Драган Спасов Дац: Кога сè ова ќе мине, може ли да си задржиме еден карантински ден во месецот?

Филмови, театарски претстави, телевизиски проекти, а сега и активен пејачки ангажман. Ова е професионалното портфолио на актерот Драган Спасов-Дац, кој за „Театар дома“ на Женски магазин ја одбра песната „Стерна“ на Блаже Конески. 

-Со „Стерна“ сум некако поврзан. Таа беше задолжителна кога полагав приемен испит на ФДУ. На отворање на охридскиот амфитеатар 2001 ги кажував овие стихови. И, сега, ете, некако природно ми дојдоа. Тешки се и мачни, ама такво е и времето. А, цел живот сум се прашувал што е стерна. Тоа е дупка од која извира вода, и ќе најдете кај Марко Цепенков една интерпретација - да не беше Марко Крале да ја затне со бубаќ, Прилепско поле ќе беше Охридско езеро. Стерната јас ја гледам како болештина што треба да се затне со нашата грижа за самите себе и за луѓето околу нас – вели Дац.


Секогаш позитивно устроен, Дац и на ова застанатото време низ кое минуваме се обидува да му најде позитивни страни. 

- Ако нешто е добро во сево ова тогаш тоа се мирот и тишината наоколу, сè е стивнато и чисто, Скопје е празно какво што не било одамна, луѓето се свртуваат кон себе. Некои работи треба да ги сочуваме и дури си мислам и кога сè ова еден ден ќе мине - да задржиме еден карантински ден во месецот,  пандемиски мирен и без пандемија, ништо да не забрмчи, да ги слушаме птиците и пчелите. Сè ми се чини дека кога ние застанавме, Земјата почна да дише и да се обновува, изгледа ние сме вирусот – вели Дац.

Театарот му недостасува секој ден.

-Сè во театарот ми недостасува, но театарот не е театар без глумци и без публика, нема театар без глумци и без публика. Ако има еден глумец и еден човек да го гледа – веднаш има театар – вели Дац.

Дома си имаат свој, интимен театар со сопругата и ќерката.

-Пееме заедно, глумиме заедно, ние сме и глумци и пејачи и публика.

Од минатата година заедно со Александар Митевски Дац, и претходно познат по своите пејачки способности, отвори едно ново поглавје. Вокално. И сега, во карантин, заедно со Александар и со пријателите, продолжуваат социјално дистанцирано, секој од својата изолација, да пеат. Дац вели дека овој ангажман му ја надоместува малку потребата за театарот.

-Се забавувам и среќен сум со тоа што го правиме со Александар, а среќни се, според реакциите, и тие што нè слушаат. И тоа е театар, зашто ние се претставуваме – се смее Дац.

Не се грижи за иднината на театарот по ова пандемиско време.

-Театарот ќе продолжи да постои, театар мора да има, цивилизацијата се кали во театарот... Театарот е во криза не само поради пандемијата, туку и пред неа, од интернетот и телевизијата, но многу е битно да го сочуваме – вели Дац.

Првата постпандемиска претстава што го очекува е речиси подготвената „Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ, која требаше да има премиера на крајот на март.

Јасна Франговска

Фото: Кристијан Теодоров

Јасмина Поповска: Го избрав „Декамерон“, сè што е човечко, не ни е туѓо