Пред огледало со Ивана Коцевска: Фитнесот и здравата исхрана се мој начин на живот, не алатка за моделирање на моето тело

Ивана Коцевска e Aдвокат и шминкер. Како шминкер, вели дека отсекогаш била најмногу врзана за сенките, обожава широки палети со земјени бои, а посебно ги сака и светките. 

Нејзиниот начин на живеење, вели дека е во буквална смисла – фитнес револуционерен. „На фитнесот и на здравата исхрана не гледам како на алатки за моделирање на моето тело, бидејќи истите се веќе моја рутина, односно начин на живеење, без кои не можам, ниту пак би знаела да функционирам“, вели Ивана која во редовите подолу ни ги открива нејзините ритуали за убавина. 

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?  

-Мојот козметички ритуал со текот на годините се менуваше, се додека не го најдов оној што најмногу ми одговара. Имено јас наутро најпрво го мијам моето лице со пена за миење, потоа нанесувам серум и крема со фактор 50. Со оглед на тоа што секојдневно користам шминка и отприлика околу 8 до 10 часа дневно моето лице е прекриено со шминка, а притоа и земајќи го предвид попладневниот тренинг, по истиот ја прскам кожата со активен кислород, а потоа правам пилинг и на крај нанесувам ноќна крема.  


* Со какви препарати го негувате лицето?  

-Сите препарати, односно козметички производи кои ги користам за моето лице се од EUCERIN и на URIAGE. 

* Посетувате ли козметички салони?  

- Искрено не сум чест посетител на козметички салони. Впрочем досега не сум имала ниту широк спектар на искуство во тој поглед, па со оглед на тоа дека сум посетила козметичар само неколкупати, очигледно и не сум била задоволна и од таа причина немам навика за посета на истиот. Но, тоа не значи дека во иднина не би пронашла козметичар од кој би била задоволна. 


* Кои производи ги употребувате за нега на коса?  

-За мојата нескротлива кадрава коса секогаш користам шампони на природна база, кои одвреме навреме ги менувам, од причина што имам таква коса која често се презаситува од одреден производ. Меѓутоа она што констатно го користам и не го менувам се производите на ARGAN OIL –маска за коса и силиконски капки, кои се навистина неверојатни, ја прават косата мека, сјајна и никогаш не ја замастуваат. 

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?  

-Со оглед на тоа што имам мрсно лице, особено кога на истото нанесувам шминка, секогаш целта ми е да ја матирам кожата. А притоа земајќи го фактот што со шминкерство се занимавам веќе 10 години, мојата дневна шминка е секогаш различна, зависно од тоа како се чувствувам утрото, но секогаш се фокусирам на тоа да ги истакнам очите, а мојата усна не го менува оној тон на месо-розеникава боја. 


* Кои се Вашите омилени козметички производи?  

-Како шминкер отсекогаш сум била најмногу врзана за сенките, обожавам широки палети со земјени бои, а посебно ги сакам и светките. Мене не можеш да ме видиш со ноќна шминка, а без да имам светки насекаде, па дури и по долж на деколтето.  

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?  

-Во мојата чанта секогаш ќе најдеш коректор, молив за уста и матирачки кармин, а честопати и молив за очи. 


* Омилен парфем?  

-Scandal, La vie est belle и Hypnotic poison-dior. 


* Како ја одржувате линијата?  

Мојот начин на живеење е во буквална смисла – фитнес револуционерен. Можам комотно да додадам дека сум зависна од вежбање, тоа е мојата најголема пасија и тоа е она што ме одржува во фит форма, меѓутоа повеќе придонесува за мојата психичка стабилност. На фитнесот и на здравата исхрана не гледам како на алатки за моделирање на моето тело, бидејќи истите се веќе моја рутина, односно начин на живеење, без кои не можам, ниту пак би знаела да функционирам. Оттука, можеме да заклучиме дека производот на таквиот начин на живеење е одржаната линија, а секој еден кој има интенција да ја одржува својата форма, препорачувам да започне со физичка активност и да ги избере оние намирници кои ќе му одговараат на неговото тело. 


Ирена С.