Игор Џамбазов за престојните празници: „Мајка ми правеше сарми во најголемиот лонец, кои ги јадевме до Стара нова година“

Оваа година дефинитивно беше турбулентна за нашиот актер, музичар, шоумен, водител, писател, нашиот Игор Џамбазов. Ја прослави златната 60-ка, имаше многубројни настапи, а изреализира и одлични концерти заедно со „Гури харе“. Но и помалку убавите моменти не го заобиколија, помина низ доста големи искушенија... Прво ја раскина неколку годишната врска со Илина, а мораше да се прости и од мачето Емче кое многу го сакаше. Во една прилика изјави: „Минатата година останав сирак, оваа ерген, а следната би можел да останам нормален“, колку има хумор, толку има вистина и болка скриена во овие зборови.. Денес, кога новогодишната еуфорија е на „максумум“, во разговор за Женски магазин, Игор ги откри своите чувства за сето она што го проживеа изминатата 2023 година, се потсети на моменти од детството, но ни ги откри и најголемите желби за следната година.

ЖМ: Каде планираш да ги поминеш престојните празници во Скопје или во  Дојран?

- Во Дојран, се разбира. И тоа во најстариот угостителски објект во Македонија. Таму каде што Гоце Делчев пиел кафе. Седам на службената маса со Чукови, кумот Мите и кумата Бубе...Јадеме рибичка, свири виолина, пееме староградски песни, Сите пијат, јас ги гледам, и така...хехехехе...

ЖМ: Минатата година ја прослави со Илина и Емче, оваа година си без нив, дали ќе ти недостасуваат или пак времето си го направи своето?

- Ах тоа време, време...сите сметаме на него, особено тогаш кога ни е тешко. И секогаш си викаме, ќе помине време, времето лечи се. Како за кого. Ама млад сум, има надеж за мене...хехехе...ми недостасуваат, се разбира, сите оние што повеќе ги немам. И на оној и на овој свет.

 ЖМ: Дали практикуваш да го накитиш станот за нова година, или па одамна не те  „обзема“ новогодишната еуфорија?

- Детството го поминав со раскошни елки кои мајка ми Анче ги правеше. Тоа беа мали ремек дела. Денес купувам од тие малите вештачки елкички  колку да се одбележи моментот. Не заборавајте дека до пред некој месец, мојата мачка Емче беше жива, а тие што чуваат мачки добро знаат што се случува кога во дневната соба ќе се сретнат мачката и елката. Сте го гледале Терминатор? Хахахахааа....

ЖМ: Како за тебе би изгледала совршената новогодишна ноќ?

- Веќе сум имал неколку такви и навистина ден-денес се потсетувам на нив, а понекогаш и им ги раскажувам на моите пријатели. Тоа се оние нови години поминати во друштво на таа што  ја сакаш, со онаа која ти го топли срцето. Свеќи, вино, убава храна, музика по желба. Звучи старомодно? Е па тоа е, што да правам...

ЖМ: Ако се навратиш назад во детството, што е она по што го паметиш овој период на празници и прослави?

- Во моето детство новогодишната еуфорија почнуваше уште на почетокот на декември. Плоштадот изгледаше како во бајка. Тезгите за подароци и новогодишни честитки се протегаа од Ристиќевата палата, па се до Железничката станица. Градот беше насмеан до уши. Мајка ми правеше сарми во најголемиот лонец, кои ги јадевме до Стара нова година.Новогодишен концерт на први јануари, скијачките скокови на четирите скокалници, и безброј снешковци пред куќите и зградите...

ЖМ: Кој е најомилениот подарок што си го добил за Нова Година?

- Пред десетина години сестра ми Тања ми подари професионална гитара, од марката „ Gretch“. Една црвенокоса убавица која се уште е во функција. Толку е убава што луѓето ми ја бараат за снимање на спотови, а младиот маестро Пере од Нокаут со неа отсвире цела една турнеја...

ЖМ: Години наназад на креативен начин ја честиташ Новата Година на илјадниците следбеници, со што ќе не изненадиш оваа?

Нема да ве изненадам, хехехе...оваа година ќе ви посакам три работи: Здравје, здравје и здравје. 


Елеонора А.