Речиси и да немав никакви симптоми кои укажуваа на рак на грло на матка, освен оскудно крварење: Дијана е силен борец која поминува трнлив пат

Јануари е месец за подигнување на свесноста за рак на грлото на матка - глобален здравствен настан кој се одбележува секоја година во тек на целиот месец .

Ракот на грлото на матката сеуште претставува горлив проблем на глобално ниво и според статистичките податоци годишно од ова заболување се регистрираат над 600.000 нови случаи, од кои околу 300.000 ја губат битката со заболувањето, додека Македонија сеуште се соочува со висок број на ново дијагностицирани случаи на ова заболување, поточно со инциденца од околу 20/100.000 жени, што претставува висока инциденца а треба да се стремиме кон бројката 2-4/100.000.

Тешка борба со оваа злокобна болест води и Тетовчанката Дијана која неодамна ни ја раскажа нејзината приказна.

Но, и покрај сѐ Дијана насмевката не ја заборава никаде, дури ниту кога е во болничките ходници.

Дијана, почна лекување со имунотерапија во Турција, каде што патува на секој 21 ден за да прима терапија.

„Речиси и да немав никакви симптоми кои укажуваа на рак на грло на матка, освен оскудно крварење помеѓу циклус, а метастазите на бели дробови беа откриени на контролен магнет и за нив немав никаков симптом. 

Дознав за дијагнозата еден ден пред да одиме на годишен одмор…  Прво што помислив беше како ќе им објаснам на децата дека долгоочекуваниот одмор сепак нема да се случи, зашто мама е болна.. Веднаш после таа мисла дојде стравот од тоа тие да останат без мајка“, ни раскажа оваа силна дама.

Како се одвива нејзината борба....

“Уффф долго трае мојата борба, поминав низ сѐ што можеше... Поради тоа што бев втор стадиум операцијата веднаш не беше возможна, најпрво примив 33 зрачења со 5 хемотерапии, требаше и брахи зрачење, но ми беше кажано дека не е возможно. Потоа два месеци после зрачењата, во декември 2022 се оперирав, беше една од најтешките операции во која ми беше извадена матката и јајниците, потоа следеа уште 4 хемотерапии кои требаше да се направат како што ми беше кажано од лекарите - „превентивно, да бидеш чекор пред болеста“. Но, наместо да бидам чекор пред болеста, јас за кратко се соочив со нова метастаза, на вагина, против која се борев со нови 15 зрачења. Кога помислив дека сѐ е готово, по препорака на моја пријателка, инаку медицинска сестра, направив магнет на белите дробови на кој се покажаа нови метастази. Ова веќе ме исплаши премногу, сфатив дека досега нешто не беше добро направено, па одлучив спасот да го барам надвор од нашата држава“ - вели Дијана.

Имунотерапијата како надеж - дава резултати

„Иако кај нас резултатот за имунотерапија беше негативен, на моја голема радост, во Турција се покажа дека сепак можам да ја примам оваа имунотерапија. Најпрво што очекуваме од оваа терапија е метастазите да се сопрат и да не се шират, а потоа се надеваме и да се уништат, на тој начин делува и самата имунотерапија. Доколку се поднесува добро оваа терапија, потребно е да се прима 2 години, за болеста да не се врати многу брзо, а со самото тоа и се продолжува животот на пациентот. Една терапија е речиси 4 600 евра, но верувам дека со Божја помош и добрата волја на народот, оваа сума ќе биде собрана“ , верува нашата соговорничка.

Засега имунтерапијата дава резултати.

По петте третмани на имунотерапија, најновите испитувања покажале дека нема нови метастази на канцерот од кој се лекува од 2022 година.

-Резултатите од пет скенот покажаа дека нови метастази нема, а постоечките се намалени, вели Дијана по неколкумесечната имунотерапија.

Таа во Турција го почна лекувањето во октомври 2023 година.

Доколку сте во можност и сакате да ѝ помогнете на Дијана, тоа може да го направите преку донации.


„Мојот пат е тежок и трнлив, ама чекорејќи го, никогаш не ја заборавам насмевката дома. Дури ни по болничките ходници!“- Дијана Димчевска Наумоска за Женски магазин