книгата, иако како тренер на репрезентацијата се оденсувал надмено кон вас. На моменти и деградирачки, кога ќе го спомнел вашето потекло од Свети Николе.

- Вуја го почитувам. Тој е можеби и ракометарот со најзвучно име од екс Југославија. Сакав да кажам сѐ во книгата. Вуја ме разбра, не е од вчера. Немам никакви мисли за одмазда, напротив имам голема почит кон него како ракометна легенда.

* Ивица Обрван, како селектор на репрезентацијата не сакал да ве пушти да одите во Свети Николе да го посетите гробот на вашиот татко, иако сте му ветиле дека ќе се вратите и ќе бидете рано изутрина во хотелот исто како и останатите ракометари, подготвен за тренинг. Постоеше ли конкретна причина за такво однесување од негова страна? 

- Со Ивица моментално комуницираме како колеги тренери. Му кажав и ми призна дека тоа не бил негов став, туку напротив. Не ја познавал ракометната ситуација, а од кулоарите во Македонија во тоа време бил погрешно информиран од луѓе кои едноставно сакале да ми наштетат. Не се предадов, се борев до крај со сите, иако не ми беше воопшто лесно. Секогаш во животот треба да имате свој став, не можете да живеете како ќе ви нацртаат други. Ивица во тоа време беше таков.

* Но, голема е поврзаноста и респектот со Лино Червар и Талант Душебаев. Што научивте од нив?

- Најголемите во нашиот спорт и најдобрите. Тешко дека некој ќе го надмине Лино, а уште потешко и Талант. Знам што зборувам и сум имал огромна среќа да можам да работам со нив. Жал ми е што не работев уште 2, 3 години со Талант, сосема ќе го доусовршев занаетот. Со Лино се слушаме, комуницираме, знам да побарам совет. Лино не дава совети на сите, тоа е реткост. Дури на некој може и да дава, но не сум сигурен колку се исправни. Лино го цени и почитува својот труд и ТРЕБА.

Со Љубица сме повеќе од сопруг и сопруга

* Има жени кои својата љубов ја докажуваат со пожртвуваност, како вашата Љубица. Таа ви овозможи мир во домот, се грижи сама за синот и ќерката, скромна е, а сепак цврста и силна. Велите дека за голем дел од вашиот успех е заслужна таа. Како вие ја докажувате својата љубов кон неа?

- Со Љубица сме повеќе од сопруг и сопруга, имаме максимално разбирање за сѐ и толеранција. Не смеам многу да ја фалам, ќе ѝ ја дигнам многу самодовербата, а тоа не е добро (се смее).

* Додека игравте во Загреб, велите „бев млад и не учествував во заткулисни игри надвор од теренот“. Меѓутоа, такви игри постојат секаде, особено во македонската репрезентација, кои не му дозволија напредок на ракометот. Што ве предизвика да пишувате искрено и отворено, без страв и калкулации?

- Македонската јавност заслужува да ја знае мојата вистина поткрепена со аргументи. Не очекувам да се сложат сите, но јас така гледам на работите и стојам цврсто позади нив со аргументи. Многу поминав и некако чувствувам потреба да пишувам - напишам. Не жалам ниту за еден збор, ниедна реченица, тоа е мое мислење, мој СТАВ.

* Сте имале храброст да ги промените нештата кои можат да се променат, сте имале мудрост да разликувате едно од друго. Овие особини се многу битни и за функцијата селектор –играч во репрезентацијата. Вашата цел е успех, но како што велите тоа ќе биде ѓаволски тешка работа. Немате избор, ниту доволно квалитетни играчи, но имате луда верба. Што очекувате од европското првенство, следниот јануари? 

- Очекувавам препознатлива Македонија со идентитет. Очекувам помладите играчи да се претворат во нови Миркуловски, Мојсовски, Ристовски, Лазаров, Алушевски, Димовски, Јоновски, Ангеловски. Да се борат со срце и душа за својата земја. Не сакам малодушност, иако ќе играме со поголеми, побогати. Сакам да го вратиме култот на репрезентацијата којшто го изгубивме во минатите години. Дури не сум баш и за брз инстант успех. Знам што сакам, што барам, што инстистирам, ќе се присетите во блиска иднина на овие зборови.

* Често истакнувате дека парите никогаш не биле мотив во вашата кариера. Сепак заработивте ли толку колку што заслужувате, колку што вложивте и му се посветивте на ракометот? 

- Јас сум задоволен што сум жив и здрав. Парите се средства што ви овозможуваат да живеете поквалитетно, но здравјето и душата со парите не можете да ги купите. Секој квалитетен кадар порано или подоцна е платен колку што заслужува, тоа е непишано правило... 

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА