,

„Зошто докторе? Зошто нејзе такво нешто да ѝ се случи?“: Искрено интервју на Бранкица Свирков за борбата со ракот на дојка

„Кога ми соопштија дека имам карцином, бев во шок. Се сеќавам дека седев на еден кревет и тогаш не знам како баш тој ден татко ми успеа да влезе внатре. Никого освен пациентите не пуштаа внатре поради пандемијата од коронавирус, а тој стоеше наспроти мене. За кратко време дојде докторот и ми соопшти лоши вести на кои искрено не се надевав. Длабоко во себе верував дека тое не е можно, немав никакви симптоми, болки ниту било што друго што би покажало дека ја имам таа подмукла и тешка болест, тоа чудовиште во себе.

Кога дознав... занемев, седев на креветот неподвижна, не можев ни да мрднам, ниту пак да прозборам, но кога ја свртев главата единствено што видов во тој момент беше една силуета на човек, мојот татко кој започна да рони солзи и само велеше „Зошто докторе? Зошто нејзе такво нешто да ѝ се случи?“.  Скокнав го фатив со двете раце за рамењата, го држев силно и веќе не знаев ништо...“

Бранкица Свирков - Бани е силна и многу храбра дама која успеа да го преброди ракот на дојка, таа со читателите на Женски магазин искрено до срж ја сподели својата приказна, борбата со канцерот. По професија е пејачка, можеби повеќето и ќе се сетат на нејзините настапи на шоуто „Пинкови ѕвезди“, а други ја познаваат и лично, бидејќи ги посетуваат нејзините настапи низ локалите во земјава, особено во југоистокот од Македонија. Бани вели дека токму музиката ја одржала во живот, ѝ помогнала да го надмине како што го нарекува таа, чудовиштето во неа (мислејќи на карциномот). Бранкица е родена во Сараево, но поради војната во 1992 година морала да го напушти и оттогаш живее во Радовиш.

Борбата на Бани, станала борба за живот и на нејзиниот татко, Ристо кој е нејзина најголема поддршка во животот, нејзина сила. Да мисли на него, како му е по слушнувањето на реченицата имаш канцер, или да мисли на себе и на борбата пред која е исправена... 

- Како дознав дека имам карцином.... сосем случајно. Живеам во куќа и работев во мојата градина во која го поминувам најчесто моето слободно време. Верувам во Бог и ова што ми се случи е веројатно негова работа. Кога влегов дома седев на аголната гарнитура до која имам една помошна масичка на која ми стојат некои мои работи книги, таблет, полначи и слично. Ако ми затребаше нешто од неа, секогаш станував за да го земам, но тој ден кога подстанав, можеби ќе звучи чудно, но верувајте дека е вистина слушнав глас кој ми рече пружи рака одовде и земи што ти треба. Така и сторив пружив рака, но ми се лизна ногата и паднав со цела сила и цела тежина на левата града. Ме здоболе, но за кратко сè беше добро.

Следното утро, кога завршив со туширање, мачкајќи се со млеко за тело напипав топченце со големина на грашок и од тогаш почна мојата борба.

Направив брзи прегледи, биопсија една, па друга, магнетни резонанци, кои траеја неколку дена, после кои дознав дека имам карцином на дојка. Моите испитувања беа два дена, се сè случи многу брзо, немав време и не бев ни свесна што ми се случува. Првите испитувања ги направив во Струмица, но потоа побарав второ мислење во Систина и Ремедика каде и се оперирав.

Тоа чудо беше мало, но многу инванзивно поради ударот и фала му на Бога иако беше првиот и најстрашниот бран на коронавирус имав среќа и успеав за кратко да го отстранам. Се оперирав во Скопје и за неколку дена бев пуштена дома. Како и секогаш во мојот живот така и овој пат моја најголема поддршка ми беше мојот татко, Ристо - човекот со кој се гордеам, човекот кој ми значи многу, кој неизмерно го сакам и почитувам, човекот за кого живеам и кого го чувам како капка вода на дланка. Мајка ми е почината, и тој беше секогаш со мене и заедно поминавме сè.

Можам само да замислам како му било нему во тие моменти... но, ние двајца сме вечни и силни борци кои поминале многу тешки работи заедно и секогаш сложно и храбро ги надминуваме истите, така го поминавме и ова.

- Кога ми соопштија дека имам карцином, бев во шок. Се сеќавам дека седев на еден кревет и тогаш не знам како баш тој ден татко ми успеа да влезе внатре. Никого освен пациентите не пуштаа внатре поради пандемијата од коронавирус, а тој стоеше наспроти мене. За кратко време дојде д-р Андреа Арсовски и ми соопшти лоши вести на кои искрено не се надевав. Длабоко во себе верував дека тое не е можно, немав никакви симптоми, болки ниту било што друго што би покажало дека ја имам таа подмукла и тешка болест, тоа чудовиште во себе.

Се чувствував изгубено, исплашено, разочарано, низ главата ми поминуваа милион прашања на кои немав одговор. Бев беспомошна 

*Оваа фотографија Бранкица досега никаде ја нема објавено

Кога дознав... занемев, седев на креветот неподвижна, не можев ни да мрднам, ниту пак да прозборам нешто, но кога ја свртев главата единствено што видов во тој момент беше една силуета на човек, мојот татко кој започна да рони солзи и само велеше „Зошто докторе? Зошто нејзе такво нешто да и се случи?“.  Скокнав го фатив со двете раце за рамињата, го држев силно и веќе ништо не знаев.

Како да бев во некој делириум, не знаев дали да мислам на татко ми или на тоа што ми го соопштија... За кратко време ја напуштив болницата, се качивме во автомобилот, како возев, како стигнавме дома верувајте не знам. Се чувствував изгубено, исплашено, разочарано, низ главата ми поминуваа милион прашања на кои немав одговор. Бев беспомошна. Се плашев од смртта, се плашев дека нема да преживеам, дека нема да се разбудам од анестезијата, се плашев дека за мене дојде крајот. А, толку многу го сакам животот и уште толку многу, многу цели желби ќе ми останат неисполнети. Но, кога најмалку очекував во мене се разбуди борец спремен да се бори за победа и ете успеав! Ја добив првата се надевам и последна рунда.

Мојот белег е белег на мојот успех, на мојата победа над канцерот

- Мојата најголема поддршка беше мојот татко. Но не смеам да ги заборавам и другите. Низ оваа борба дознав кои ми се вистинските пријатели, роднини, блиски луѓе на кои сум им значела и сè уште им значам и кои беа со мене и сè уште се со мене и во добро и во лошо. Мојот братучед Борче кој ме возеше секогаш на хемотерапија, моите другарки Емилија, Весна, Катерина, Зуица... кои од почетокот со неверување и доза на страв ми приоѓаа не знаејќи како да постапат, што да ми кажат. На сите ни беше тоа како гром од ведро небо. Поддршка ми беа и колегите и моите две пријателки од Скопје Мира и Марина кои случајно ги запознав на еден мој настап во Струмица. Зоки мојот другар, брат, сопственик на студиото „Диор“ во Штип и целиот негов персонал кои долги години се грижат за мојот изглед, ми подарија перика каква што беше мојата коса, која од ден на ден се повеќе паѓаше. Ако заборавив некој, не е намерно, не лутете се.

Ќе кажам едно огромно благодарам до сите зошто вашата поддршка на сите нас кои се бориме со оваа болест ни значи многу и ни дава сила, верба, волја да не се откажуваме, да мислиме позитивно. Колку и да сме слаби и колку и да ни е тешко да не дозволиме никогаш да подклекнеме и да паднеме. Несебична поддршка ни даваа и сите вработени на онкологија на чело со д-р. Нино Васев, д-р. Даниела, медицинските сестри Тања, Мики и секогаш насмевнатата Александра која ни ја дава историјата на шалтер. Таму се сите прва лига. 

Носев марами кои ги имав во многу бои и дезени и се прифатив таква и во исто време со хемотерапиите настапував секогаш насмевната каква што бев и пред ова. Понекогаш ми беше многу тешко имав болку во коските и се чувствувам слабо и само си велев да може микрофонот да прозбори колку силно го притискам, мижејќи од болки, но тоа никогаш не го покажав. Со песна ја надминав секоја потешкотија. Ме прават среќна луѓето околу мене кои дури и тогаш успеав да ги расположам, насмеам, распеам. Целата моја борба која траеше скоро една година, ја поминав работејќи, мислам дека тоа ме одржа во живот. Не дека и тогаш не ми поминуваа многу прашања низ главата, но кога настапував заборавав на сè. Се осеќав жива повторно, јас без јас.

* Вие сте пејачка, личност која ги развеселува луѓето. Дали направивте пауза кога научивте дека имате рак или продолживте со работа?

-  Да, мојата професија е пеење, пејачка сум и како што кажавте личност која ги развеселува луѓето. Песната е мојата прва и најголема љубов. Со оглед на тоа дека потекнувам од музичко семејство, во кое сите се професионалисти по музика, пораснав со звуците на босанската севдалинка од една страна и сериозна музика од другата.

Кога дознав дека имам канцер еден период после операцијата и кога ми се случи вториот шок кога ми падна косата направив мала пауза од пеењето. Но, по природа сум многу ведра и позитивна личност и кога почнав да договарам настапи се шалев на моја сметка им велев на моите соработници: „Ако ме примате со новиот имиџ ке работиме (се смее)“.

Мојата публика во Радовиш, Струмица, Штип, Гевгелија... моите колеги неизмерно ме поддржуваа и ми се чини дека тогаш уште повеќе беа посетувани моите настапи. Секогаш им се обраќав преку моите песни со многу љубов, а сега кога мене ми беше најтешко, таа љубов што ја давав ми беше дупло возвратена од сите нив.

Она „zaedno smo jaci“ кое го користев помеѓу строфа или рефрен стана наше заедничко мото. 

* Имавте ли поддршка од околината, од вашата публика?

- Што се однесува до околината... многумина поради моето експериментирање во облекувањето и мојата љубов кон ориенталниот стил не претпоставуваа дека сум болна. Кога почнав да се појавувам во јавноста со марама мислеа дека тое е некој нов фазон кој го фурам. Но, подоцна кога дознаа ме прифатија таква каква што сум... се чудеа на мојата храброст и ми велеа „ти си најјаката и најхрабра жена“. Во суштина јас бев истата со една града и со две, со коса или без коса, со марама или без марама... се‘ уште го носев и го носам и во мене чука истото срце полно љубов.

Мојот белег е белег на мојот успех, на мојата победа над канцерот

После болеста е важно да продолжиме со нормалниот живот таму каде што застанавме. Да се прифатиме такви какви што сме, се губи малку самодовербата да не се лажеме, останавме без некои делови од нашето тело, носиме лузни. Но, денес кога се тоа помина со гордост си се гледам себе си, мојот белег е белег на мојата победа, на мојот успех. Ме потсетува колку бев храбра и колку во суштина сум јака, а тоа не сум го знаела. Сега кога се будам и го живеам секој нов ден јас сум среќна, благодарна што сум жива и повторно здрава. Променив некои работи, почнав колку што можам поради мојата професија да легнувам порано и да ставувам порано. Го променив малку и начинот на исхрана, внесувам повеќе овошје и зеленчук. Пијам повеќе природни сокови и вода, избегнувам благо и месо. 

Го намалив темпото на работа, си оставам повеќе слободни денови за себе, за моите блиски, бидејќи здравјето е поважно од сè. За жал понекогаш касно го сфаќаме тоа, а секоја да ја наречам грешка се плаќа. Јас мојата грешка... заборавајќи се самата себе си и ставајќи ги сите пред мене ја платив скапо. А, сега решив да живеам далеку од сите негативни луѓе и места, сакам да уживам во малите нешта со луѓето кои ми значат и кои ме прават среќна. Сега живеам според мотото: „Животот е еден и нема реприза“.

* Колку се важни редовните прегледи, колку тоа може да помогне во надминувањето на канцерот и олеснување на третманите потоа?

- Редовните прегледи се многу битни, но ете во мојот случај иако одев редовно на прегледи се случи ова што се случи. Едноставно можам да кажам со оваа подмолна болест нема правила. Но сепак не смееме да се заборавиме себе си, мора да водиме грижа за себе и затоа мора да правиме редовни конторли, и пак ќе кажам сè што е навреме откриено има повеќе шанса да се надмине, да се излекува. И секако редовното едуцирање за да си помогнеме сами на себе ако дојде не дај Боже до некоја болест игра исто според мене важна улога. Во мојот случај брзо се одвиваше сè, и тие неколку ноќи пред операцијата ги поминував читајќи за канцер на дојка за хемотерапија. Сакав да знам што ми се и што ќе ми се случува и со што треба да се справам. 

* Што би им порачале на сите оние кои во моментов се борат со болеста

- Што би порачала... Секој е индивидуа сама за себе, секој на свој начин ги поминува овие претешки моменти, но од свое искуство можам ова да им го кажам: „Бидете позитивни нека ве води само позитивна мисла и имајте силна верба во Бог. Вие можете, вие сте јаки, вие сте борци небитно лавови или лавици, вие сте храбри и не дозволувајте да ве победи едно чудовиште. Верувајте во себе, јас искрено во моментите на кризи си зборев сама со себе во огледало. Си велев: „ Што ти е тебе, избриши солзите животот е константна борба и ако не е ова ќе биде нешто друго и мораш да се бориш““. Имав и сè уште имам желба да создавам, да дишам со полни гради и да си ја исполнам најголемата желба во животот.. да основам свој дом, свое семејство и еден ден во моите прегратки да држам мало бебенце, мое богатство кое ќе биде плод на љубов и кое ќе биде најсакано на цел свет... ако е девојче ќе се вика Хана.

Верувам дека сите вие се стремите кон нешто и затоа не се откажувајте сакајте се себе си и сакајте го животот и ќе успеете!


*  За жал во Македонија е голем бројот на жени кои биле болни од рак на дојка. Многу од нив ја загубија битката, уште повеќе се изборија со канцерот, а има и такви кои во моментот се борат со ракот. Контактирате ли? Се слушате ли, се храбрите ли една со друа?

- Секако дека комуницирам и контактирам со многу жени и девојки кои поминуваат низ овој пекол и секако со тие што го поминале. Безрезервно го споделувам моето искуство со нив, им споделувам сè што поминав, ги советувам, охрабрувам, секогаш сум тука за нив во секое време. Но сепак ќе кажам повторно сè е индивидуално и секој го поминува ова на свој начин, но многу значи како што ми значеше и мене контакти, поддршка, разговор па и заедничко плачење во тие моменти со некој кој ја надминал болеста или кој минува низ неа. Меѓу нас постои една нераскинлива врска некој необјаснив флуид на емоции, се раѓаат искрени пријателства кои верувам ќе траат се додека сме живи. Верувајте тежок е патот кој го поминавме. Многу луѓе се борат за живот тоа го сфатив и видов сама со свои очи прв пат кога отидов на онкологија. Таму за прв пат заплакав кај д-р. Нино Васев, за кого не можам да најдам збор со кого би го опишала во најпозитивна смисла.

* Кога се слушнавме да се договориме за интервју рековте дека сте се избориле и со коронавирусот? Како помина и оваа ваша борба?

- Короната ја поминав лесно немав некој потежок симптом. Со години страдам од гнојна ангина на грлото, па затоа додека не се тестирав не ни знаев дека сум позитивна. Неколку дена со температура, изгубив мирис и вкус, кои полека ми се враќаат. И короната искрено ја поминав со песна, за време на изолацијата учев и подготвувам нови песни за нов работен почеток. Во споредба со она низ што поминав претходно фала му на Бога ова беше како обичен грип и да заврши веќе сè. Да поминува сè и да не се повтори никогаш ни едното ни другото.

Сите ние во болка, во тешкотии, во тага се сплотивме и станавме едно големо семејство. И така ќе продолжиме секој ден се појаки и посилни спремни за нови животни предизвици!


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива

Видео: Youtube/Pinkove zvezde