Разум и чувства

Оди па биди паметен кога се работи за разум и/или чувства. Да се научи балансот, да се знае кога е време разумот да одмори и чувствата да си ја однесат победата, да се има свесност дека во одредени случаи се слуша само разумот, е мудрост. Е таа мудрост не се учи на младост, а и на повозрасни години знае некогаш и да затаи, па носиме одлуки кои се не само непромислени, туку и штетни. Како мала често го слушав изразот “не туку трчај ко прле пред магаре”, што ми беше смешен, оти стално замислував мало магаренце како безглаво трчка наоколу. Подоцна научив дека човек мора да знае кога да е прле, а кога магаре (ќе ми простите на споредбиве, ама таква ни е поговорката), односно кога да си ги пушти чувствата да го водат (разиграното прле), а кога да го уклучи разумот на најјако (смиреното магаре). Мене како карактерна особина ми е импулсивноста, која знаела да ми ги донесе и најубавите, но и најлошите работи во животот. Има моменти кога треба и јазикот и постапките да си ги зауздам, ама пусто има нешто што е посилно од мене, па ќе си истропам и тоа што треба и тоа што не треба. После ми е мака, па си мислам колку ќе беше убаво да можеше времето да се враќа наназад, ама џабе муабет кога поминало.

Маката ми е дека кога ќе ги ставам на кантар сите мои постапки, на едната страна оние кои биле резултат на разум, а на другата оние направени од налет на чувства, ќе ми натежне второто. И не дека (генерално земено) ми е лошо заради тоа, но со овој ум и искуство, дефинитивно за некои работи би изиграла поинаку. Мудрите луѓе знаат да проценат, да се издигнат на моменталните чувства, да извагаат и да одлучат со ладна глава. Оние како мене, имаат проблем со раздвојување на моменталниот наплив на емоции и она што е можеби најпаметно да се направи, макар постапката била сосем спротивна од тоа што кажува срцето.

Деновиве имаме многу чувства, сите. Имаме чувство на неправда, чувство на болка која кулминира, чувство на обесправеност, чувство на изманипулиранот. Деновиве сите сме длабоко повредени и засегнати од сѐ што се случува во Македонија, а што тлеело одамна. И ја сакам таа разбуденост кај луѓето за да кажат НЕ, ја сакам таа емоција на река народ и на борба за она што знаеме дека вреди, дека е исправно. Чувството кое сите нѐ тера да кажеме дека нешто ептен не чини, во случајов е исправно. Стравот нѐ држеше тивки долго време. Да, ќе си кажевме дека нештата не се во ред, ќе прозборевме дека ни е преку глава од корумпираност, арамилак и тонење, ама некако како да имавме надеж дека разумот ќе преовлада кај оние во чии раце го ставивме најскапоценото, татковината.

Да се разбереме за една многу важна работа. Никогаш не сум била дел од нешто што имало партиска обоеност. Никогаш не сум ни помислила да вадам партиска книшка или да се плеткам во политика. Никогаш не сум си ја гледала иднината да бидам партиски војник кој слепо ќе се покорува на она што раководството ќе го одлучи. Не сум ниту гладна ниту жедна за пари, моќ, позиција. Најважно ми било да спијам мирно, да имам чиста совест и чист образ. Најважно ми било на детето да му оставам име и презиме кое ќе свети, незамачкано од поганштина, нешто на што ќе се гордее, а не да се срами. Реките народ кои се случуваат деновиве се над 90% составени од непартиски луѓе, оние кои чесно работеле, плаќале даноци, биле лојални граѓани, а за возврат по нос го јадат она “од арен до будала, малку има”. Затоа до плач ме потресува бројноста и реакциите на нашиот мирен народ, ама на кој му е пукнат филмот. Тоа што секогаш кај нас партиски си се присвојува одредена реакција или победа, е сосем друга приказна (која за жал постои сѐ уште).

Чувствата преовладаа оти нѐ боли, а болката е и за генерациите кои ќе дојдат после нас а на кои им оставаме хаос. Но, она што мора да преовлада и покрај доминантната улога на чувствата, е разум за да сфатиме дека сите сме во истата каша. Ме фрустрира кога се настојува на инциденти од меѓуетничка природа, а кои се насилно создадени. Ме фрустрира дека секогаш има потплатени за да посадат семе на нетрпеливост меѓу националностите кои во Македонија живеат од памтивек. Чуму тие тензии? За да се разводни проблемот, да се дефокусираме од она што е навистина од суштинско значење? Па зарем не ни дојде памет дека секогаш, ама баш секогаш кога има нешто решавачко, на тацна ни се даваат “тензии меѓу етнички групи”?

Она што е најлошо е дека во случајот СДСМ и ВМРО си играат одбојка со ваквите инциденти. Де едните обвинуваат дека спротивната страна ги предизвикува, де другите...а мене ништо не ме чуди и двете страни да го прават тоа, секоја од свои причини. Поточно, едната за да остане на власт, другата за да дојде на власт. А не оти ќе се смени нешто, затоа што разумот одамна ги има напуштено. Да беа разумни, низ годиниве што минаа ќе седнеа заеднички да се договараат, ќе оставеа меѓусебните препукувања да одморат и ќе се фатеа за работа како да се спаси државава.

Она што нам ни преостанува е да внесеме ронка разум меѓу сите чувства кои ги имаме. Да сме свесни оти никому не му е до војна, до крв, до немири. Да сме разумни за да знаеме дека треба да пресечеме и да не дозволиме да бидеме стадо со кое ќе управуваат двајца овчари на кои им е сосем ок да има волк во стадото. Не наседнувајте на тоа дека оние кои не се етнички и верски како вас, се непријатели. И тие луѓе имаат мака, како и сите кои виделе едно чудо сопки низ годиниве. И да, има од сите страни и лоши луѓе, полни омраза, деструктивност, криминал. Ама тоа се поединсци кои можат да бидат од било која националност и кои ги има од секоја националност. Не јадете она што ќе ви сервираат за да креваме рака едни врз други и да се заташка она што е навистина важно, иднината на Македонија.

Има време, има и невреме. Мора да го преживееме ова невреме за да имаме што да оставиме на нашите деца, да немаат и тие вакви невремиња. Чувства за да се избориме за она што е најдобро за нас и разум за да го сториме тоа без колатерални штети. А колатерална штета секогаш е народот, јас барем до сега не сум видела политичар да биде колатерална штета.

Разум и чувства, овој пат во баланс, за нас, за нашите деца, за Македонија.

Да сте ми живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Никојпат лош збор

Низ уста да не ти се истркала

И да не дај горнион

Низ уста поганлак да ти излези

Ниту на куче, ниту на маче

Ниту на чоек да прогоориш лошо

Оти на душата тебе ќе ти се залепи

Секој збор неубав кој си изустил

Секоја мисла-отров која си ја помислил

И стежнува удолу

Душата удолу оди накај земја црна

И ништо појќе угоре не ја крева

Кон небото, кон синилото

Никојпат лош збор

Никому како клетва да не викниш

Оти и клетвата назад се враќа

Можи не на тој шо ја кажал

Ами на чедото негово

Или на чедата од неговото чедо излезени

Оти Универзумот си работи

И цел еден круг секоја мисла врви

За на крајот да се врати

Да му се врати на оној кој ја помислил

Никојпат не пои некого со злоба

Ниту со арамилак земај нешто

Ниту со грубост нарани чоек

Никојпат црното да ти е поголемо од белото во тебе

И да не дајш да те голтни горделивоста

Оти малку време тука сме

И малку време за љубов имаме

Та наместо очи да си ваѓаме

Можиме едни со други да си наздравиме

За убост

За чисто срце и топла дланка

За бистри очи од кои чоек мудрост ќе се напие

За збор помеден од погача под вршник

Никојпат

Никојпат да не си ја поганиш устата

И јазикот да ти се прпелка во злоба

Ниту душата да ја испоганиш

За лесна тебе да ти биди

Оти нема чоек кој арен ако е

Нема среќен да биди

И нема чоек-отров

Кој среќата можи да ја фати

И во убоста нејзина да се искапи

Та на поколенија да ја остави

Како аманет

Како дар

Како љубов