Миа Костова: „Одговорно тврдам дека во Македонија нема џет-сет, 90 проценти носат копии и мува не ги лази“

Терминот џет-сет за прв пат го употребил Игор Касини репортер на Њујорк Журнал - Американ, сакајќи да ги опише имотните господа од високата класа, кои ги користеле услугите на приватните авиони кои биле првенствено продавани само на одредени влијателни личности уште во 50-тите години. Денес, овој термин го има изгубено првичното значење за кој бил употребен, но не и тоа, дека во оваа група на луѓе спаѓаат исклучиво социјална група на „богаташи“ кои живеат на „висока нога“ и уживаат во секојдневните луксузи недостапни за обичните луѓе па дури и оние со малку „подлабок џеб“.

Сакајќи да се дел од ова друштво, многумина посегнуваат по луксузни автомобили, патуваат на луксузни дестинации, носат брендирана гардероба, или некоја добра копија... И покрај тоа, терминот џет-сет има доста поголема тежина и „милиони на сметка“.

Иако Македонија е мала држава која не е толку економски силна, сепак и тука има луѓе кои живет во раскош и луксуз но за нив многу малку се знае. Од оние пак кои сакаат јавно да се експонираат што сѐ поседуваат, речиси никој од нив и да не живее како џет-сетер во вистинска смисла на зборот, барем така велат оние кои се доста добро информирани и често можат да се забележат во друштво на македонската елита. Токму затоа, како соговорник на оваа тема, нешто повеќе околу модата и луксузните брендови ја одбравме Миа Костова, која за почеток ја прашавме, дали во Македонија има џет-сет во вистинска смисла на зборот?

- Во Македонија не постои џет-сет тврдам одговорно, особено не помеѓу јавните личности. Глумат џет-сет, а ако тргнеме да објасниме што е џет-сет за почеток ни треба приватен џет или да леташ денес во Милано утре во Виена на ручек да се вратиш тука да имаш такво друштво, приватен возач и сл. Познавам џет-сетери кои ми се блиски пријателки но, не се многу експонирани во јавност. 

Ж.М. Кои личности според тебе се топ 3 најдобро облечени, кои се најблиску до твојот стил?

- Можеби Тамара Калиниќ ми е една од омилените, во Македонија, ете може да ја одвојам Јована Филиповиќ, чудна лежерна уникатност ми има секогаш, близу до мојот стил е и Маја Кикириткова.

Ж.М. Дали кај нас има личности кои носат оригинални бренодви или пак истите преферираат да носат добри копии?

- Мислам дека 90 проценти од познатите и те како носат копии и мува не ги лази. 

Ж.М. Што мислиш генерално за модата кај нас?

- Па мислам дека следиме трендови, не сме лоши иако ми се темни од кич и шунд кој доаѓа од Србија и Бугарија и баш ми е жал за тој тренд кај младите девојчиња и трендот на мафијаши во хеланки кај мажите.

Ж.М. Дали би одбрала да носиш оригинал парче од поевтин бренд или добра копија која инаку чини илјадници евра?

- Секогаш, секогаш одбирам ташничка од Зара ако немам за брендирана чанта. Во мојата глава не влегува прчењето со бренд кој немаш да си го платиш па лечиш фрустрации со копија. На мене што и да видите брендирано е купено од продавница.

 Ж.М. На што највеќе трошиш пари, на облека, аксесорис или задоволства?

 Без размислување, на задоволства, на уживање, убави ручеци и многу патувања.

Ж.М. Која е твојата најголема модна утка, ако погледнеш наназад низ годините?

 - Ух, не би знаела! Кога гледам стари снимки, све ми е утка, ама таква била модата.


Елеонора А.