Среќна Нова!

Да ми прости 2023, ама едвај чекав да помине. И кога велам дека едвај чекав, мислам на тоа дека уште од јануари некако претчувствував дека ќе е тешка за сите нас. И беше, што финансиски, што од аспект на тоа дека изгубивме многу луѓе кои ни беа драги и чие заминување некако не беше (што би рекле старите) со ред. Озгора ни се наредија уште неколку настани кои не’ изместија од зоната на конфорот. Оваа колумна е последна за оваа година, 52-ра на ред. Сакам да им се заблагодарам на тимот на Женски магазин за уште една успешна година, за тоа што полни шест години функционираме како екипа која опстојува со меѓусебно разбирање и компромиси. Следнава година ветувам неколку промоции, една посебно драга книга која ќе излезе во јануари и која ја спремивме заедно со мој драг пријател и која очекувам дека ќе биде убаво прифатена од вас, читателите. Деталите нема да ви ги откривам, ќе дознаете наскоро за што станува збор...сепак, нека биде изненадување во кое знам дека ќе уживате.

Она што сакам (или посакам) да ве следи во следнава година е следново:

Да ве служи здравјето и да уживате во секој миг поминат со саканите, оти животов е многу непредвидлив. Не си губете нерви и време на работи кои не можете да ги смените и на работи за кои ако подобро размислите, ќе видите дека и не се толку важни. Бидете нежни кон себе и не се камшикувајте ако не сте по теркот на другите. Тие другите секако ќе ви наоѓаат недостатоци, колку и да се трудите да ги оправдате нивните замисли за вас, а и очекувањата кои ги имаат. Да запаметите оти раатот нема цена и дека скапо ќе го платите она што ќе дозволите да ве измести или ќе ве натера да се сомневате во себе. Мирниот сон и здравјето е нешто што никој не може да ви го даде, можете да си ускратите или да си ги дозволите, до вас е. Да си го избаждарите кантарот и да не си го дозволувате луксузот да натежнува тегот со негативни луѓе кои ви ја цицаат енергијата.

Воедно, бидете нежни со сите. Никогаш не знаете кој што си носи на плеќите и какви грижи има. Она што за вас е пердув, за некого тежи како црна земја. Не судете, не осудувајте но и не давајте да ве судат и осудуваат. Зборот знае да гали, ама знае и да остави лузни кои тешко врват. Од искуство знам дека вистина е народната поговорка оти убавиот збор железни врати отвора. Да, некогаш е многу тешко да се потсетиме на ова, но ете јас ќе ве потсетувам, ама и вие мене кога ќе сетите оти подзаборавам.

Да си ги галите и мазите децата, но да не ги размазувате до точка од која ќе им го направите табиетот подолу од лајно (проштавајте на изразот, ама посоодветен не ми паѓа на ум). Дајте им крила, пуштете ги да летаат воедно внимавајќи да не треснат на земја. Бидете грб, столб, поддршка и силна рака која ќе ги води, но бидете им и пријател. Една од најтешките работи кои ми се се’ уште предизвик е токму оваа. Да бидам и авторитет (здрав, а не со казни и притисоци), но и пријател кому детето ќе може да се довери. Да, кикснувам некогаш ама се трудам до коска и не се откажувам. Колку и да сте уморни или нервозни, секогаш потрудете се да најдете време за муабет и да ги сослушате. Впрочем, ние родителите сме нивните херои дури и тогаш кога најмногу се сомневаме во себе за тоа дали сме добри во родителствувањето.

Гледајте да ви чади оџакот право и ставете ги на свое место сите кои ви се мешаат во домот. Додека сами си ги плаќате сметките по дома, никој нема право да раздава дали треба вака или онака. Од друга страна, оставете го оџакот на другите, нивни е и не е ваше да коментирате. Ова некако му доаѓа како она “не правете им го на другите тоа што не сакате да ви го прават вам”. Многу е едноставно и полезно за вашата ментална хигиена. Ставање на тапет на било чиј живот е гнасна особина од која никој нема корист. Кој како сака, така нека си тера, само да не чини зло на другите.

Да научите да кажувате НЕ и СТОП. Ова ако го совладате, ќе се преродите. Атерот е убав до моментот кога ќе почне да ви се одразува неубаво. Не се расправајте со никој, особено ако знаете дека ќе влезете во ќорсокак. Некогаш луѓето намерно провоцираат, само за да ве донесат на терен на кој тие ќе доминираат, особено ако сте кротки во душите. Да докажувате некому дека тревата е зелена кога ве убедува дека е лилава, е однапред изгубена битка. Дури и суетно не се навлекувајте и не се вовлекувајте во дебатирање со оние кои се водени од инает. Инаетот е супер само ако е во прилог на тоа да се откажете од нездрави навики кои ве поболуваат.

Врска, брак, деца, молчење и премолчување оти ви е страв дека никој нема да ве сака такви какви што сте, јок! Ако изгубите самопочит и ако престанете да се сакате самите себеси, туѓата наклонетост и љубов нема да ви ја исполнат таа празнина. Ова ви го велам оти сум била таму и ич не е на арно. Имате право да барате и да сакате да го имате она што мислите дека го заслужувате. Не затворајте очи пред аларманти знаци како што се психичко или физичко насилство од партнерот. Еднаш ако тргне возот натаму, не се враќа назад. Љубете, ама со усул и љубовта да ви биде реална, не да ја замислувате како шеќерна волна а да јадете кал. Како што внимавате на рокот на траење на продуктите кои ги купувате или на перформансите на автомобилот кој сакате да го земете, уште повеќе да отворите очи кога ќе бирате со кого ќе седнете на трпеза и со кого ќе делите постела.

Ви сакам здравје, вам и на вашите најдраги. Ви сакам годинава да ви биде успешна, посветла и со поголема надеж исполнета. Ви сакам љубов и спокој кој ќе си го најдете во душата и кој ќе ви го исполни и срцето. Ви сакам и ни сакам година која ќе донесе повеќе убости од проблеми, повеќе насмевки отколку солзи (ако веќе ги има, нека бидат радосници). Не се плашете да пробате нешто ново, нешто што ќе ве усреќи. И пробувајте...обидете се да плетите, цртате, пишувате. Најдете им работа на рацете за да ви е умот спастрен. Никогаш не знаете за што ве бива, ако не се обидете.

И љубете луѓе мои! Љубете, оти сепак чинам дека само љубовта ќе го спаси светов.

Среќна Нова 2024, да сте ми живи и здрави, да сме на број!

Песната која оди со денешнава колумна е нова, ваша е...од љубов е.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Остави ги зад себе сите сомнежи

И тагата како непотребен товар

Од кој плеќите те болат

А нозете тешки како олово стануваат

Заврти го грбот на минатото

Вдиши ја сегашноста со полни гради

И насмевни и’ се на иднината

Дури и тогаш кога е неизвесна

Испружи ги дланките ширум отворени

Грст среќа зграпчи и не ја испуштај

Сосем доволно е за утрото да е нова надеж

Во која ќе се погледнеш како во огледало

Исплачи ги болките и главата горе

Нека бидат искуство кое ќе се памети

И од кое посилен ќе излезеш

Оти и од нив човек нешто учи

Научи ја устата на медовина

Која иљач секогаш ќе биде

И за тебе и за другите околу тебе

Оти кога даваш убост со убост се враќа

Остави го метрото со кое љубов мериш

Налет, никој арно не видел од тоа

Оти љубовта ниту се мери ниту се сечи

Ниту пак од неа некојпат платно ќе стане

Имај милост кон сите

Нека се посрамотат поганите

Дај им верба на кротките

И срцето нека ти е исполнето

И додека уште една година изминува

Потсети се оти жив си

И во себе помоли се за здравје

Оти ниту пара ниту моќ јалова

Не заменува убај луѓе до тебе

И сон кој здравје ќе ти носи

Та совеста чиста нека ти биде

Како капка вода изворска

Која мириса на чесност

И чекори...

Колку и тешко да е

Колку и да ти е мака

Колку и уплав да имаш

Барем еден чекор зачекори

Оти некогаш само толку треба

И толку малку е потребно

За да ти се обои животот

И душата да ти запее на сиот глас

Да прогледаш и да заушиш

Оти сепак можеш се’

Дури и тогаш кога ти се чини

Оти животот удолу ти оди

Некогаш само толку треба

Еден чекор напред за да стасаш до себе

СРЕЌНА НОВА!