Пишувањето е една од најмоќните психотерапевтски алатки: Одблиску со писателката Јована Матевска Атанасова

„Тогаш кога ќе научиме да ги управуваме нашите мисли и безбедно да слетаме таму каде сме зацртале, ние ја достигнуваме нирваната на нашето постоење“, вака писателката Јована Матевска Атанасова го започнува разговорот со нас. Вели дека „недостигот на македонска литература преведена на светските јазици, е огромен дефицит“. За својата најнова книга, Гладоморје, четврта по ред вели:„Книгата е создадена за секој што има желба да прочита нешто ново. Ова се приказни кои многу лесно би ги сретнале во дневниот печат, со таа разлика што перспективата е целосно предадена од страната на обесправениот, жртвата на општествените предигри“.

„Гладоморје е нов тип на истражувачко искуство во македонската проза, засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење, во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби“, беше истакнато во образложението на жири комисијата на конкурсот Живко Чинго.

Таа е македонска писателка, раскажувачка и рецензент, родена во Битола, а по вокација дипломиран психолог.

Претходно го привлече вниманието на читателите со : во 2015 го публикува својот прв роман, „Тамбовските снегови“. Во 2016 романот „Писмата во библиотеката“, доживува дигитално издание, дело поддржано и наградено од програмата на фондацијата Македоника и Унеско. 

Книгата „ Јас во суперлаТИв„ или твојот автопилот за развој, е интерактивна книга, нејзина трета по ред, која претставува фузија помеѓу писателот и психологот во авторката.

Атанасова е двократен лауреат на наградите за најдобар расказ на конкурсот во чест на Живко Чинго и тоа во 2020 и 2021. Оваа награда се доделува на манифестацијата Денови на Живко Чинго која се одржува во родното место на Чинго во Велгошти кај Охрид.Оваа награда се доделува од 1998 на иницијатива на радио Охрид, а се одржува во организација на општина Охрид.

Добитник е и на повеќе награди на општински и регионални натпревари за кратки раскази. Дел од нив се застапени во збирките Бибер, преведени на неколку јазици. Добитник е и на првата награда на конкурсот за безвременската битолска жена за расказот Јенимаалка. Што се однесува до читањето, за неа „читањето е докажана метода со која вашиот ум никогаш нема да остари, ваша ментална гимнастика“. Се води по мотото дека и најтешкиот период треба да се прифати како предизвик:

„Сите имаме периоди кога се сомневаме во своите квалитети. Дури и кога трудот ќе ни биде признат и ценет, песимистот во секоја личност, лобира да ја ослаби личноста преку немоќ, незадоволство и срушени амбиции. Автодеструктивноста е дел од нас и оној што сака да успее, периодот на колебање ќе го прифати како уште еден предизвик“.

* Да проговориме нешто повеќе околу четвртата книга „Гладоморје“, со поднаслов „Психопатологијата на едно општество“, да ги внесеме нашите читатели во таа приказна.

Ова е првата книга која е целосно посветена на мојата омилена прозна форма-расказот. Решив да вклопам дел од расказите под капата на една идеологија-големината на човекот, како бесконечен ентитет наспроти животните феномени- животот/смртта, сиромаштијата/капитализмот, човечката отуѓеност/опаѓањето на виталните импулси, осаменоста… Расказите се замислени како сурови скици на една реалност, обезбоени од пристрасност, но внимателно детализирани. Ова се исповеди на ликови и ситуации на кои сме вртеле глава во одминување, или сме ги споделувале на социјалните мрежи да ја покренеме глобалната свест, без притоа да се обидеме да станеме дел од истата. 

Збирката како главен мотив го впредува митот за современиот човек кој е потиснат од општествените неприлики. Ова се раскази за душата која страда, но наоѓа начин да го прегрне убавото во животот. Главните ликови се амбициозен татко, експлоатирана текстилна работничка, македонски иселеник, дете-фантом, домаќинка угнетена од својот неправеден сопруг, човек кој ја губи куќата поради денационализација, писател кој е растргнат помеѓу благосостојбата на своите ликови... Колку пародично и измешано да звучат ликовите, вака, грубо наброени, сепак приказните им даваат една полнозрачност и вешта завршница. Проткаени се со митовите на Цепенков, љубовта кон книгата, паранормалните феномени како реинкарнацијата, позитивната психологија, ама сѐ тоа суптилно имплементирано, затоа што главната определба на збирката е реализам, кој навалува кон класичен и социјален реализам.

* Која беше инспирацијата и за кој дел од читателите е наменета?

Книгата е создадена за секој што има желба да прочита нешто ново. Ова се приказни кои многу лесно би ги сретнале во дневниот печат, со таа разлика што перспективата е целосно предадена од страната на обесправениот, жртвата на општествените предигри. Морав да ги поврзам расказите за да отсликаат симбиоза. Гладот како основен мотив е застапен во секој расказ. Но како што научно е докажано дека кога сме гладни, секогаш сме гладни за одредена намирница која ѝ припаѓа на различна хранлива група (научниците се согласни дека постојат приближно 11 видови на глад), така и овде, гладот на протагонистите е разновиден и се трансформира од една форма во друга. Сите, на ваков или таков начин, претрпуваме определена емоција на глад во животот. Гладни сме за достигнување на  признание во заедницата, гладни сме за биолошко остварување, гладни сме да имаме доволно за живот за никогаш веќе да не сме гладни. Гладот е веројатно една од првите сензации и рефлекси со кои човекот се соочува по раѓањето. И што е најважно, таа сензација го учи да преживува и да се бори цврсто против истата. 

* „Јас во суперлаТИв“ е четиво кое по самото излегување читателите почнаа да го внесуваат во категоријата „must read“. Што претставува оваа книга?

Се обидов да составам прирачник, кој до определен степен ќе ги открие тајните на светот на психологијата, но ќе биде примамлив за секоја жена. Книгата се залага да ја постави самодовербата како темел на женското ментално здравје, но и да го поправи погледот кон себе преку амбиција и мотивација со помош на овој џебен „автопилот“. Тогаш кога ќе научиме да ги управуваме нашите мисли и безбедно да слетаме таму каде сме зацртале, ние ја достигнуваме нирваната на нашето постоење. Ние сме жени, но ние сме и ветрот и огнот, диригираме правец и ние сме жариште. Преку интересни и забавни вежби и проективни техники, читателките се учат да ги совладуваат и постепено да ги градираат своите вредности. Ова е единствената книга за која важи правилото „Не се чита во еден здив“. За да се долови максималниот ефект, книгата се чита етапно, според седмиците во месецот.

*Твои раскази се дел од збирките „Бибер“, преведени на неколку јазици. Недостига ли на светската сцена повеќе преведена македонска литература и од што истото зависи? 

Иако моите раскази „Индигото на бесот“, кој разработува една сензитивна тема за македонскиот народ- војната во 2001, но се обидува да навлезе во чевлите на непријателот, и „Не зборувај лошо за мртвите“ не добија награди, мислам дека за мене поголема награда беше нивното објавување и превод. Воедно „Не зборувај лошо за мртвите“ беше објавен и на неколку книжевни портали во соседството и кај нас, што само по себе е огромен успех.  

Во однос на недостигот на македонска литература преведена на светските јазици, тоа е огромен дефицит. Но кога би имале во предвид, колку работи се „назад“ од фактичкото време во нашата држава, тогаш не би требало да бидеме изненадени. Ретки се примерите кога, благодарение на добри книжевни врски, и секако неповторлив квалитет, едно дело успева да се пробие на светската сцена. Па дури и на балканско тло, врвни македонски класици се изоставени од полиците. Пред скоро ѝ правевме интервју на студентка од Република Српска која магистрирала на темата „Вештица“ од Венко Андоновски. Верувале или не, тоа дело е навистина тешко да се најде во превод низ балканските држави, на кои им сме многу блиску. Затоа младите сѐ почесто утехата ја наоѓаат во англискиот јазик. Оттаму шансите за доскок се поголеми. 

За жал, се случува добро дело од домашната сцена да остане незабележано и во Македонија. Можеби критериумите за добра книга се пресликуваат од странските дела, па очекувањата и реалноста стануваат две паралели… А ако во Македонија немаме квалитетен наратив за извоз, со оглед на тоа во какви закрепостени услови живееме…

*Тука е и претпоследната награда, „Прва награда на конкурсот за безвременската битолска жена". Да проговориме за истата.

Битолчанките биле и ќе бидат плоден терен за инспирација: литературна, ликовна, театарска. Си бев ветила дека некогаш ќе напишам роман со наслов "Јенимаалка", затоа што баба ми е стара и горда Јенимаалка (Јени Маале е опеана и една од најстарите населби во Битола). Но кога зедов во предвид дека романите не се пишуваат брзо колку и расказите, насловот го искористив за да ја опишам убавата чорбаџиска ќерка која сака да се школува, не само во училиште за убави манири. Таа е надарена поетеса, која го крие талентот од татка си, на тајни средби кои лесно преминуваат во чаршиски муабети и ја доведуваат во прашање нејзината чест.

Цена му е единствена ќерка и тој ја „знае цената на својата Цена“ негов единствен мотив е да ја омажи во видна фамилија, така што ќе заработи на несреќата на своето чедо. 

Воедно, мојата прабаба, мајката на мојата баба се викаше Цена. Процесот на создавање на овој расказ го сметам за уникатен, затоа што „лепев“ архаизми и битолски дијалектизми, за да ја доловам атмосферата. Сакам да креирам крпеници (patchwork) од своите раскази, спојувајќи ги елементите на фантазија со постоечки имиња и географски координати. 

* Како започна цела таа приказна на магичната игра со пишаниот збор? 

Сите почетоци наликуваат еден на друг, дури би рекла дека и мојот звучи премногу клиширано. Од малечка бев многу приврзана со книгите. Кога ми се даваше да изберам помеѓу играчка и сликовница избирав сликовница. Кога требаше да се убие стравот пред посетата на стоматолог мајка ми ме носеше во Градската библиотека да зајмам некоја сликовница. Можеби уште од тогаш ја претчувствував безвременската природа на книгите и нивната аналгетска моќ. Така, со текот на времето тие станаа мои неизбежни сопатнички. А само што се описменив добив желба да креирам свои светови. Имав дури и своја измислена азбука, псевдоними и многу започнати книги со најразлични содржини. 

Најмногу од сѐ сакав да истражувам, па често го менував полето на интерес: поеми, сценарија, романи. Како постепено ги совладував литературните жанрови на училиште, така тие се појавуваа на мојот распоред на достигнувања. Сите тие рани обиди да спојам и создадам некаков печат, сѐ уште ги чувам. Којзнае можеби некој ден ќе ги довршам.

* Добитник си на престижната награда за расказ „Живко Чинго“ и тоа по втор пат. Од какво значење е оваа награда за тебе и колку наградите те мотивираат?

Преку конкурсите за раскази ги открив расказите како дел од литературата во кој се чувствувам домашно, удобно. Знаев дека во Македонија е особено тешко да се исплива од анонимноста. Но токму анонимноста (со оглед на тоа дека расказите се праќаат под шифра) ми ја даде потребната самодоверба за полет. Конкурсите за краток расказ ги восприемив како можност и средство за остварување. Меѓутоа полека, расказите почнаа да сраснуваат со мене, преку нив можев да ја раскажам приказната кога и да посакав. Од друга страна, расказите бараат голема мајсторија, затоа што критериумите и ограниченоста во карактери или страници, ги прави специфична форма за изведба. Во романот имате шанса да го раскажете истото, но на 500 страници. Во расказите треба да ја доловите суштината во 5000 карактери вклучувајќи и празни места. 

Што се однесува до наградата „Живко Чинго“, тоа е конкурс на кој ниту еден писател од Македонија не останал рамнодушен, своевиден Пулицер во државата. Кога ќе ги погледнете претходните лауреати на наградата, во низата ќе забележите познати имиња од македонската книжевност. И она што ја издвојува од другите награди е тоа што е само една, нема прво или второ место. Покрај тоа, овој конкурс е престижен затоа што го носи името на еден писател кој е жиг на македонското творештво. Можноста твоето име да стане дел од истата реченица со името на Живко Чинго е навистина голема чест. Да се биде вброен во таа фела и тоа два пати е премија и остварување на мојот детски сон. Притоа, жирито ме дочека срдечно, а токму еден од членовите ми ја даде идејата за конкурирање со мој труд во Министерството за култура, од кој произлезе и збирката „Гладоморје“. Прекрасно е кога ќе се подредат коцките. 

* Колку драмата како книжевен жанр те привлекува, со оглед на тоа дека пишуваш и театарска критика?

Кога бев помала експериментирањето со драмските текстови ми беше предизвик. Меѓутоа брзо ја напуштив идејата да се движам во таа насока, за годинава, сосема случајно се навратив повторно. Дружбата со театарската критика започна спонтано. Добив задача да го „покријам“ Фестивалот на монодрама кој традиционално се одржува во Битола. И бидејќи мантра ми е да бидам темелна во работата, се предизвикав да ја рецензирам секоја монодрама која беше изведена на 22-то издание. Не беше лесно, но не сакав да изоставам ниту една, сметајќи дека сите имаа жариште кое ги правеше уникатни. Понатаму рецензирањето претстави прерасна во природен процес. Актерите се писатели на сцената и таа симултаност, во која не се дозволени грешки, е навистина за поздрав. 

Секој учесник во директниот процес заслужува пишано признание. Книгата се прегледува повеќе пати пред да се пушти во печат, но претставата е жива клетка . Аутопсијата на карактерите и случувањата е иста како при книжевната рецензија, со тоа што притисокот е поголем, од вас се очекува да бидете објективни, па дури и строги. Но има една голема суштина: разликата помеѓу рецензија и критика. Засега се држам на страната на рецензиите. Веројтно затоа што најдобар критичар сум за самата себе. 

* Добитник си на две откупни награди на конкурсот Нова Македонија, беше номинирана и за специјално признание за промотор на читачката култура. Што претставува читањето за тебе? 

Наградите од дневниот весник Нова Македонија беа моите најрани достигнувања во светот на расказот. Овој дневен весник го промовира краткиот расказ како посебна форма во литературата, која честопати доживува асимилација од страна на романот (експериментални форми на роман во исечоци), но и ја потенцира неговата важност. 

Соработката со Антолог Книжевен Центар ми е една од најдрагите. токму од нив бев и номинирана како промотор на читачка култура. Ја развивме рубриката „ Кутија со приказни“ во која при рецензирањето на литература за деца, вообичаено за најмалата публика, создаваме и дополнителни активности како предлог до родителите, со што на читањето се дава една игровна и психолошка димензија. На таков начин детето секогаш ќе ја избере сликовницата пред таблетот. Затоа што таа ќе биде симетрала која ќе ја спои забавата и блискоста со родителот.

Што се однесува до читањето, тоа е докажана метода со која вашиот ум никогаш нема да остари, ваша ментална гимнастика. При читањето активираме центри кои се заспани поради користењето на технолошките уреди: луѓето не се обидуваат да ги запомнат телефонските броеви додека може да ги меморираат во именикот, или сметањето на памет одамна е минато. Но се чини, технологијата не може да му напркоси единствено на читањето. Сѐ уште е присутно во својата изворна форма, иако модерниот човек прави обиди да ја замени книгата со уреди. 

* Како да ги мотивираме младите повеќе да читаат и да имаат здрава читачка навика?

Ќе звучи смешно можеби, но читањето е веќе своевиден тренд помеѓу младината. Ако пред десеттина години читањето го поврзуваа со „бубалици“, сега е модерно да се има богата библиотека, да се дискутираат книги, да се препорачуваат во друштвото, да се рецензираат пиејќи го кафето во локално кафуле. Сѐ почесто ќе забележите млади девојки на улица, кои како моден додаток ги избрале книгите. 

Тоа што сепак е погрешно во ера кога имаме силна експанзија на најголемиот извор на знаење и начитана нација, книгата, е да се наметнува образовна дигитализација. Па тука се и трагичните слики, барем за еден книгољубец, исфрлени книги, стотици на број, како во контејнер скапуваат под временските неприлики. 

Читањето се поттикнува со организирање на забавни настани во кои крајна цел ќе биде книгата. Сетете се на времето кога училиштата ги наградувале учениците за постигнатиот успех на крајот на учебната година со книги. Секој допир со книгата раѓа љубов. Во државата имаме и недостиг на стимулативни конкурси кои ќе поттикнуваат натпреварувачки дух преку творење. Пишувањето и читањето се две фиданки кои излегуваат од ист корен.

* Што би им препорачала на оние кои сакаат да зачекорат во светот на пишувањето?

Никогаш да не го преиспитуваат својот талент, да имаат верба во себе и да не се плашат да го следат гласот на срцето. Во пишувањето нема погрешно и точно, секако зборувам од содржински аспект.

Сите имаме периоди кога се сомневаме во своите квалитети. Дури и кога трудот ќе ни биде признат и ценет, песимистот во секоја личност, лобира да ја ослаби личноста преку немоќ, незадоволство и срушени амбиции. Автодеструктивноста е дел од нас и оној што сака да успее, периодот на колебање ќе го прифати како уште еден предизвик.

Особено неочекувани и ненадејни пресврти се случуваат со пишувањето. Ретко кој ги има околностите и среќата да успее уште на почетокот. Имав период кога пишувањето ми се чинеше непотребно хоби. Но наскоро сфатив дека пишувањето ме лекува. Јас ја имав моќта над случувањата на хартија. Затоа пишувањето е една од најмоќните психотерапевтски алатки.

Но чувството на исполнетост кое еден писател го доживува на крајот на денот, е она што го тера да се чувствува корисен, па дури и зависен од пишувањето. Затоа што писателот е кормилар и доктор, и ја крои судбината, и спасува животи. Вие не живеете во еден свет, туку во неколку паралелни. Се соживувате со судбините на ликовите, плачете кога некој од нив ќе биде награден со лоша карма. Но процесот на креирање носи и бескрајни моменти на забава и смеа. Писателите се бесмртни. 

Не се откажувајте. Не знаете кој лик ќе го креирате, истиот можеби ќе стане универзална икона, со кого ќе растат и во своите тешки мигови читателите ќе се спријателуваат. Можеби вашиот безименко е новиот Дон Кихот или Хари Потер.

* И за крај, кои автори светски, а и наши повеќе ги преферираш за читање? 

Од светската литературна сцена читам сѐ што ќе ми дојде при рака, но особено би ја издвоила лесната и питка нарација на Франсеск Миралјес, која е некаков спој помеѓу магичен реализам и зен приказни.

Од домашните автори би ја издвоила нашата златна авангарда : Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Владимир Костов...Претпоставувам овие автори ми навлегле како спица во читателското месо, затоа што нивните дела се пишувани на дијалектен, архаичен и народен говор, кој сѐ повеќе се оттуѓува од нашиот стандардизиран јазик. Нивниот стил на пишување е многу близок до говорот на нашите баби и дедовци,  го буди народниот дух на Македонецот, и веројатно тоа влијае да ги восприемиме делата со засилена јачина.

Од современата македонска книжевност ми се допаѓа и богатиот стил на Жарко Кујунџиски. 

Неда Маретиќ