Не патам дека мора да го имам секое модно парче, го носам она во кое се чувствувам удобно: Водителката Сања Савеска за Женски магазин

Никогаш слепо не сум ја следела модната сцена, не се опседнувам со тоа што е во тренд, не патам дека мора да го имам секое модно парче. Вака водителката на „Брза кујна“ Сања Савеска одговори кога ја прашавме колку ги следи модните трендови.

Со есента пристигнаа и првите студени денови, убавата Сања вели дека и пречи студот, а летото е она во кое ужива. Патиките и спортските комбинации и се омилени, а колку таа ја следи модата за пред малите екрани да изгледа средена секогаш, ни открива во ова интервју.

*Есента официјално пристигна, а со неа и посвежите денови. Колку Сања го сака ова годишно време со оглед на фактот дека е време за облекување на повеќеслојна гардероба?

-Ја сакам есента, со сите нејзини чудесни бои, буди во мене некои посебни чувства. Сакам да шетам додека лисјата паѓаат и крцкаат под чекорите. Но студ не поднесувам, летото е моето годишно време, родена сум во јуни, па со првиот ветар јас со мене имам јакна за секој случај :).  Не ми пречи повеќеслојна гардероба, сакам и убави дебели марами или шалови, кои се идеални за вакви денови .


-Колку ги следиш новите модни трендови кои секојдневно ни се наметнуваат со вртоглава брзина. Какво е твоето мислење за модната сцена денес?

-Никогаш слепо не сум ја следела модната сцена, не се опседнувам со тоа што е во тренд, не патам дека мора да го имам секое модно парче. Го носам само тоа што мене ми се допаѓа и во она што се чуствувам удобно. Модната сцена е машинерија за пари, посебно денес со сите социјални мрежи каде имаме безброј инфлуенсери кои секојдневно наметнуваат нови стилови кои пак се неверојатно бргу превземени, копирани  од нивните следбеници.

- Твојата моментална професија бара поголемо внимание во однос на облекувањето за пред малите екрани. Кој ти помага во изборот на комбинации и дали се консултираш со модни експерти?

-Начинот на кои се облекувам пред тв камерите секогаш зависи од видот на емисијата, а „Брза кујна“ е забавно, фамилијарно кулинарско шоу, кое го гледаат сите генерации, па затоа сакам секогаш да сум соодветно средена, не премногу свечено, сепак сум во кујна, но секогаш да биде тоа пристојно, елегантно, иако знам често да облечам и фармерки со кошула или џемперче а да сепак тоа изгледа убаво. Оваа сезона имам одлична соработка со познатиот турски бренд Котон, па тие ми помагаат во изборот .

-Какви парчиња облека преферираш – дали си повеќе спортски тип , сакаш повеќе елеганција или се зависи од ситуацијата ?

-Зависи од ситуацијата дефинитивно. Соодветно според приликата ја одбирам и гардеробата, но сите кои добро ме познаваат знаат дека патиките и спортските комбинации ми се омилени. Речиси и да не знам да одам на високи потпетици, а тоа се должи на моето мало стапало, дури и број 35 ми се големи па порано многу тешко наоѓав и бев приморана да правам комбинации со патики или чизмички, денес некако и успевам да најдам мој број но каде и да одам на високи штикли , секогаш во торбичка носам патики, и морам да признаам им се воодушевувам на девојки, жени кои можат по цел ден да одат на  високи потпетици.

-Во тек се снимањата на новата сезона во „Брза кујна“ . Работата дефинитивно те исполнува. Што знаеш за себе денес, а не знаеше на почетокот на твојата новинарско-водителска професија?

-Многу нешта научив, имав среќа да имам и од кого да учам, но имам уште за учење ,и сметам дека би било погубно за мене да кажам дека знам се.

Сега знам дека оваа професија  е дефинитивно нешто што е за мене. Со работа во телевизија започнав во исклучително тежок период во мојот живот , и мислев дека тоа ќе биде само привремено, кратко вработување. Но  влегов во овие води и веќе 10та година пливам во сите води, немирни и мирни и не планирам да престанам.

-Како ги поминуваш деновите кога помалку се дружиме, помалку патуваме, а повеќе сме дома? Како се релаксираш кога најдеш време за себе? Имаш ли некоја серија на која со задоволство ѝ се враќаш ?

-Читање книги ,готвење и прошетки со најсаканите. Тоа се нештата кои сакам да ги правам вообичаено па и во ова тешко време за сите нас. Секој слободен миг сакам да го поминам со моите внуци ,мојот извор на среќа и радост, Матеја и Михаил, а со нас и нашиот бишон , Маша, за забавата да биде целосна (се смее) . Серии ретко гледам , повеќе како што погоре кажав , сакам да читам книги, особено романи преку кои можам да запознаам други култури и да отпатувам низ бурни историски настани.


-Кој или што баш секогаш те инспирира или мотивира – без разлика дали е во прашање работата или некои приватни желби и амбиции?

- Во светот постојат многу луѓе - херои , па и тука кај нас. Тие се соочиле со многу животни предизвици а со нив судбината си поиграла и ги ставила во тешки искушенија, но тие никогаш не потклекнале и не се откажале , напротив се избориле за себе и за своите соништа. Токму тие херои се моја сила и мотивација кога паѓам и кога мислам дека нешто не можам да направам.


-2020 секако нѐ научи плановите да ги правиме со резерва. Меѓутоа, што би сакала да оствариш оваа година, имаш ли некои нови проекти освен тековните, патувања на кои планираш да одиш?

-Сакам пред се сите да извлечеме поука , дека без оглед на се , здравјето е најважно и најскапоцено, треба на време да мислиме како да го зачуваме .

Лично имам само една желба , со нејзино исполнување ќе бидам целосно среќна.

Во моментов посветено работам само на „Брза кујна“ и тука ми е сета професионална енергија насочена. Се надевам на широко отворени граници и посакувам уште една мото авантура некаде низ Европа заедно со мојот партнер Томи.


Ирена Ставрова