Д-р Миодраг Врчаковски: Пишував епитафи за професорите и ме открија- за малку ќе ме избркаа од гимназија

Професор д-р Миодраг Врчаковски еден од најеминетните неврорадиолози во земјава, познат е и како љубител на пишаниот збор. Јавноста го знае како автор на стихови на многу хитови. Но, негова страст се и хумористичните текстови, кои се емитуваат на „ Соул рели“, единствена емисија што ја создава еден човек.

- Мојот талент за пишување текстови го открив како гимназијалец во 1962 година. Учев во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје.Судбина ли беше или што ли, ми падна напамет да почнам да пишувам епитафи за моите професори.

Арно, ама еден ден професорката по математика Велкова ми го фати текстот од нејзиниот епитаф и верувајте ми, само влакно недостатуваше да ме избркаат од гимназијата – вели д-р Врчаковски кој тогаш открил колку е опасно да ставиш нешто на хартија, да напишеш текст.

- Мојата кариера како текстописец на хумористични текстови продолжи на Медицинскиот факултет во Скопје. Како студент пишував хумористични текстови во студентскиот часопис „Медикус“. Пишував за сите настани што се случуваа на факултетот.Тоа беше луда забава. Во 1977 година на брановите на Втората програма на Радио Скопје се роди мојата емисија „Соул Рели“. Се емитуваше секоја сабота.Во секоја емисија создавав нови сонгови и песни. Тоа беше и сеуште е, уникатна емисија која ја создава еден единствен човек, Во неа сум се. И водител и текстописец, и новинар и репортер, и монтажер и снимател, и пејач и текстописец и и реализатор на сонговите.One band man- појаснува докторот.

Првиот сонг што го напишал за емисијата „Соул Рели“ била пародија на песната “Има една мома многу убава” на група „Македонија“. Насловот на неговата верзија бил „ Има една болва психолабилна“. Ја отпеал со неговиот драг колега неврохирургот Кирил Лозанче. Многу популарна станала и нумерата“Сите риби пливат”.

- На почетокот на осумдесетите години уредникот на драмската редакција Бошко Смаќоски ме ангажира музички, со мои сонгови да ја оформам тогашната хумористична емисија на Радио Скопје “Најнеслушана емисија”. Подоцна , следејќи го истиот модел, се роди култната „Хихирику“.Се до нејзиното згаснување учествував со мои сонгови, но никогаш не ги објавував како автор.

Во 2005 година во Универзална сала во Скопје се случи премиерата на мојот мјузикал “Докторска одисеја 2005” со дваесет и пет мои, нови хумористични песни и сонгови инспирирани од докторскиот живот . Би ги издвоил “Министерска фотеља” со Драган Спасовски Дац, “Балада за фондот за здравство” со Тања Кочовска, пародија на „Летај галебе, “Дај тури уште една чинија” со Тања и Бубо Каров,”Хирург” со Владимир Ангеловски Дади, “Ѓавол си ти” со Славица Ковачевиќ, пародија на “Ангел си ти” на Тоше Проески и многу други - вели д-р Врчаковски кој досега има реализирано преку 400 вакви песни.

Многу луѓе го прашуваат од каде добива инспирација. А тој им вели „Животот е најголемата инспирација. Се она што се случува околу мене“.

- Секојдневно сме бомбардирани од купишта вести и информации од кои некои се вистински споменици на човековите глупости. Е, тоа мора да се овековечи. Седнувам и пишувам. Иако сум активен професионално, моите музички и текстуални инспирации никогаш не пресушија, туку уште повеќе дојдоа до израз. На работното место се роди и песната за мојот драг и никогаш непрежален колега, другар и пријател Мето Чепреганов “Најдобар е на Балканов доктор Мето Чепреганов”. Стана голем хит на Јутјуб.

Во „Неуромедика“ ја формирав и докторската вокално инструментална група „Антостес Бенд“ и со неа реализиравме неколку хитови, кои се сеуште популарни на Јутјуб открива тој и посочува дека докторската професија е тешка и многу одговорна.

- Судбините на пациентите стануваат и наши судбини. Нивните болки стануваат наши. Каде да најде еден доктор утеха, релаксација, како да се ослободи од тој огромен психолошки товар? Како да ги преброди и заборави ударите на времето и судбината?Како да побегне од се.Мојот одговор е кристално јасен.

Ослободувањето од стресовите, спокојството и душевниот мир го барам и наоѓам во создавањето, во креирањето песни и музика, сонгови и емисии.Тоа ме ослободува, ме релаксира, ме исполнува со радост.Создавам нешто што и другите ги прави среќни.Има ли поголема награда од тоа. И знајте дека најголемиот, најволшебниот и најуниверзалниот лек за сите болести е музиката, песната,радоста и смеата.Тие лекуваат се.Ве сакам сите.- посочува на крај д- Врчаковски.


Соња Алексоска Неделковска