Двократната шампионка во јавање на Македонија, Силја Дуковска за љубовта кон коњаничкиот спорт: Жените и мажите во овој спорт се натпреваруваат рамноправно, не се поделени на пол

Карантинот за време на глобалната пандемија било повод за 15 годишната Силја Дуковска од Скопје да се запознае со јавањето како спорт, а потоа таа да почне професионално да се занимава со прескокнување на препреки со коњ.

Силја е средношколка во прва и е двократен шампион на Македонија за 2021 и 2022. Учествувала на Национални државни првенства, како и Балкански шампионати.

Таа вели дека професионалното јавање е начин на живеење, а не само хоби. Силја поседува два коњи, кои се во сопственост на нејзините родители со кои и оди на натпревари.

За коњаничките спортови вели дека се единствени спортови каде жените и мажите се натпреваруваат рамноправно во дадена категорија и не се поделени на пол.

Нејзината желба е еден ден биде дел од „Longines“ натпреварите, кои претставуваат глобална турнеја на шампиони од неколку континенти.

ЖМ: Зошто го одбра токму овој спорт, што беше пресудно за да започнеш професионално да се занимаваш?

- Уште како ученик во прво одделение почнав да посетувам најразлични активности. Посетував часови по балет уште и пред да започнам на училиште. На 5,5 години се запознав со волшебниот начин на решавање на математички задачи со помош на Абакусот, преку BRAINOBRAIN-иновативната меѓународна програма за развој на интелектуалните и животните вештини и способности кај децата. Потоа, следуваше изучувања на странски јазици, свирење на виолончело и пијано. Многу вонучилишни активности преку кои се градев како личност и карактер. Дете кое не мирува. Кога во времето на пандемијата КОВИД 19 во нашата земја се воведе карантинот и се затворија училиштата, а со нив и сите други активности кои се одвиваат во затворен простор, за едно активно дете како мене тоа беше навистина тешко прифатливо. Токму во тој период мојата постара братучетка Оља ме однесе во еден коњички клуб, со намера тоа да биде моја рекреација во тој тежок период за сите нас. Така започна оваа моја успешна приказна.

ЖМ: Се сеќаваш ли на првата средба со ова животно?

- Секако. Коњите се навистина неверојатни животни. Пред себе гледате животно кое тежи минимум 500 килограми и во првиот момент не можете да препознаете никаква емоција од негова страна. Вие му се воодушевувате на големината и убавината, но не знаете дали тоа вас ве сака. Коњите не се како другите животни, да скокаат и се радуваат околу вас или ладно да поминат покрај вас. За да ги научите неговите емоции и меѓусебно да се разбирате треба да поминувате многу време заедно.

ЖМ: Што го прави овој спорт толку посебен?

- Адреналинот. Доколку зборуваме за спортската категорија, прескокнување на препреки со коњ со која јас се занимавам. Тој е неспоредлив дури ни со скијањето, а оние кои возат мотори и јаваат коњи, велат дека е неспоредлив и со брзината со која возат мотор.

ЖМ: Кој ти беше првиот професионален натпревар на кој си учествувала?

- Првиот професионален натпревар надвор од мојата земја беше во Република Хрватска. Во тој период кај нас беше во тек Државното првенство, каде јас се натпреварував во категоријата деца до 14 години.

ЖМ: На кои се натпревари досега имаш учествувано и какви се награди си освоила?

- Би сакала најпрво да го доближам начинот на кој заминувам на еден коњички натпревар. Ова е спорт во кој јавачот има партнер, тоа е неговиот коњ. На натпревар ние заминуваме заедно. Коњот е потребно да го транспортирате во приколка и тој патува стотици, па и илјадници километри. Овој транспорт често е многу исцрпувачки како за коњот, така и за јавачот и целата негова екипа. Поминуваме неколку гранични премини, со многу претходно извадени документи. Чекаме на проверки и изработка на документи од граничните ветеринари, цариници … и кога конечно ќе стигнеме на целната дестинација имаме еден ден да се одмориме и ние и коњот. Веќе следниот ден почнуваат натпреварите кои се одвиваат три дена. И потоа сето тоа повторно за да се вратиме дома. Значи еден исклучително напорен и исцрпувачки процес, низ кој ве води само љубовта кон јавањето.

Покрај натпреварите кои се одржуваат од мај до октомври секоја година во склоп на Националното државно првенство кај нас, на кои редовно учествувам, досега имам учествувано на натпревари во Хрватска, Бугарија, Србија, Романија и Грција. Тоа се натпревари организирани од страната на FEI (меѓународно раководно тело за коњички спортови) и EEF (европска коњичка федерација). И едно учество на Балкански шампионат.

Се натпреварувам во прескокнување на препони со висини 1 м, 1,10 см, 1,15 см и 1,20 см.

Јас сум двократен шампион на Македонија за 2021 и 2022 година во категоријата деца. Победник во Купот на Македонија во 2022 година. Имам освоено две први места на натпревари во Србија во прескокнување на висина 1,10 см, едно второ место во тимски натпревар во Бугарија. Повеќе трети, четврти места.

Од оваа година се натпреварувам во категоријата Јуниори (14-18 години).

Најголемата награда за еден јавач, а посебно за неговиот тренер, е кога навистина точно и убаво ќе изјавате на еден натпревар. Пласманите се некогаш и среќа или склоп на некои околности. Овде се пресудни секунди, стотинки. Ова е единствениот спорт во кој жените и мажите се натпреваруваат рамноправно во дадена категорија и не се поделени на пол.

ЖМ: Колку овој спорт бара посветеност, колку тренинзи имаш неделно?

- Тренирам секој ден по два коња. Некогаш и три. Без разлика дали времето е топло, врне, вее или паѓа снег. Пауза имам само десетина дена за летен и зимски одмор. Се друго е подредено на тренинзите и јавањето. Коњот не е животно кое може да го јавате само кога вие сакате, кога имате време. Значи, потребна е секојдневна посветеност. Професионалното јавање е начин на живеење, не е хоби.

ЖМ: Како изгледаат твоите тренинзи? Има ли посебен период од денот кога е најдобро за тренинг и дали е потребна дополнителна физичка активност која би придонела за подобра кондиција?

- Моите тренинзи, водени од страната на мојот тренер Бобан Томевски се одвиваат на терените на Скопскиот Хиподром, каде е сместен мојот матичен клуб ККС Илинден, секој ден од 17 часот. Во мојот случај е така бидејќи јас сум на училиште до 16 часот. За време на викендите тренинзите се порано во денот. Физичката активност е и повеќе од потребна. Практикувам физички вежби и тренирам одбојка, член сум на училишниот тим.

ЖМ: Имаш ли омилен коњ со кој веќе имате воспоставено комуникација за да биде послушен во твоите команди за и ти да бидеш успешна во тоа што го работиш?

- Секој професионален јавач поседува барем еден свој личен коњ. Не може да бирате коњ кој би го јавале. Коњите кои се во сопственост на сите клубови се училишни, односно лимитирани коњи и служат за почетно основно изучување на јавањето. Јас поседувам два коња, односно кобили. Тие се сопственост на моите родители. Комуникација имам воспоставено и со двете веќе одамна. Двете имаат сосема различен карактер и различни јавачки можности. Со двете работам различни тренинзи.

ЖМ: Поддршката е многу важна за истрајноста и успехот на секој еден спортист. Која е твојата најголема поддршка?

- Моите родители се мојата најголема поддршка. Кога го велам ова не мислам само на финансиската поддршка која е многу значајна во овој спорт, туку и на секојдневниот нивен ангажман. Нивното слободно време е целосно посветено на тоа да ме донесат на тренинг, да ми помогнат околу грижата и подготовката на кобилите пред и по јавањето. Кога патувам на натпревари во други држави тие се секогаш со мене. Во исклучителни случаи кога тие не се во можност да бидат со мене, тука се мојата тетка Анита и мојата братучетка Оља, која ја сметаме за главен „виновник“ за тоа што денес сум професионален јавач.

ЖМ: Која е твојата желба, каде би сакала да се видиш во блиска иднина на кој натпревар?

- Македонија е земја во која многу малку се негува и поддржува овој спорт. Државата и помага на Федерацијата за коњички спортови и на неколку јавачи со минимални средства. Од таму моја желба и цел се учествата на што повеќе натпревари кои се организираат на европско ниво, од страна на FEI и EEF. Само така можам точно да видам до каде сум стигнала во личниот напредок, кога ќе излезам на натпревар со натпреварувачи од земји каде многу се вложува, цени и негува овој спорт.

Еден ден, во некоја далечна иднина пак, би сакала да бидам дел и од „Longines“ натпреварите, кои претставуваат глобална турнеја на шампиони од неколку континенти.

Габриела Додевска Глигоровска

Фото: Приватна архива