Да го вратам времето, пак би работел како келнер во странство поради семејството: Интервју со Мики Секуловски, пејачот кој направи „бум“ на „Ѕвездите на Гранд“

Македонската публика го памети како еден од најдобрите вокали во музичкото натпреварување „Македонски Идол“, а овој пат направи вистински „бум“ во „Ѕвездите на Гранд“

Пејачот Мики Скуловски на свои 36 години ѝ се враќа на музичката сцена, и на неговата најголема љубов- музиката. Изминатите шест години работи во странство како келнер, за да може да му помогне на своето семејство, но се испробува и во белгиското издание на познатото музичко натпреварување „The Voice“.

За новиот почеток во „Ѕвездите на Гранд“, како и за она што го очекува, Мики специјално за Женски Магазин.

ЖМ: Беше еден од најпопуларните натпреварувачи на едно од најголемите музички натпреварување во нашата земја, „Македонски Идол“. Зошто престана да се занимаваш со музика, што те натера да заминеш во странство и да работиш како келнер, дали доживеа некое разочарување?

- Тогаш имав 22 години и навистина за мене беше едно прекрасно искуство. Такаречено славата ја стекнавме преку ноќ, за што мислам дека и ние самите учесници не бевме свесни што ни се случува. Но поради проблемите што ги имаше телевизијата која го снимаше „Македонски Идол“, останавме без договорите кои ни беа ветени и бевме оставени сами на себе да се снаоѓа кој како знае и умее. Имав изработено неколку музички проекти после шоуто, но навистина е тешко сам и без поддршка да ја работиш оваа професија. Последниве 6 години од мојот живот заминав во странство и таму работев како келнер, но поради мои семејни причини и не сакам многу да зборувам за ова. Не доживеав разочарување туку такви беа приликите, во тој период му бев потребен на моето семејство и морав да бидам со нив. Само што можам да кажам за ова е дека ако се врати времето повторно би го направил истото. Во овој контекст, мојата втората професија „келнер“ за мене воопшто не е понижувачка како што некои коментираат. Јас мислам дека кога човек има потреба не би бирал работа и не е срамота чесно да заработуваш.

ЖМ:  Што те натера да се пријавиш на „Ѕвездите на Гранд“? Дали ги сметаш своите 36 години како недостаток или како предност во овој момент?

- Ме натераа моите дома и моите најблиски пријатели, решив да ги послушам и отидов во Скопје на аудиција. Сега, моите 36 години дали се недостиг или предност би кажал, и едното и другото. Недостиг што можеби ако бев помлад ќе бев поубав (се смее), а предност затоа што сум многу поискусен од помладите колеги кои што се пријавени. Сепак, не е мала работа да излезеш на таа голема сцена и да имаш 4 минути да го покажеш најдоброто од тебе. Мислам дека годините не се предуслов за успех, посебно во оваа професија.

ЖМ: Доби коментар дека после ова натпреварување не само што ќе ја доизградиш твојата куќа, но ќе имаш пари за уште две нови. Дали веруваш дека може да го постигнеш тоа овој пат, дали парите се една од причините за твоето пријавување или сепак музиката е твоја најголема љубов?

- Јас сум скромен човек по природа и доволно ми е оваа што ја имам да ја довршам. Парите воопшто не ми биле приоритет во животот. Ја сакам музиката, јас сум музичар по професија и ќе нагласам музиката не ми е хоби, туку професија. Впрочем за тоа и имам завршено средно музичко училиште и сум дипломиран оперски пејач. Што значи дека сакам, и треба да ја работам оваа работа како музичар и од тоа да заработувам и живеам.

ЖМ: Бидејќи се најде во тимот на Цеца, дали ја посакуваш за ментор, или пак би преферирал некој друг?

- Па кој не би ја посакал Цеца за ментор. Таа е една прекрасна личност која навистина многу им помага на кандидатите и несебично работи со нас, и се бори за нејзиниот тим. Исто морам да напоменам дека со нас работи и големата музичка ѕвезда и прекрасен вокал Ивана Петерс. НЕ ЈА МЕНУВАМ ЦЕЦА! (се смее)

ЖМ: После твојот настап се крена голема фама дека си маестрален, особено зошто ја испеа „Сонце за три светови“? По која шема ги избираш песните за да си сигурен дека се правилните за тебе?

- Најискрено немам некоја шема за избор на песните. Мое мислење е дека секоја песна си има своја приказна. Најважното според мене е како ќе ја „раскажеш“ таа приказна. Бидејќи во првиот круг немавме ментори, моравме сами да си ги бираме песните. „Сонце за три светови“ е една од најубавите македонски балади која не е баш едноставна за интерпретација, но решив да ја пеам затоа што сакам предизвик, и многу ми е мило што имаше такви позитивни коментари.

ЖМ: Дали и во иднина планираш да се претставуваш со македонски песни?

- Да. Секогаш и секаде ќе ја промовирам македонската музика, ама пред сѐ тоа ќе биде во договор со мојот тим. 

ЖМ: Кој од пријавените канидати го сметаш за најголем ривал и дали очекуваш победа?

- Не ги гледам кандидатите како ривали. Најважно за мене е да се преставам што е можно подобро во тие 4 минути. И мислам дека секој од пријавените кандидати го посакува истото. Победата е најмалку важна за мене.

Мики на „Македонски Идол“


Мики на белгискиот „The Voice van Vlaanderen“


Мики на „Ѕвездите на Гранд“


*Д.Караташова Илиоска