Срам и арам да ни е!

Се случи трагедија, ужасна трагедија. Трагедија која ќе остави печат кај децата кои се соочија со фактот дека постојат луѓе кои можат ладнокрвно да одземат живот на дете. Каков шок за младите души кои она што го гледале на филм или прочитале на интернет не е веќе дека се случува некаде, онаму, туку е дома, во нивното опкружување. Допрва психолозите ќе имаат работа со нив кога ќе ја испроцесираат оваа трагедија на свесно ниво, а која е производ од сознанието за убиство на нивно другарче, соученичка, врсник...дете. Сите надежи дека сепак постои приказна со среќен крај, ни се срушија. Имаше само крај, кој остави голема болка зад себе.

Емпатијата е една од одликите кои не’ прават луѓе, чувствителни битија кои се свесни за емоционалната состојба во која се наоѓаат другите. Психолозите велат дека еден од алармантните знаци дека си имаме работа со психопати е токму отсуството на емпатија. Но, колку и да не’ боли туѓата болка, никогаш не може да не’ распарчи онака како што тоа му се случува на човекот кој директно ја чувствува. Замислете ја болката од загубата на саканите и помножете ја по сто. Боли? Да, но никогаш нема да биде толку интензивна и длабока како на оној кому му се случува во одреден миг оти има нешто што се нарекува реалност. А реалноста е дека сепак нешто се случило некому, а не вам. Моќта на емпатијата не е да ни е жал за некого во моментот, туку длабоко да се поврземе со неговата трагедија, без оглед што колку и да се ставаме во чевлите на другиот, сепак чекориме во своите.

Дали сме емпатични и колку, е вистинското прашање. И не само тоа, туку и како сме емпатични. Дали нашата емпатија е чувствување на болката на другите или само скалило кое набрзина го искачуваме за да дојдеме до нивото кое е всушност одраз на нашата проклета сегашност...ЏЕЛАТИ И СУДИИ.

И како и секогаш, така и овој пат без ронка усул станавме експерти. Не е дека отсекогаш не било вака, разликата е само во технологијата која ни е најголемиот пријател и непријател. Проблемот е дека сега “експертите” может да си објават на социјалните мрежи се’ и сешто, а најмногу своето мислење за работите кои (како и да ги завртите) не се нивна работа. Проблемот е што некој тоа го чита, додава (никогаш не одзема, за жал) и за неколку дена имате приказни кои се која од која пострашни, повулгарни, поодвратни. И никој, ама никој не става прст на глава дека се’ што е запишано на интернет, засекогаш останува на интернет. Еден клик, еден клучен збор, еден ентер и сите гнасотилаци ќе излезат на виделина.

Експертите лееја крокодилски солзи за мајката која го изгуби своето дете (а сите ние, та биле верници или атеисти се молиме, кој на Универзумот кој на Бог, да оди со ред умирачката), за после да си дозволат да ја прозиваат да им даде (која дрскост и безочност) објаснување за тоа што не им било јасно. Желудник ми се наткрена од теории, етикетирања, повикување на линч и смртни казни. И не е дека некои работи не ги разбирам зошто се вакви какви што се. Разбирам дека сите сме разочарани од судството и отсуството на правда, разбирам дека сакаме да живееме во земја во која ќе има ред....ама вака ли? Не го оставивме детето да почива во мир, не помисливме на девојчето кое загуби сестра и кое еден ден ќе ги чита сите блуеници кои ги оставивме на социјалните мрежи.

Кога се случува некому семејна трагедија од било кој вид, мора да има кодекс кој ќе забрани....да, да, кој ќе ЗАБРАНИ (само не играјте на карта демократија, оти не сме дораснати за неа) ширење теории од рекла-казала, директно обраќање и навредување на засегнатите, како и шпекулирање. Затвораме очи пред работи кои се опасни. Портал објави вест која даде надеж, за после да објави нешто друго. Имаше теории и обвинувања како тоа треба да се одбираат татковците на децата. Па нормални ли сме бре луѓе????? Дали сме сигурни (ама секој од нас кој се осмели да шири такви муабети), дали сме 100% сигурни во се’ во врска со нашиот семеен живот па дури и за себе, не само на партнерите? Дали сме сигурни до толку за да гарантираме со сопствениот живот дека знаеме се’ за наште партнери (што си дозволуваме да брцаме во животот на родителите на девојчето)? Дали можеби треба секој од нас да прочачка во сечиј живот за да видиме оти ничиј семеен живот не е до толку розов колку што сакаме да го прикажеме!

Дали оваа трагедија е соодветен пример за да се докажуваме едни пред други кој е во право за лажни верници или да ја зачинуваме со глупав национализам? Дали беше и дали е сега баш вистинскиот момент да се препукуваме едни со други за да си ги одбраниме своите теории за било што во врска со ова што се случи? Дали?!

СРАМ И АРАМ ДА НИ Е!

И не само што треба да ни е срам и арам, туку и секој од нас треба во себе да побара прошка што не успеавме да одржиме еден грам достоинство и да молчиме. Ова беше време кога требаше да молчиме, во знак на жалост и почит. Ова беше време кога требаше да си ги сошиеме устите и да се исплачеме. Молкум, без ниту еден збор, без мудрување и без надмудрување.

Правда мора да има и ќе има. Тоа е единственото нешто што ќе ни ја врати довербата во овој полураспаднат систем. Не улична правда, туку издржана правда која за жал никогаш нема да врати назад човечки живот, но им ја должиме на жртвите на  насилство. Им ја должиме и на нашите деца, за да бидат спокојни. И во вакви случаи мора да има механизам кој ќе го застане лудилото кое зема опасен замав со уличарски видувања. Слобода на говор не е да може да се каже буквално се’ што ќе ни падне на памет и со кое ќе предизвикаме штета. Слобода на говор не е говор на омраза завиткан во целофан.

Нека е вечен споменот на детето кое повеќе не е меѓу нас. Не се чувствувам веќе достојна името да и’ го спомнам. Нека почива во мир...

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ги исколвавме трошките

Од сета човечност

Која дарена ни беше

Уште од првиот здив ко благослов

Како ново руво

Кое при раѓање го облекуваме

Та низ годините се поткинува

Извалкано од мисли лоши

Од погани зборови и нечиста совест

Дур еден ден не се изреси

И на голо лошотилакот да си го носиме

Ги исколвавме трошките

Како пилци гладни во лута зима

Кои на пенџерите стрпливо стојат

Надевајќи се на трошките од денешниот ручек

Без црцор чекајќи ја пролетта

Која секогаш доаѓа предоцна

Очите за убост си ги исколвавме

Едни со други се оќоревме

За спокој да не видиме

И јазиците како сабји остри ги сторивме

Та како аждери оган блуеме

Во кој душите си ги изгоревме

Низ денот кој полека гасне

Одамна светлина не гледаме

Чоек со чоек се одродивме

Без страв оти така не се живее

И оти поголема клетва нема

Од онаа да си гладен за нежност

И љубовта да ти бега еден чекор пред тебе

Та колку и да брзаш

Никогаш не можеш да ја навјасаш

Си ги исколвавме срцата

И со дупки во градите шетаме

Гледајќи низ нив како ни врви векот

Во кој не стасавме младоста да ја изживееме

Та од лулка во гроб итаме

Без печат кој ќе свети да оставиме

За децата да не’ паметат

За делата да не ни се заборават

Исколвавме се’ што можевме

И не од глад

Туку од желба за ситост врз туѓата мака

И ништо повеќе не ни остана

Освен ронки од душите

Кои ниту за најаска се

Ниту за да можи чоек да преживее

Во ова време

Во кое невремето гнездо си свило

Тагата со лопати ја црпиме

Уморни да се смениме

Остарени за да се насмееме

Нагризани од чемер

Препиени од бол

Дур ги колваме последните остатоци

Од она што некогаш го викавме надеж