Д-р Слободан Лазаревски правеше свое вино по највисоки стандарди: Ако Господ ми даде здравје, кога ќе се пензионирам, повторно ќе се вратам на ова хоби

Д-р Слободан Лазаревски, раководител на одделот за ин витро во болницата „Систина“ има големо семејство кое ужива во заеднички ручеци барем 4-5 пати неделно. Секогаш ручекот го почнуваат и завршуваат со чаша вино, а од „тежината“ на храната зависи дали ќе отворат бело или црвено.

Пред петнаесет години, со уште двајца пријатели почнале да прават вино. Прво чист каберне, а потоа секоја година експериментирале со куве, вклучувајќи вранец и мерлот. Во целата обработка и подготовка им помагал професорот Миле Петковски познат енолог од Земјоделскиот факултет и нивни пријател. Таа мала винска авантура траела неколку години. Вели дека за чудо, 2-3 години направиле навистина добро вино. Посебно уживање за нив било флаширањето, ставањето на тапите и етикетите кои ги нарачувале со посебен грб.

ЖМ: Како голем љубител на виното веројатно се согласувате со француската флоскула „Ден без вино, е како ден без Сонце“. Практикувате ли секојдневно да се напиете од овој напиток и во кој период од денот?

-Виното е цивилизациски, антрополошки и митолошки феномен кој од памтивек до денес провејува низ историјата. Како феномен бил преокупација на античките поети, а таа фиксација со виното продолжува преку писатели, филозофи и лекари се до денешно време. Луѓето од многу региони во светот имаат посебен култ кон виното. Населението на Медитеранот, а посебно Французите, се големи љубители на виното и воопшто не треба да не чудат многубројните вакви флоскули и поговорки во нивниот речник. Со чаша вино почнале многу љубовни врски и вечни пријателства, со чаша вино наздравуваме раѓања, родендени, крштевки, свадби и годишнини. Со чаша вино ја ревитализираме нашата љубовна врска и нашите, понекогаш заборавени, разговори за животот, духовноста, културата и заедничките дружења додека се будат емоциите за кои сме мислеле дека се длабоко заспани во темната страна на потсвеста. Со чаша вино ги испраќаме нашите блиски во вечноста сеќавајќи се на заедничките моменти во животот. Се разбира, виното е неодминлив пијалак и на нашата семејна трпеза, а умереното уживање во овој пијалак на Боговите може да има многу бенефити по здравјето.

ЖМ: Со кое вино ќе го прославите денешниот празник Св Трифун. Дали и вашето семејство е љубител на овој пијалок?  

-Свети Трифун како голем православен празник има голема традиција во Македонија. Се смета за ден на лозарите и градинарите и покровител на меанџиите и на тој ден се врши обредно закројување на лозјето. Некои го сметаат и за предвесник на пролетта. Ова повеќезначно толкување на славењето на овој голем светец мартир и безсребреник има посебно место во традиционалното македонско семејство.

Фото: Приватна архива

Оваа година празникот паѓа во среда значи трпезата ќе биде посна со преспански крап, подарок од мој пријател од Ресен, што го чувам во замрзнувачот. Со него сигурно ќе отвориме бело вино, веројатно од винаријата Тиквеш или Попов. Ние сме големо семејство кое ужива во заеднички ручеци барем 4-5 пати неделно.Секогаш ручекот го почнуваме и завршуваме со чаша вино, а од „тежината„ на храната зависи дали ќе отвориме бело или црвено вино.

ЖМ: Низ својата историја, која трае колку и човештвото виното го сметале и како боженствен напиток од повеќе аспекти. Поаѓајки од медицината, како влијае врз здравјето на човекот?

-Култивирањето на виновата лоза прво почнала во Азија пред скоро 4.000 години и од таму е пренесена во Египет, Античка Грција и Античка Македонија, потоа во Римското Царство, а оттука во цела Европа. Боговите од Олимп уживале во виното, а богот на виното Дионис, син на Зевс и Семела бил бог и на веселбата, уметноста и љубовта. Првото нешто што го направил Ное кога стигнал на копно засадил винова лоза и од првото вино се напил наздравувајќи му на новиот живот. Од почетокот на цивилизацијата виното било составен дел на човековата исхрана, а неговата разумна консумација придонела до развој на културата и духовноста. Виното, заедно со крвта и млекото се сметало за најсложена течност на светот. Дури многу покасно, кога хемичарите го анализирале виното, се воспостави дека виното е храна затоа што содржи бројни енергетски и есенцијални материи. Виното содржи 75-85% вода, 7,5-15% алкохол, 10 г/л главни органски киселини, 3 г/л минерали (калиум, калциум, натриум, магнезиум, железо, манган, бакар, цинк, селен, флуор, јод), алдехиди, аминокиселини, флавоноиди, витамини (Ц, Б1, Б2, ПП, пантотенска киселина, Б6, Б12), ресфератрол (многу моќен антиоксиданс) и други микроелементи. Уште Хипократ таткото на медицината (4 век пр. н. е.) и Гален (3 век пр. н. е.), грчки лекар и филосов, виното го користеле како лек, а исто така и за облоги и масажи. Антибактерискиот ефект на виното одамна е познат.

 Александар Македонски и Наполеон Бонапарта своите освојувачки походи ги оствариле, меѓу другото, благодарение на виното и неговите фантастични ефекти во борбата со епидемиите на тифус, колера и други епидемии. Благородниот ефект на виното врз крвните садови и срцето како и атеросклерозата и спречување на тромбоемболиските болести е познат повеќе од еден век. Виното го покачува добриот холестерол, а го намалува лошиот. Французите пијат вино и пушат многу повеќе од Американците, но инфарктот на срцето, мозочните инсулти и тромбоемболични болести се значително помали кај Французите, има една нивна поговорка која гласи: „Исус не го претворил виното во вода, туку водата во вино“. Антиоксидативниот ефект на виното во борбата против слободните радикали во организмот има антикарциноген ефект и е превентива на многу хронични болести. Меѓутоа, никако да не заборавиме, виното е добар слуга, ама лош господар. Љубовта може да се роди со вино, ама може и да се удави во него. Се поставува прашањето – која количина на вино дневно е идеална? Има многу препораки од лекари што го проучуваат бенефитот на виното и обично дневната доза се движи помеѓу 150 и 300 мл на ден, што би одговарало на една до две вински чаши.

ЖМ: Кога се појави желбата сами да правите вино? Како еволуирашре процесот од изучување, подготовка и реалзација и со што можете да се пофалите денес?

- Од најмали нозе сакам да истражувам и експериментирам, да живеам со моите фантазии и фикциите од книгите и стриповите кои во тоа време ги читав секојдневно. Детето во мене изгледа никогаш не порасна. Сменив многу хобија, спортови и музички и филмски правци. Пред петнаесетина години, заедно со уште двајца мои пријатели почнавме да правиме вино. Прво беше чист каберне, а потоа секоја година експериментиравме со куве вклучувајки вранец и мерло. Во целата обработка и припрема ни помагаше професорот Миле Петковски познат енолог од Земјоделскиот факултет и наш пријател, кој ни даваше и посебен храстов чипс кој го стававме во женска износена хулахопка, а потоа во иноксните буриња е шегувавме дека ако е неперена, виното ќе биде подобро) за виното да добие барикиран вкус .Грозјето го набавуваме од еден познат неготински регион. Таа наша мала винска авантура траеше неколку години и за чудо, 2-3 години направивме стварно добро вино. Посебно уживање беше флаширањето, ставањето на тапите и етикетите кои ги нарачувавме со посебен грб. Заради сплет на околности, прекинавме со тој наш вински излет, во меѓувреме почнаа да се раѓаат моите внуци, а јас спонтано направив прекретница во моите приоритети во слободно време. Сигурен сум, ако Господ ми даде здравје, дека кога ќе се пензионирам повторно ќе се вратам на ова прекрасно и корисно хоби. Денеска имаме навистина извонреден избор на македонски вина, од етаблирани винарии како Тиквеш, Камник, Попов, Лазар до мали семејни винарии или манастирски винарии како Манастир од охридскиот регион. Имам само една замерка, а тоа е цената на квалитетните македонски вина кои се на ниво на француските и италијанските, а дури поскапи од шпанските и португалските со ист квалитет.

ЖМ: Колку е посебен овој пијалак можеби најдобро зборува португалската изрека: „Кој има добро вино, секогаш има пријатели“. Се собираат ли чест пријателите во вашиот дом, дали ви се тие и најдобрите дегустатури?

- За консумирањето вино да биде комплетно уживање мораме да го слушаме, гледаме, мирисаме, да го осетиме неговиот вкус, трпкост и арома. Најдобро е виното да се пие со јадење или после јадење, а не на празен желудник. Кога одиме на дегустација на вина секогаш треба помеѓу два бренда да каснеме нешто, најдобро јако сирење или залак црн леб, да ги елиминираме сите пријатни чувства од претходното вино. Кога веќе сме се навлекле на овој лековит „порок“, тогаш секој љубител на вино ќе ви каже дека нема ништо подобро од уживање во виното во друштво со пријатели. Уште Епикур рекол дека пред да помислиме што ќе јадеме и пиеме, треба да се запрашаме со кого ќе бидеме на маса, зошто ако јадеме и пиеме без пријатели, тогаш живееме како ѕверови. Јас имам две групи на пријатели со кои се среќаваме барем еднаш месечно во дегустација на добри вина, мезе, а понекогаш, ќе запалиме и добра пура, најчесто од Никарагва, Доминикана, или Куба. Можам да ви кажам дека после секоја наша седенка исполнета во добра атмосфера, вицеви, издржани муабети па и духовни теми, нашето пријателство станува се поцврсто. Хедонизмот често пати има негативна конотација, но правата дефиниција е уживање во животот и сетилниот и духовниот. Учениците на Сократ го промовираат како императив на живеење на мудрите луѓе кои треба да доминираат со уживањето, а не обратно. Христијанството не се коси со хедонизмот, зошто љубовта кон животот, вистината и блиските се неопходен услов за љубовта кон Бога.


Соња Алексоска Неделковска

Фото:Вангел Тануровски