Колку и да се трудиш или да сакаш да си како тој некој, никогаш нема да бидеш

Совршена си

Се почесто ми се случува да откако клиент добие нарачка, возврати со коментар се е супер ама не ми стои како на Ивана. Знам дека е потребен идол и идентитет со кого ќе се препознаваме и преклопуваме, јас растев и се формирав под влијанието на Фрида, Боуви, Хелмут, Дита и уште пар уметници кои секој на свој начин во одреден временски период оставија печат на моето бидување. 

Денес огледалото е површно за жал, уметноста е маргинализирана на карта на бесцелно инфлуенсерство и визуелизација на постоење без суштина и срж. На Ким Кардашијан и требаше порнич за да ја забележат и сега да продава правни студии, што не го осудувам да се разбереме, некој мора да повелече нога и да им ја крене главата на сите оние нагузени млади девојки кои ја изгубија целта на постоење во едно големо ништо. 

На секој од нас му е потребен идол, на секој од нас му е потребен водач, една од главните причини што сме заглавени како држава е што немаме идолопоклонички карактер кој ќе не води сите нас. 

Но, тенка е границата помеѓу тоа да сакаш да бидеш како некој и да очајуваш да си тој некој. Забуната што го изеде младиот свет, а сега како гледам се префрла и на моја генерација е во тоа дека колку и да се трудиш или да сакаш да си како тој некој, никогаш нема да бидеш. 

Бидејќи ти си ти, една единствена ти, со посебен печат на постоење и себе дефинирање. И волшебна си баш таква каква што си, нема потреба да бараш да си како мене или како било која жена или девојка што кружи по интернетов. Мојата работа зависи од мене, знам дека најдобро ги носам моите модели и знам дека продавам имам бројни ситуации каде лично го имам искусено тоа. Често знам да кажам дека во првиот момент кога ќе го променам тоа мене ќе ме снема од социјалните медиуми само за да добијам на квалитет на живеење. 

Но додека сум тука, те молам немој да сакаш да бидеш како мене. Ти си своја и прекрасна жена, со твоето постоење го збогатуваш светот и го правиш магичен секој ден се повеќе. Јас сум почестена што те инспирирам и сакаш да си како мене, ама за вистински да си јас, пронајди се себе, погледни убаво во тоа огледалото, најди твој начин како ќе ја носиш мојата гардероба, насмеј се и дај ми причина плус да бидам овде за тебе и да сум најсреќната жена на светот кога те гледам таква блескава. Ти си љубов, една и единствена, совршена си.