„Мојот пат е тежок и трнлив, ама чекорејќи го, никогаш не ја заборавам насмевката дома. Дури ни по болничките ходници!“- Дијана Димчевска Наумоска за Женски магазин

Дијана Димчевска Наумоска од Тетово е млада мајка на две дечиња и сопруга. Таа се бори со канцер, а на крајот на минатиот месец почна лекување со имунотерапија во Турција.

За да го продолжи лекувањето, на Дијана ѝ се потребни многу финансиски средства, бидејќи една имуотерапија чини 4000 евра. Две години оваа силна мајка на секој 21 ден ќе треба да патува за Турција каде ќе прима таква терапија. Секое патување, а и дополнителен преглед и консултација се плус трошок.

Дијана за Женски магазин, раскажува со што се соочува...


*Дијана, дијагностициран рак на матка, па метастази на белите дробови. Како се случи, која беше првата мисла што ви прелета низ глава?

-Дознав за дијагнозата еден ден пред да одиме на годишен одмор…  Прво што помислив беше како ќе им објаснам на децата дека долгоочекуваниот одмор сепак нема да се случи, зашто мама е болна.. Веднаш после таа мисла дојде стравот од тоа тие да останат без мајка.

*Кои беа симптомите што ги чувствувате?

- Речиси и да немав никакви симптоми кои укажуваа на рак на грло на матка, освен оскудно крварење помеѓу циклус, а метастазите на бели дробови беа откриени на контролен магнет и за нив немав никаков симптом.


*Како се одвиваше вашата борба, дали имавте операција, што и како се случуваше?

- Уффф долго трае мојата борба, поминав низ сѐ што можеше... Поради тоа што бев втор стадиум операцијата веднаш не беше возможна, најпрво примив 33 зрачења со 5 хемотерапии, требаше и брахи зрачење, но ми беше кажано дека не е возможно. Потоа два месеци после зрачењата, во декември 2022 се оперирав, беше една од најтешките операции во која ми беше извадена матката и јајниците, потоа следеа уште 4 хемотерапии кои требаше да се направат како што ми беше кажано од лекарите - „превентивно, да бидеш чекор пред болеста“. Но, наместо да бидам чекор пред болеста, јас за кратко се соочив со нова метастаза, на вагина, против која се борев со нови 15 зрачења. Кога помислив дека сѐ е готово, по препорака на моја пријателка, инаку медицинска сестра, направив магнет на белите дробови на кој се покажаа нови метастази. Ова веќе ме исплаши премногу, сфатив дека досега нешто не беше добро направено, па одлучив спасот да го барам надвор од нашата држава.


*Кој ви беше најголема поддршка во тешките мигови, кој ви даваше сила да се борите?

-Најголема поддршка ми беше семејството, моите родители, блиски роднини, колеги и пријатели. Им благодарам на сите за се што направија и ми помогнаа сето ова да го поминам многу полесно со нивната поддршка. Имам чувство дека цело мое Тетово се дигна на нозе да ми покаже дека не сум сама и дека моите Тетовци толку многу се хумани! Се чувствувам сакано!


* Моментално одите на имунотерапија во Турција на секои 21 ден, која е и прилично скапа. Раскажете ни нешто повеќе за тоа?

Иако кај нас резултатот за имунотерапија беше негативен, на моја голема радост, во Турција се покажа дека сепак можам да ја примам оваа имунотерапија. Најпрво што очекуваме од оваа терапија е метастазите да се сопрат и да не се шират, а потоа се надеваме и да се уништат, на тој начин делува и самата имунотерапија. Доколку се поднесува добро оваа терапија, потребно е да се прима 2 години, за болеста да не се врати многу брзо, а со самото тоа и се продолжува животот на пациентот. Една терапија е речиси 4 000 евра, но верувам дека со Божја помош и добрата волја на народот, оваа сума ќе биде собрана.


* Колку се важни редовните прегледи, колку тоа може да помогне во надминувањето на канцерот и олеснување на третманите потоа?

- Многу се важни! Еден ден во годината можеме сите да одвоиме и да си направиме контрола, секоја промена доколку ја има мора редовно да се следи. Превентивата е многу важна во ваквите ситуации, но кога веќе ќе дојде до несакана дијагноза, навременото дијагностицирање е клучно за исходот од болеста. Запознав многу случаеви кои се спасиле од овој голем непријател на женското здравје само со операција и си живеат најнормално после болеста. Зашто навреме бил откриен.

*Вашата порака до сите кои водат борба како вашата, но и до сите жени и наши читатели..

- Мојата борба трае веќе година и половина, во ниту еден момент психички не паднав, секогаш имам позитивна мисла и убедена сум дека ова не е мојот крај. Мислам дека освен лекарствата во оваа борба е многу битно да имаш позитивна мисла и ведар дух, да се трудиме и покрај болеста да живееме нормално како и сите други. Жена сум и можам да се изборам со се што ќе ми го попречи патот да ги извадам на вистински пат моите две деца држејќи ги силно за нивните рачиња. Целата моја борба е за нив!

Ги молам сите жени да си прават редовни контроли, за да ниту една не го минува патот низ кој јас чекорам. Тежок и трнлив! Ама чекорејќи го, никогаш не ја заборавам насмевката дома. Дури ни по болничките ходници!


Доколку сте во можност и сакате да ѝ помогнете на Дијана, тоа може да го направите преку донации.


Ирена Ставрова