Деталите се мојот ракопис по кој сакам да сум препознатлива, јас и мојот стил на сликање: Уметницата Мила Јовановска за Женски магазин

„Среќа, задоволство и чекор напред“ гласи изложбата на младата уметница Мила Јовановска.

Кога ќе се спојат талентот и упорноста, тогаш тоа е исполнување на еден сон и желба.

Мила која има 18 години за Женски магазин, зборува за пасијата кон сликањето, за вложениот труд и морето од прекрасни фотографии.


ЖМ: Мила, раскажи ни нешто за себе, кога се роди љубовта кон сликањето? *Велиш дека твојата прва изложба е остварување на твојот детски сон – како заклучи дека тоа е нешто што те исполнува?

- Во моите најрани години, како второ дете во семејството и секогаш опкружена со повозрасни, за да бидам со нив, а сепак да не им пречам во нивните секојдневни активности морав сама да најдам нешто што ќе ми го исполни времето. Куклите ги имав со мене, ама посреќна бев кога мајка ми ќе ми подадеше бел лист хартија и пенкало за да нацртам нешто . Малку по малку видов дека тоа ми е забавно, па се сеќавам дека сама побарав торбичка со фломастери и тефтерче кои постојано сакав да ги имам со мене. Нештата кои ги цртав ме радуваа мене, но со време уште повеќе ги радував моите најблиски кога ќе им го подарев нацртаното. Одев во градинка, но и многу време поминував со бабите и дедовците. Токму дедо ми, татко на мојата мајка, е првиот кој посериозно ми пријде и ме воведе во уметноста и сликањето. Заедно цртавме, боевме, се „натпреварувавме“кој подобро нештото ќе го нацрта- а всушност се беше за да ме натера да го дадам својот максимум при тоа. Негова беше идејата, а потоа и негово севкупно залагање да одам на детски работилници за сликање. Така малку по малку, влегувајќи во светот на уметноста, гледајќи ги уметничките слики на ѕидовите во галериите се роди мојата желба да создавам уметност и таа еден ден да биде видена- на моја изложба.


ЖМ: Колку време се подготвуваше за изложбата, кој момент беше пресуден да се презентира сега?

- Во време на пандемијата со Ковид 19, како и многу други, времето го исполнував со сликање, истражување и учење на нови техники, се разбира употребувајќи ја современата технологија, за да во периодот што следеше продолжам со активно учење и сликање со академска сликарка, професионалец, педагог, прекрасна жена кај која го исполнував секој слободен момент и ги насликав моите први попрофесионални слики на платно. Сите дела кои влегоа во рамките на мојата прва самостојна изложба, беа насликани во период од три и пол години. Воедно учествував на неколку групни изложби, меѓународни натпревари на кои ги освојував првите места, а и на светски ликовен конкурс каде учествував со оригинално дело со сопствена приказна и порака. По низа такви дела и по препорака на мојата сегашна професорка по сликање Бона, одлучив да го заокружам својот аматерски почеток со самостојна изложба. Изложбата се отвори на 6-ти март во кафетеријата Концепт 37 во Скопје, а причината за која го одбрав токму овој месец е симболично,  будењето на природата со колоритот на боите, мирисите, пролетта како нов почеток.



ЖМ: Какво е чувството сега после изложбата?

- Сѐ уште живеам со импресиите од прекрасната вечер на отварањето, чувството на самозадоволство од интересот кој го побудив кај сите оние луѓе кои дојдоа да го видат сето она што јас го создавам. Прекрасно чувство, огромен поттик за понатамошен развој и работа.


ЖМ: Раскажи ни какви техники користиш и што најмногу те мотивира при сликањето?

-Мотивите на моите слики се различни. Ме мотивираат градовите во кои патувам, природата, но најмногу од се убавината на женскиот лик. Се обидувам да ги поврзам овие нешта и направам целина од убавина со четките и боите на платното кое е пред мене. Досегашните слики се со акрилни бои, различни техники, но уживам во сликање на детали. Во нив се вградувам јас, деталите се мојот ракопис по кој сакам да сум препознатлива, јас и мојот стил на сликање.


ЖМ: Твои идни планови?

- Во однос на сликањето, следно во кое сакам да се усовршам е техниката со шпакла, но и техники кои до сега не сум ги пробала. Иако имам неколку слики со шпакла, сакам уште повеќе да учам, да работам со неа попрофесионално.


Моментално сум матурантка во СУГС „Георги Димитров”, ме окупираат плановите за моето идно школување, но имам уште малку време за конечна одлука- што понатаму ќе биде моја професија? Секако уметноста и сликањето ќе бидат дел од моето секојдневие од каде ќе ја црпам позитивната енергија и ќе ги „полнам своите батерии“. Задоволството и миговите на среќа со боите и платната сакам да продолжат.


ЖМ: Каде можат да се купат твоите дела?

- Повеќе од половина слики се продадоа на отварањето на изложбата, дел се продоа одпосле, но бидејќи е се уште отворена, сите кои сакаат да ја посетат и ги видат моите дела тие се на ѕидовите во Концепт 37, па доколку им се допаднат и посакаат да купат може да ме исконтактираат на мојот инстаграм профил @milas_worldofart .


ЖМ: Што те мотивира во животот?

- Ме мотивираат патувањата со моите родители, дружбата со пријателите, песните, книгите, природата, животните. Буквално во сѐ ја гледам убавата страна и сакам, како млад уметник,  да ја преточам и насликам на платно. Младоста и мојата позитивна енергија сакам да ја споделам со другите, сакам да учам нови работи, нови јазици, да совладувам нови предизвици. Ме мотивира успехот, неуспехот ме прави посилна и се надевам дека ова е само почетокот, дека пред мене ќе има уште многу предизвици бидејќи секој учител некогаш бил ученик, секој експерт бил почетник, секој победник некогаш бил губитник, но сите тие го поминале мостот наречен „учење“. Јас верувам во себе и ќе работам за мојот иден успех.


Ирена Ставрова