Владата и СОНК се договорија, но настава утре нема да има: На училиште од среда, а утврден и процентот на зголемување на платите

Според досегашните информации, наставата ќе почне од среда.

По три часа преговори денеска во Владата, претседателот на СОНК, Јаким Неделков, пред медиумите објави дека е договорено зголемување на платите во основното и средното образование, како и во градинките од 12 отсто со ребалансот на буџетот во јули.

- Беа разгледувани и други прашања, како патните трошоци, регресот за годишен одмор, колективните договопри кои предизвикуваат внимание. Во овој момент тоа е максимумот кој можевме да го изнудиме, рече Неделков.

Утре претстојат консултации со членството, додаде Неделков, и не го прогласи штрајкот за прекинат бидејќи до утре вечер треба да биде соопштено кога ќе продолжи наставата, а најверојатно тоа ќе биде од среда.

- Уште еднаш им се извинувам на родителите и учениците, но наставниците ќе се заложат максимално за знаењата да бидат надополнети, додаде Неделков и најави настава со скратени програми.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска очекува дека штрајкувачите ќе се вратат на работните места в среда и дека зголемувањето на платите од 12 отсто нема да предизвика инфлација.