„По операцијата на мозок го променив погледот кон животот, исфрлив и неколку токсични „пријатели“ коишто несвесно ми ја црпеа енергијата“: Марија Старделова искрена до срж за операцијата, бременоста и веганството

Велат секој човек со својата планина, никој не знае кој што сѐ поминал, а го гледаме само онаа кое го споделуваат со нас. Својата инспиритивна животна приказна за Женски магазин ја сподели Марија, која на повеќето ви е позната. Таа на својот Инстаграм профил има над 15.000 следбеници кои секојдневно растат, бидејќи нејзиниот шаренолик профил навистина ве примамува да го лајкнете и да пробате барем еден рецепт кој таа ги прави исклучиво од целосно растително потекло.

Приказната на 37 годишната Марија вреди да се сподели и да биде пример за борба, за личност која се изборила со предивикот кој ѝ го приредил животот. Оваа храбра дама која, како што сподели со нас црпела волја за живот од најблиските, особено од нејзината мајка, од денот на дијагнозата дека има малформација на малиот мозок. Пред 8 години започнала голготата, но благодарение на неа и најблиските, но и на врвните доктори таа е во одлична здравствена состојба, а го очекува и своето прво дете.

За соочувањето со болеста, операцијата, закрепнувањето, бременоста и холистичкиот нутриционизам читајте во оваа прекрасно и искрено до срж интервју на маркетинг директорката во македонско претставништво на американска компанија за аутсорсинг услуги и професионален „војсовер“, Марија Старделова.

* Неодамна на вашиот Инстаграм профил споделивте дека славите втор роденден - пред неколку години сте поминале операција на мозок. Како откривте дека сте за операција? Кои беа првите симптоми, со што се соочивте?

- За волја на вистината, за мојот „втор роденден“ споделувам буквално секоја година на 26ти Февруари. Овој датум за мене е подеднакво значаен, како и датумот кога сум родена. Ова споделување за мене е потсетник дека сè поминало во најдобар ред, дека сум тука, дека сум здрава, среќна, храбра, борбена и опкружена со борци поголеми од самата јас (ова особено се однесува на мајка ми, која толку борбено и храбро го изоде целиот пат заедно со мене. Како ѝ беше - само таа знае).

Инаку, пред 8 години ми беше дијагностицирана малформација на малиот мозок наречена Arnold Chiari. На кратко, тоа е ретка, вродена малформација на малиот мозок каде што истиот не е добро формиран и прави притисок на ‘рбетниот мозок. Има неколку стадиуми, од кој последниот е целосна парализа. Кај мене, како последица од тој притисок беше формирана циста во ‘рбетниот мозок со големина од 6,5 цм (ц1-ц5). Ова го видовме на магнетна резонанца после извесен период на тешки главоболки и болки во вратот. 

И тука почна голготата… На првото гледање мислеа дека е тумор, за после контраст да се воочи дека е циста. Па се постави дијагнозата и почнаа консултации со најдобрите невролози и неврохирурзи во нашата држава. Следеа и консултации со врвен невохирург во Виена. За после скоро една година, да добијам препорака и да нѐ поврзат со д-р Роман Бошњак од Љубљана, ВРВЕН неврохирург и голем човек којшто воедно ми ја направи операцијата: декомпресија на медула спиналис. Што значи ова: со хируршка интервенција беше подигнат и затворен малиот мозок којшто беше навлезен во ‘рбетниот. Оваа декомпресија помогна цистата комплетно да се изгуби, а со тоа и да се изгубат главоболките, вртоглавиците и болките и жежењето во вратот. 

Операцијата се одвиваше во Бамберг, Германија, на клиниката каде што д-р Бошњак е визитинг хирург и траеше 8 часа. 

* Колку е важна поддршката на најблиските во тие моменти за пациентот?

- Многу. Мислам дека не можам да објаснам колку многу. Јас тој период (кога веќе се утврди дека операција мора да има) бев во многу лоша психичка состојба. Не можев да престанам да мислам на тоа што ќе се случи, како (и дали) ќе живеам понатаму. Немав ниту волја, ниту желба за дружење. Го затворив обрачот на луѓе околу мене, а тие што останаа, се трудеа максимално да ми внесат позитива и да ми ја дадат потребната љубов. И тоа е најважно, позитивна и добра мисла и многу љубов. Вечно ќе им бидам благодарна за тоа, и се надевам дека успевам да им возвратам секојдневно. 

* Колку време траеше опоравувањето?

По 8-часовната операција поминав 1 пеколен ден на интензивна нега. Иако грижата на германските здравствени работници беше на завидно ниво, сепак закрепнувањето не е лесно. Со мене работеше и физиотерапевт, кој секојдневно ми помагаше постепено да застанам на нозе и да почнам да чекорам. На наше големо изненадување (и среќа, секако) моето закрепнување беше побрзо од очекуваното. Во болница бев само 7 дена, наместо планираните 14, па потоа ме пуштија на домашно лекување. По 10 дена ми ги извадија конците и бев „good to go“. Но, всушност, закрепнувањето траеше неколку месеци потоа. Не можев да ја кревам главата нагоре, не можев да се качувам на високо, поради притисок во главата, имав болки во нозете итн. За да биде трагедијата уште поголема, само два ипол месеци по интервенцијата, доживеав и сообраќајна несреќа. Но, после сè, за само неколку месеци се вратив на своето, многу посилна, посамоуверена и посреќна. 

* Иако поминале години од операцијата, се сеќавате ли повремено на тоа, се навраќате ли на тие моменти?

Секоја година, без исклуок. И верувам дека секогаш ќе се навраќам и јас, а и моето најблиско семејство што беше покрај мене во тие мигови. Мајка ми, тогаш дечко ми (а сега сопруг) и кумашинот беа со мене таму. А татко ми и брат ми беа постојано на линија за поддршка. Секако и неколкумина најблиски пријатели - мал, но исклучително значаен круг на луѓе.

Но, кога се навраќаме на тие мигови, си ги раскажуваме анегдотите од престојот во болницата, како ме возеа на автоматски кревет со далечинско, колку беше убав погледот од собата, колку беа љубезни сестрите и докторите, оние убави работи што ја прават сложувалката комплетна. Затоа што лошото помина и иако го паметиме, ние одбираме да ги паметиме убавите работи. 

* Велат дека после тешка операција човек се буди повторно, се менува целосно, што променивте вие кај вас?

Велат да, и во право се. Иако, секое „будење“ е индивидуално. Секој решава да тргне по сопствен нов или стар пат. Јас го променив погледот кон животот. Го променив односот и грижата кон себе си. Почнав повеќе да вежбам, да се хранам уште поздраво. Исфрлив неколку токсични „пријатели“ коишто несвесно ми ја црпеа енергијата и расположението. Почнав да се едуцирам во комплетно ново и за мене до тогаш непознато поле како што е нутриционизмот. 

* Вашиот Инстаграм профил е познат по шареноликоста и веганството? Од секогаш сте веган или од неодамна?

Јас лично преферирам да не го користам терминот „веганство“, па го употребувам терминот „целосна растителна исхрана“. Што значи ова: исхрана што се состои од целосна и непроцесирана храна од растително потекло. Значи не консумирам никакви животински производи, преработена храна и шеќери. Иако месо не јадам веќе 20-тина години, на комплетно растителна исхрана се префрлив пред речиси 3 години, затоа што сакав да го подобрам моето целокупно здравје и да намалам тежина. Тие што ме следат на Инстаграм ја знаат мојата приказна, а целата приказна ја има на мојата веб страна и на ова видео

* Кои промени ги почувствувавте кај вас откако се префрливте на целосно веганска храна?

- Со консумирање на растителна храна, најголемите и најзначајни промени што ги почувствував беа чисто лице и здрава и сјајна кожа (инаку, не користам никакви препарати освен крема за чистење и хидратација на база на вода), зголемено ниво на енергија, губење на тежина (што мене ми беше целта), подобро расположение, намалено ниво на холестерол и зголемено ниво на железо, меѓу другото. Исто така, почувствував колку магични вкусови може да се добијат само со растителни состојки, што ме мотивираше да почнам да ги споделувам рецептите прво на мојот Инстаграм профил, а потоа и на мојата веб страна.

* Многумина мислат дека ако се вегани нема да внесуваат доволно протеини и други потребни минерали, колку во тоа има вистина?

- Многумина тоа го мислат, и во тоа нема многу вистина. Да, наједноставно е да изедете парче пилешко, но притоа дали размислувате од какво потекло е тоа парче месо и со што е хрането? Верувам дека не. Растителни протеини има буквално во сè. За да ја внесете потребната количина на протеини само треба убаво да се храните и да ги комбинирате намирниците. За растителните протеини имам пишувано многу.. Јас дополнително користам и растителен протеин во прав (најчесто изолат од грашок, ориз или соја) што го додавам во овесната каша или смуди, како и во некои десерти. Исто така користам и нутритивен квасец, збогатен со Б12. А за витамините и минералите, несомнено е дека во растителната исхрана ги има многу повеќе! Единствено што недостасува е витаминот Б12 којшто јас го суплементирам. 

* Има ли во нашата земја денес голем број на вегански производи?

- Нашата земја изобилува со свежо овошје и зеленчук и „повегански“ производи од тоа нема! Ќе повторам, мојата идеологија не е да се јадат „вегански алтернативи на месо“ туку напротив, да се консумира целосна растителна исхрана составена од овошје, зеленчук, житарки, јатки и мешунки. Вака, не само што ќе ги задоволите протеинските потреби, туку ќе внесете големо количество на диететски влакна што ќе ви помогнат во дигестијата, големо количество на вода што нема да биде задржана во вашето тело и секако, здрави масти и јаглехидрати коишто се главното гориво на вашето тело и мозок.

Доколку вашето прашање се однесува токму на веганските алтернативи на месо, јас истите се трудам да не ги консумирам (или да ги консумирам многу ретко и минимално), бидејќи спаѓаат во категоријата „процесирана храна“ и не секогаш се здравиот избор за вас. Во однос на други намирници, сега ги има, и се подостапни од порано, како на пример киноа, хељда, амарант. Има и сѐ повеќе локали коишто нудат растителни оброци, па можам да кажам дека да, изборот сега е значително поголем отколку пред неколку години, на пример. Сепак, во голем дел од рестораните изостануваат убави растителни оброци што нема да се сведат само на рестован компир и обарен зеленчук. Така што ова може да биде и еден поттик на ресторанџиите и готвачите, да ги прошират видиците и да почнат повеќе да експериментираат со растителната храна!  

* Вие сте во блажена состојба, очекувате бебенце? Бидејќи сте веган дали имавте некакви забелешки од гинекологот за исхраната?

- Да, веќе сум во третото тромесечје, односно во втората половина од 8-миот месец. Мојата бременост, што полека но сигурно се ближи кон крајот, за среќа, се одвива одлично. Плодот напредува нормално (и доста е активен, судејќи по клоцањето). Во текот на бременоста немав никакви проблеми, мачнини и слични потешкотии. Во врска со исхраната немав препораки, доколку мислите дали гинекологот ме „кара“ што не јадам животински продукти. Секако, јас цело време суплементирам Б12, а во текот на бременоста суплементирам плус и Фолна киселина, Калциум и Магнезиум. Секако, по препорака на мојот гинеколог. 

* Дали планирате да продолжите со веганството и откако ќе станете мајка?

- Овој начин на исхрана го одбрав затоа што сметам дека е правилен и здрав за мене. Поради тоа, неодамна се сертифицирав како Холистички Нутриционист со специјализација за растителна исхрана. Ова значи дека не само што јас се раководам по овој начин на исхрана, туку изработувам и индивидуални програми за исхрана. Клиентите со коишто до сега работев, иако претходно консумираа животински продукти, немаа проблем да направат промена и веднаш ги почувствуваа придобивките од овој тип на исхрана и моите програми. Така што, да одговорам на прашањето - апсолутно да! Целосната растителна исхрана е нешто за што јас верувам дека е правилен и здрав избор за мене и ќе продолжам да го применувам за мене и за моето дете (здравје). 

* Освен со водење на Инстаграм профилот дали имате друго занимање, и ако да што работите?

- За волја на вистината, имам неколку. Освен мојот Инстаграм профил и мојата веб страна, јас пред сè, работам како Маркетинг Директор во македонско претставништво на американска компанија за аутсорсинг услуги. Исто така, како што напоменав и претходно, сум сертифициран Холистички Нутриционист и развивам рецепти и изработувам индивидуални програми за исхрана. А дополнително, читам ТВ и радио реклами како професионален „војсовер“. 


Наталија Миланова
Фото: Приватна архива