Утринско кафе со Никола Тодороски: Животот е мистичен како лекарски ракопис

Обично првото кафе го пијам по доручекот додека пишувам нов материјал за моите стендап шоуа. Доколку темата ми се погоди и се заиграм со пишување може да се случи да испијам и две кафиња.

Мислам дека најголемиот бенефит од кафето е вкусот кој премногу ми се допаѓа наутро. Не мислам дека премногу ми влијае кофеинот. Но, самиот вкус и уживањето е тоа што го прави утрото добро.


Имам две омилени варијанти за подготвуавње на кафе. Првата е класично македонско кафе, со три лажици кафе и без шеќер. Омилен бренд ми е гранд и не би сменил за ништо. Секоја друга комбинација е непожелна екскурзија. И втората омилена варијанта е во ниска чаша лажица и половина нес, две коцки мраз , малку вода. Тоа се промешува рачно и се дополнува со ладно млеко. Ова ми е врв за време на летото.

Многу сакам да слушам добра џез музика додека пијам кафе и пишувам шеги. Мислам дека е најдоброто поминато време. Чувството е како да не си работел ни минутка во животот.


Сакам да слушам добри подкасти со луѓе кои се многу успешни во областа во која работам. Искуства на врвни актери и комичари ми се инспирација и мотивација за да продолжам да се борам и да творам секој ден. За среќа денес имаме достап до таков тип информации и има трошка светлина во целава мрачна ситуација.

Како што реков наутро прво сакам да пишувам материјал затоа што тогаш е најтивко и јас сум свеж и мислите ми се фокусирани само на тоа. Понатаму секако семејни обврски, па проба во театарот. Вечерта или на претстава или на стендап шоу. Во слободно време сакаме да одиме или некаде во природа покрај езерото или на планина со семејството.


Навечер сакам да погледнам некој добар филм или епизода од некоја добра серија. Секако ако излегол ново стендап шоу од комичар кој го следам тоа е приоритет да се погледне.


Филмови ми се честа релаксација дома, но сакам да читам секојдневно. Често си купувам интересни дела онлајн во електронска форма и читам доста на англиски. Тоа е затоа што за жал кај нас многу покасно ако не и никогаш не доаѓаат и не се преведуваат дела што се интересни на светскиот пазар. Но, секако дека е незаменливо чувството кога ќе ми дојде в раце книга која ме интересира а е преведена и достапна на македонски.

Животот е мистичен како лекарски ракопис - моја омилена мисла.


*Никола Тодороски - Професионален актер


Фото: приватна архива