“Јас те родив, јас ќе те убијам”

Многу сакам да ја читам Ведрана Рудан. На некои им се допаѓа до обожување, некои не можат да ја смислат поради вулгарноста или што на тапет ги става сите работи кои не сакаме или се срамиме да ги кажеме на глас. Но она што е заедничко за сите, е што и едните и другите редовно ја читаат. Нејсе, деновиве ми излезе на Женски магазин поприлично скокотлив наслов кој можеби и ќе го прескокнев ако не го видов нејзиното име, а потем и сликата во гро-план. За оние кои не прочитале, еве ви линк за да знаете што ме поттикна да ја пишувам денешната колумна https://zenskimagazin.mk/vedrana-rudan-zivotot-go-posvetuvash-na-deteto-a-toa-tebe-edvaj-eden-den

Оооок, со оглед на тоа дека ми е потрефено да бидам истовремено и дете на моите родители, а и родител на моето дете, мора да бидам искрена и да ви кажам дека некои работи во текстот ме оставија подзината, што од тоа дека се сложувам, што од тоа дека ама ич не се сложувам. Но, едно по едно.

Прво, да почнам со тоа дека ниту еден од нас не е на планетава по своја волја. Или во превод, во моментот кога било кој од нас одлучува дека сака да има дете, мора да е свесен дека е тоа исклучиво негова одлука. Оттаму, децата се тука токму поради таа одлука која ние (родителите) ја носиме, а за која тие немале можност да се изјаснат дали се согласни или не со истата. Зезнато малку! Дали всушност нашата еднонасочна одлука да си родиме потомство е одлука со која очекуваме дека поради привилегијата што сме им ја дале на нашите деца (многу дискутабилно колку е привилегија) да бидат на овој свет, мора да ни се оддолжуваат додека сме живи? Или, каде е границата до која треба да одат нашите очекувања како родители.

Знаете дека сум една. Што и да кажете од аспект на тоа дали е полесно или потешко да си едно дете во семејството, ќе бидете во право. Како и за се’ во животот, така и тоа си има предности и маани. Порано, имав периоди кога очајно посакував брат или сестра, па периоди кога си велев дека ми е супер што сум сама, а сега сум во фаза кога немам време да размислувам дали ќе беше поарно вака или така, живеејќи го она што ми е дадено. Од мала бев чудно дете, некако порано созреано (или старо-мало), малку табиетлија, некогаш мрачна, претежно молчелива. Моите по дома не беа ков на родители од кои имав страв дали ќе задоцнам или дали ќе викаат ако ми биле оценките послаби. За доцнење, доцнев редовно со секакви изговори...а оценките ми беа одлични, па немав проблеми. Но, како јас созревав, а тие старееја (ќе ме отепа мајка ми за терминов, ама не ми текнува посоодветен), сфатив дека почнав да живеам живот полн стравови иако веќе бев потполно физички одделена од нив. Ден-денес на моиве скоро 51, нема ден, а да не се слушнеме по неколку пати, со прашања и потпрашања дали се добро и да не ме мафтаат случајно дека се супер, а да не се. Низ годиниве во кои минавме канцер, бајпаси, епизоди со слошувања, брза помош и се’ она со кое (сакал или не) човек мора да се помири и да се привикне дека ќе го минува кога ќе наполни одреден број години, сфатив дека во голем дел почнав да се однесувам како да сум родител на моите родители. Јадевте? Спиевте? Меревте притисок? Апчињата? Не ме лажете, ок сте сигурно?

Ова се само дел од прашањата со кои станав не само мајка на моето дете, туку и родител на мајка ми и татко ми. Притоа, ама ич не ми текна дека во сиот тој круг во кој еден со друг се прашуваме, потпрашуваме, контролираме...се губи редоследот на нештата.

Ми се чини дека само на Балканов има материјал за да се пишуваат вакви колумни. Знам дека нам не ни е во крвта да се однесуваме ко оние од запад кога на 18 им ја покажуваат вратата на децата и им велат „Моето беше дотука, сега си свој човек, можеш и да студираш и да работиш истовремено. Мојата обврска кон тебе е завршена”. Но, искрена да бидам не мислам дека е баш нормално она што ние тука го правиме кога се нашите деца во прашање. Моделот кој е сосем спротивен на оној “бездушниот” од развиенот капитализам, е сигурен начин за создавање паразити и возрасни луѓе без трошка идеја што да прават со себе во животот. Да се има блискост е една работа, ама да сме испреплетени ко црева и да се плеткаме во секој сегмент од животот на нашите деца е сосем друга работа. И да, децата имаат право да кажат да не им се мешаме во животот, затоа што мора да има граница до која ќе одиме како родители. И повторно ќе кажам, да се има очекувања дека “јас те родив, ми должиш” или она (што не можам органски да го сварам) “јас те родив, јас ќе те убијам” е сигурен начин да си го оддалечите детето од себе, неповратно. 

Ќерка ми е исто една. Односот меѓу мајка и ќерка е сам по себе специфичен, особено кога во куќата нема маж. Тоа е еден чудесен микс на мајка-ќерка, другарки, судир на хормони, широко поле за полемики и надмудрувања. Тенка е линијата која мора да се одржува за да не се заборави кој е тука родител, а кој е дете. И во ниту еден случај, колку и да се работите тешки не смее да се дозволи да се свртат улогите обратно. Ќерка ми е свет за себе, колку и да поминуваме време заедно, да разговараме или да сака да се дружи со мене. Скроз е на мене, своеглава и своја, знае да ми затвори врата пред нос оти сака да е сама, или да ме откачи ако има договорено со другарка. Кога беше помала ме извади од ум кога ми кажа дека немала никогаш да ме напушти за да не останам сама, бидејќи ќе немало кој да се грижи за мене. Ми се крена коса на глава. Одма ми дојде сцена од оние психолошки хорор-трилери во која јас имам 100 години и сум во количка, а таа има 65 и живееме во куќа полна мачки и пајажини каде се случуваат мистериозни убиства. Фуј! Не сакам детето да го живее мојот живот или да ми биде негувателка/медицинска сестра. Не раѓав за да си имам сигурност дека нема да умрам сама. И не, не ми е нормално ќерка ми да не ми постави граници до каде треба да оди мојата грижа за неа и да ме остави и на нејзини 30 да доаѓам кај неа во соба за да ја припокријам. Се разбира, ова не важи барем до полнолетство. И не дека со волшебно стапче ќе се сменат нештата кога таа ќе наполни 18, но тоа е баш убава бројка за да почне да се кали челикот.

Немојте да ми велите оти грешам.

Знам дека кога ќе замине, нема да имам спокој од оние вообичаени родителски грижи. Знам дека каде и да е и колку и да знам дека е спастрена и среќна, ќе ја мислам.

Знам дека кога ќе ми каже еден ден дека нашла некој со кој ќе има семејство, ќе ми вергла низ глава дали ќе е достоен за неа, дали ќе ја чува (притоа, ќе заборавам дека и тој има мајка која ќе го мисли истото за моево дете), па кога ќе дојдат внуци ќе бидат сосем други грижи.

Но и покрај сите мои стравови за и околу нејзината благосостојба на духот и телото, еден страв секогаш е најголем и во споредба со него, сите други изгледаат смешно неважни. А тој е сосем едноставен, во голема мера зависи од мене и гласи вака...најголем страв ми е дека нема да го проживее секој миг од својот живот со полни гради и целосно, заради чувство на одговорност кон мене или потреба да ми покаже колку ѝ значам, со тоа што себе ќе се потисне во втор план.

Па, повеќе бирам да имам “себично” дете, отколку да гледам дека нема радост во нејзините очи. Бирам да сум јас тука за неа, а не таа за мене. Бирам да сум на стенд бај, да ускокнувам кога ќе треба (што ама ич не значи дека нема да имам свој живот, оти не е баш тоа ситуација или-или). И знаете зошто сето ова го одбирам? Само поради една работа. ЈАС ОДБРАВ ДА ЈА РОДАМ. Како што таа не побара да биде родена, така јас нема да барам од неа да има обзири кон мене со кои ќе си го уништи својот живот. И да сме секогаш на чисто дека кога велиме оти децата се себични, забораваме дека сме биле и ние деца. Да ги оставиме да живеат без товар на грижа на совест кон нас, оти не е грев секој од нас да сака да си биде свој. А да ги оставиме да се свои, не значи дека повеќе не се наши туку дека сме научиле да ги сакаме на здрав начин.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Пред дете
Пред дете на колена понизна сум
Оти невиноста во очите на детето
Е слика на она што светот треба да е
Ослободен од суети и злоба
Полн смеа која гргори од стомакот
Светнат и шарен ко Велигденски јајца
Со мирис на слобода и спокој
Пред старец
Пред старец на колена понизна сум
Оти мудроста велат со староста иди
И во погледот на младоста што изврвила
Се мијам како во вода осветена
За мудроста и мене да ми трае
Да ме покрие кога душава ме боли
За утеха која ко прекривка грее
Пред љубовта
Пред љубовта на колена понизна сум
Оти толку малку чини
Само срцето на чоек отворено да е
И со секој удар милост да дава
Без да се пазари дал ќе ја добие назад
Оти љубовта во која кантарот мери
Никогаш не тежи појќе од слепилото на осамата
Пред животот
Пред животот на колена понизна сум
Од првиот здив кој убости носи
Во боја која окото со нежности го бои
Та го живееш денот ко секој еден прв да е
Го дишеш силно за пилето внатре да ти запее
И пееш небаре пилето од кафез излетало
За да ја славиш неговата големина
Пред смртта
Пред смртта на колена понизна сум
Оти и таа голема колку животот е
Та и треба да се слави ко свадба или крштевка
Оти на крајот сите се враќаме во утробата на земјата
Во таа Мајка која милиони во себе чува
И за секој од нас рацете ги шири
Во себе коските наши да ги прими
Научив понизна да бидам
Не пред икони и светци
Туку пред луѓето
Пред животот и смртта
Пред сето она што прави да сме тука
Сега и овде
Дур секому од нас времето не му дојде
За да си замини
Со љубов во себе
Со љубов испратени
И со љубов некаде
На некое друго место дочекани
Научив
Научив на колена да бидам
Та крвареле ил не
Насмев на усните да имам
Оти чоечката понизност се мери само тогаш
Кога чоек ќе научи оти на светов сам не е
И оти треба ближниот ко себе да го љуби
Од првиот до последниот зди
в