Кога ослабев ми се промени гласот, се плашев дека нема да можам да пеам повторно: Антониа Гиговска, за најтешкиот период во животот

Антониа Гиговска, еден од најмоќните вокали на сцената, годинава што минува ќе ја памети по големите промени. Научила многу работи и како да се носи со истите. Пораснала како личност.

Промена има и во имиџот и музичкиот израз. Сака да експериментира, а тоа го потврдуваат нејзините последни проекти. Најавува дека „допрва следи изненадувањето“ за македонската публика.


* Секој пејач тежнее во новиот проект да биде поинаков и поразличен. Кој твојот нов музички џокер?

- Секој артист си има своја нота. Секој артист треба да е различен и препознатлив. Затоа секогаш експериментирам. Тоа го потврдуваат нејзините последни проекти кои што се разликуваат една од друга. Очекувајте нешто што навистина ќе изненади. 

Лутината брзо ми проаѓа 

* Во твоите песни има голем опсег  и тешка интерпретација, брзина, докажување. Но, во нив има  и парче душа, дел од тебе. Што е пресудно при изборот, интуицијата или моменталната емоција?

- Мојата душа е во секоја од песните. Сигурно би било полесно ако сама ја напишам.Така најдобро би го доживеала тоа што во моментот го чувствувам. За жал се‘ уште го препуштам тоа на моите продуценти и текстописци.

Инаку да, секоја песна си има своја приказна, некоја многу солзи, некоја многу смеа.. Сите ми се драги, сите ги сакам. 

Подложна ли си на сугестии? Кој е твојот најголем критичар?

- Ах, многу вообичаено тоа се моите родители, соработниците, а најмногу Иван. Тој е подолго време во оваа работа, а и искуството си го прави своето. Многу се нервирам и секогаш сакам да биде така како што ќе кажам. Најчесто секоја критика ме нервира, но за среќа лутината брзо ми проаѓа. 

Видлива е промената на твојот имиџ. Какви се реакциите на твојата публика и фановите?

- Не може секому да му се допадне стилот со кој се носите, песните што ги пеете, како се однесувате. Среќна сум што имам свој тим, па се е полесно. Мојата стилистка се грижи секогаш да бидам различна. Се препуштам во нејзини раце затоа што таа знае што е најдобро за мене. Сакам да експериментирам со стилот на облекување, косата, шминката.

Бев дете кое многу ја сакаше храната 

Кога човек се подложува на диета, со цел да ја постигне саканата тежина, треба да има  волја но и цврст карактер. Колку пати дојде до искушение да речеш не можам, доста е?

- Ова е едно од најчестите прашања, па со сигурност ќе кажам не беше воопшто лесно. Бев дете кое многу ја сакаше храната, затоа и беше многу тешко да се одвикнам од некои работи. Многу се сакав себеси тогаш, искрено никогаш повеќе не сум се сакала. Кога ослабев не бев среќна. Сега кога веќе проаѓа време доаѓам до заклучок дека сите треба да направат еден чекор повеќе за себе, но никогаш да не престанат да се сакаат себеси, такви какви што се. 

Обично многу ретко пресекувам, ми треба мноогу време за нешто да престане, но кога се решавам, ставам точка и тоа е крај.  

Со губењето на килограмите, почувствува ли промена која не е поврзана само со надворешниот изглед?

- Бев во "депресија" повеќе од два месеца по губењето на килограмите. Кога пејачот ќе почувствува дека не може да пее како што пеел, тоа е шок. За мене мојот глас е најголемо богатство. Секогаш велам дека оваа професија е благословена. Пееш и забавуваш луѓе, правиш песни за секој да се пронајде барем во некој од стиховите. Бев во страв дали ќе пеам како што пеев. Воздухот е различен, дишењето е различно. За среќа го имам мојот професор Владо Србиновски, работиме секојдневно. Сега сум супер. 

Ако времето е најдобар лек, тогаш кои рани ти ги излечи?

- Многу рани. Секој во животот периодично се среќава со таков момент, за некој трае подолго, за некој пократко. Имам среќа што можам се да кажам во една песна, еден текст. На уметниците секогаш ни е за нијанса потешко од останатите, затоа што на друг начин ги доживуваме таквите моменти. Но, за среќа имаме песна.  


* Стана позната со настапот во шоуто Пинкови звездички. Факт е дека тоа беше исцрпувачки настан, особено за децата учесници  кои беа од други земји. Од оваа дистанца, кој е бенефитот од потешкиот пат до успехот кој ти го помина?

- Мојот пат беше многу полесен од другите затоа што почнав на едно такво шоу кое го гледа поширок аудиториум. Искуството е големо. За едно дете тоа беше навистина тешко, но јас го сакам тоа што го работам и успевам да се прилагодам со оглед на тоа што одев на училиште. Мило ми е што имав разбирање тој период. 

Би сакала да се појавам и на филм 

* Мјузиклот Тајно моја, посветен на Тоше Проески го носеше на својот грб, со твојата беспрекорна интерпретација. Посакуваш ли повторно да бидеш дел од ваков проект?

- Еден од моите најдраги проекти на кои што сум работела. Посакувам не еднаш, уште многу пати да бидам дел од таков проект составен од многу музичари, актери. Многу го сакам актерството, би сакала да се појавам и на филм. За мене беше предизвик, особено што како главна улога ја имав најголемата одговорност за Тоше.

* Која е предноста да се биде во врска со музичар? Како го контролирате егото, кое е доста присутно кај останатите на сцената?

- Забавно е, пееме, се смееме. Тие што се во нашето опкружување сигурно уживаат, зашто 24/7 пееме и снимаме „кавери“.. Од друга страна има его, но успеваме да го контролираме. Исти сме во секој поглед. Чудно... двајцата сме тврдоглави, инаети, ретко се расправаме и се разбираме меѓусебно затоа што ја работиме истата работа. 

* По што ќе ја паметиш годинава што минува?

- Моите нови проекти, мојата промена. Научив доста работи, и како да се носам со истите. Пораснав како личност. Допрва ќе изненадувам.


Соња Алексоска Неделковска

Фото: Мартин Трајановски/Стефан Николовски

Видео: Youtube