Ана Бунтеска: Некогаш нема утеха (на Данка)

Некогаш нема утеха

Како да застанува времето

И сиот живот со него

Та ти се чини оти небото се затвора

И сите звуци занемуваат

Замрзнува се’ во една точка

Од која минатото неважно е

А иднината повеќе не постои

Некогаш нема утеха

Нема збор кој ќе ти олесни

Ниту кожата те збира

Ниту пак знаеш како со себе

И жив си ама како мртовец да оди

Нема топлина која ќе те згрее

Ни ладовина која од пекол спасува

За барем малку душата да ти стивне

Некогаш нема утеха

И од тој миг знаеш 

Дека се’ што минало тежина нема

Ниту може да се спореди со мигот

Од кој повеќе не си ист

А од кој ти сопира и крвта

Та битисуваш како надгробен споменик

На кој нема датум на раѓање

Некогаш нема утеха

И на себе повеќе не се сеќаваш

Ниту смеата си ја паметиш

Или дека некојпат среќен си бил

Оти има такви случувања

Од кои светот врз плеќи ти се урива

И ниту да вдишеш можеш

Ниту да издишеш знаеш

Некогаш

Скраја да е ама некогаш

Утеха само во вечен сон наоѓаш

И чекаш да ти дојде времето

За да си заминиш онаму 

Каде што душата конечно ќе ти се смири

И да се најдеш со оние кои пред тебе заминале

А не им бил редот, не им бил денот

Само за дете

Само за чедо утеха нема

Ниту утеха некојпат ќе се најде




За Женски Магазин, Ана Бунтеска