Има моменти кои се неиздржливи, но децата се тие кои ми подаваат рака и сила да го продолжам патот: Тина Иванова, директор на Филхармонија за Женски магазин

- Секој концерт на Филхармонија е единствен, оригинален, се случува само еднаш, нема реприза. Затоа, важен е мигот, важно е да се присуствува во мигот на случувањето за да се почувствува одблизу сета убавина што музиката сама по себе ја поседува, вели директорката на Националната Филхармонија, Тина Иванова.

Тина е мајка на две дечиња, редовно тренира, вози велосипед, практикува и јога, постојано е присутна и во Филхармонија, но како што вели таа, со добра организација сè се постигнува.

- Има денови кога е полесно, во зависност од обврските на работа, но има денови кога воопшто не застанувам. Јас по природа сум енергична личност, сè уште имам физичка сила и голем дел од обврските не ми претставуват некоја посебна тежина, споделува Иванова која во оваа нејзино прво интервју за Женски магазин сподели интересни детали за неа, за професијата, семејството и обврските, но откри ѝ што ќе има на репертоарот на Националната Филхармонија од почетокот на новата сезона, која официјално започнува на 7 октомври .

* Безмалку една година од кога сте на чело на Филхармонија. На која промена, концерт сте особено горда?

- Секој концерт носи посебна магија. Музиката е апстрактна и се движи низ времето, не можете да ја видите, ниту пак, изведбата да ја вратите наназад. Секоја интерпретација е уникатна. Јас сум горда на сите, буквално на сите концерти што Филхармонија ги реализира. Во секој од нив ќе наидете на прекрасни мигови. Секако, и на недостатоци од секаква природа, од изведувачки, од организациски, од продукциски, до технички аспект. Оваа работа воопшто не е лесна, но затоа пак, е многу убава, креативна, возвишена. Горда сум генерално на Филхармонија како функционира, на сето она што успеавме сите заедно да го сработиме во текот на пандемијата. Во ова лошо и депресивно време кога се случуваат трагедии, ние нудиме една поинаква визура и тоа е за радување. Имавме многу убави концерти. Секој концерт на Филхармонија е единствен, оригинален, се случува само еднаш, нема реприза. Затоа, важен е мигот, важно е да се присуствува во мигот на случувањето за да се почувствува одблизу сета убавина што музиката сама по себе ја поседува.  

Фото: printscreen/filharmonija.mk

* Летово имавте преубави концерти (особено концертот на Архангел и ансамблот на Филхармонија, кој се одржа во парк), кои публиката со нетрпение ги очекуваше, но, што да очекуваме следно, кои имиња треба да застанат на сцената на Филхармонија. Кои концерти, настани ќе може да ги посетат граѓаните. И дали е во план да се подготви концерт за деца?

- Да, и летово, како и секое лето, имавме концерти под отворено небо. Тие настани се многу поинакви од она што се случува внатре во концертните сали и за нас, а знам дека е така и за публиката, се посебен предизвик. Филхармонија и „Архангел“ беше овогодинешниот избор и направивме концерт за паметење. Следната сезона ќе донесе разновидна програма, но фокусот е на премиерните дела, на прогресивни композиции, на артисти кои за првпат ќе застанат на нашата сцена. Новата сезона свечено ќе почне на 7 октомври со македонскиот реномиран пијанист Симон Трпчески и маестро Габриел Бебешелеа зад диригентскиот пулт, нашиот шеф-диригент, со мошне импресивна програма. Само два дена потоа, ни гостува Белградска филхармонија со изведба на Малеровата шеста симфонија, настан кој со нетрпение го очекуваме, додека пак, на 14 октомври, премиерно во Македонија ќе се изведе врвното дело „Музика за 18 музичари“ на авторот кој го разви минимализмот, Стив Рајх, нешто што одамна недостигаше на нашата музичка сцена. Нема да ги набројувам понатамошните концерти, нека останат изненадување, но сите ќе бидат навистина атрактивни, комплексни, и истовремено инспиративни. Во однос на детските концерти, на 17 септември Филхармонија ќе гостува во Прилеп со руската бајка „Петре и волкот“ на Сергеј Прокофјев. Ќе реализираме и Новогодишен симфониски концерт за деца, а подготвуваме и една нова камерна продукција за деца која се надеваме дека ќе има многу репризи. 

* Од Ваше искуство, да споделите со нас и нашите читатели, особено за оние кои се двоумат поради ковид вирусот дали да дојдат на концерт, оние пострашливите кои протоколи се запазуваат во Филхармонија?

- Со оглед на фактот што Филхармонија беше единствената институција која не престана да работи за време на пандемијата, не е потребно никакво двоумење. Ние ја реализиравме целата програма која што ја замисливме, почитувајќи ги најстрого протоколите. Ги очекуваме сите вљубеници во музиката да дојдат и самите да се уверат во безбедноста. 

* Од оваа временска дистанца, колку вашиот стил на облекување се промени: Дали сегашната ваша позиција бара посебно облекување?

- Не се променив ниту јас, ниту мојот начин на изразување, ниту мојот стил на облекување. Се облекувам исто како и пред да стапнам на оваа функција. Можеби порано, ако ги земеме во предвид европските и светските филхармониски куќи, постоеше некаков код за сите кои што влегуваа во концертните сали – за мажите смокинг, за жените свечени тоалети, но денес не е така. Јас сум против строго зацртани правила во оваа смисла. Не може секој да си дозволи да има свечена облека, ниту пак секој се чувствува убаво во неа. Но, секој сака да слуша добра музика и со оглед на цените на билетите, секој може да си дозволи да си купи карта. Од друга страна, луѓето сакаат и понекогаш да се дотераат, да облечат нешто поразлично од секојдневието, и токму овие настани се добра причина за тоа. Затоа и јас тежнеам да се облекувам така како што се чувствувам во дадениот момент, без оптеретување. 

* А, како би го дефинирале вашиот стил и во што најдборо се чувствувате?

- Не постои дефиниција за мојот стил, (се смее). Се облекувам различно, менувам, за да не си бидам здодевна самата на себе. Но, добро се чувствувам во патики, па и во долги здолништа, широки фустани, фармерки, во Мартинс, во кожени чизми, сакам добри чевли и добар накит, носам и кошули... Сакам да носам и уникатни парчиња, купувам често такви и од македонски дизајнери. Сепак, најдобро се чувствувам во спортска облека.

* Новиот објект на Филхармонија е импозантен. Што велат оние од странство кои настапуваат тука на сцената?

- Среќни се што доаѓаат овде, им се допаѓа. Некои од нив се искрено воодушевени. Голем дел од нив сакаат повторно да настапат со Македонската филхармонија, не само заради објектот, туку заради целокупната атмосфера, заради добриот прием, заради нашата земја генерално.

*Како жена, дали се соочивте со предизвици или предрасуди станувајќи директор на Филхармонија?

- Искрено, здодевни ми се дебатите за машко-женските принципи во изборот на професијата. По толку борби, полемики, толкувања, расправи, особено во изминатиот 20.век, и се разбира, покренати најмногу од страна на жените, денешново време во развиените земји не го анализира тоа прашање како табу тема, не гледа на оваа состојба како нешто чудно. Жените и мажите ги работат скоро истите професии. И едните и другите имаат подеднаков успех. Не се соочив ниту јас со предрасуди, ниту пак со предизвик од таков тип, да се искачам на некој пиедестал и да речам дека успеав во машкиот свет, затоа што тоа не постои кога е во прашање особено овој тип на професија. Всушност, жената е по многу нешта над мажите, затоа што таа е единственото суштество на оваа планета која умее и е способна да игра повеќе улоги во истовреме и во сите да биде перфектна. 

Фото: Официјален профил на Филхармонија

* Според Вас, што сe ѝ е потребно на една жена да успее, да се искачи на врвот?

- И на жената и на мажот за да успеат во својата професија потребно им е само едно нешто: љубов кон она што го работат. Јас не знам што значи успех, не знам што е мерило за успех, освен времето како единствен коректив. Ниту пак, за мене, не постои искачување до врв во професијата. За мене е битен патот до целта, а не самата цел.

Ако патот што го изодувате кон целта што сакате да ја постигнете ви создава убавини во душата, ви причинува задоволство, тогаш конечниот резултат ќе биде добар бездруго. Човекот мора да биде искрен, да ја има секогаш етиката како свој најблизок сојузник, во сите области, а особено ако се занимава со креативна работа, затоа што лагата и залагањето без љубов излегуваат многу брзо на виделина, се гледаат во делата, во творбите. Во музиката нема формула за успех. Многу е едноставно – тоа е креативна работа за која мора да постои силен порив, моќна инспирација. Ако врвот е крајниот производ, на пример, тогаш треба да престанете да работите. Уметниците искачуваат многу „врвови“, но исто така и паѓаат, и тоа многу длабоко, се дават, не знаат дали воопшто ќе преживеат. Но, поминува време и повторно излегуваат на брегот со нов здив одново барајќи ја својата муза, својот предизвик.  Јас пишувам книга, уживам додека го правам тоа, не се форсирам, ја создавам тогаш кога ќе почувствувам некое придвижување за да ја продолжам. Кога ќе ја завршам, таа веќе мене не ми припаѓа, му припаѓа на читателот. Успехот не е во завршницата, успех е мигот на создавање, тоа силно чувство на среќа кое често и не може да се опише со зборови. Релативна и менлива категорија. 

* Како директор, сигурно имате многу повеќе и поголеми обврски кон работата. Како го балансирате приватниот и деловниот живот?

- Да, сега имам многу обврски, морам да признаам. И многу поголема одговорност. Со оглед на тоа што сум мајка на две малолетни деца, тоа е уште поголема одговорност. Има денови кога е полесно, во зависност од обврските на работа, но има денови кога воопшто не застанувам. Јас по природа сум енергична личност, се’ уште имам физичка сила и голем дел од обврските не ми претставуват некоја посебна тежина. Вежбам редовно, одам на планина, возам велосипед, фитнес, по малкујога, и тоа ми ги олеснува работните задачи. Најтешката, најблагородната и најубавата професија во исто време е да се биде мајка. Едноставно, морам да бидам постојано будна. Децата не ги интересира дали на работа ми е тешко, тие имаат свои потреби кои јас морам да им ги исполнам. Има моменти кои се чини дека се неиздржливи, мигови на себепреиспитиување со многу прашања без конкретен одговор. Ама, токму децата се тие кои ми подаваат рака и ми даваат уште поголема сила да го продолжам патот, заедно да го живееме денот со сите предизвици што ги носи. Всушност, децата се мојата најголема инспирација. Се снаоѓам до сега, правам добар план за тоа како ќе се одвива денот, или неделата, и го почитувам во добар процент.

* Имате две дечиња, момче и девојче. Дали некое од нив пројавува интерес за вашата музика?

- Да, Луна има 15 години, а Макс 11. Луна свири пијано, девет години посетуваше нижо музичко училиште, а минатата година почна да изучува и соло пеење, иако учи гимназија. Многу е музикална, сака уметност генерално, но не знам каде точно ќе се насочи во однос на музиката. Оставам самата да одлучи кога за тоа ќе дојде нејзиното вистинско време. Макс е повеќе фокусиран на спортот. Иако и тој е многу музикален и талентиран, но нема желба сега да се занимава со музика. Ниту пак, јас го форсирам. Им се чудам на родителите кои сосила ги тераат децата да се занимаваат со музика, притоа знаејќи дека не сакаат, ниту пак дека имаат талент за тоа. Децата ја примаат уметноста непосредно. Самите го наоѓаат патот до неа, во одреден период од нивниот живот. Ние родителите треба да им помогнеме да ја спознаат уметноста, а потоа да ги оставиме самите да истражуваат, да се обидат да бидат креативни. Токму за тоа се наменети и концертите за деца кои Филхармонија ги прави. Едукација низ забавен пристап.

* Како се одвива еден просечен Ваш работен ден? Како кога имате концерти, настани?

- Домашните обврски и работата со децата го чинат половина од мојот ден. А, во Филхармонија, секој ден е различен. Кога немаме концерти, се фокусираме на административните работи и на подготовка на концертите во продукциски и технички контекст и денот поминува со многу состаноци, договарања, размисли, размени на идеи. Кога имаме концерти, се посветуваме на пробите на оркестарот и на гостите коишто настапуваат. Тогаш комуникацијата со диригентот е најбитна, и секако со членовите на оркестарот кои се главниот апарат за реализација на еден настан. Доста е фрекфентно, но и доста интересно.


Фото: Приватна архива/Официјален Фесбук профил на Филхармонија/filharmonija.mk

Наталија Миланова