Љубовната приказна на Тања и Предраг

Се познавале уште од студентските денови, но бидејќи во тој период и двајцата имале долги врски не обрнувале многу внимание еден на друг. Во 1994 година на покана на Љубомир Чадиковски познатата актерка и пејачка почнала со работа во Театарот за деца и младинци, а по неколку месеци во ансамблот дошол и Павловски.

- Во тој период јас бев најзгодна, ама Предраг не ме забележуваше. Мислеше дека сум медиумска личност и дека покрај себе имам некој богаташ со „порше“ и со викендичка на Водно, па немаше храброст да ми пријде. Беше популарен меѓу колешките, па почнав да го загледувам, да видам што толку другите гледаат во него. Си реков, не е лошо детево. И така, почнав да носам сè покуси здолништа. Еден ден, со еден колега и со секретарката Вики се договоривме да одиме на ручек. Потоа отидовме кај мене дома и во пет часот изутрината тој ме побара за жена – во свој препознатлив стил раскажа Кочовска пред неколку години за магазинот „1Е“.