“Хејтери” (или по нашки: никогаш ништо не им е погодено)

Вчера беше светскиот ден на здравјето. Како што веќе знаете, психичкото здравје е многу важно за да ве служи и физичкото. Не џабе се вика психосоматско нарушување, односно (народски кажано) умот може да ви донесе болести кои ви го напаѓаат телото. Затоа, ич да не си клавате на дикат кој што рекол, помислил или ви направил, оти тоа е круг од кој тешко се излегува. Редовно ми се случува да се поболам физички кога ќе почне главава да ми вергла некој настан во кој сум била навредена или повредена, па тоа правење сценарија за тоа што можев да кажам или направам за да се заштитам, и се’ ова откако ќе замине возот. Имунитетот најбрзо ќе си го паднете ако деструктивно си ја сервирате истата порција во која имате дружба со негативни луѓе кои дури и несвесно знаат да ви го загорчат животот. Ако ја имате таа среќа да не ве тангира ништо околу вас, па дури ни ако сте вие ставени на тапет, да знаете дека сум ви многу љубоморна. Стално си велам дека е неверојатно ослободувачко чувството ако баш ич не ви чуе за дрндрн муабети.

Јас сум за тоа тапа и тоа тапа-тапосана. Прво, оти некогаш сум како магнет за таквите луѓе, па се оптеретував со тоа дали привлекувам тоа што носам во себе, или привлекувам оти знаат дека можат да ми ја расплачат мамицата. А можат, оти за некој кој добро се снаоѓа со зборови на тастатура или хартија, во живо сум малку поинаква. И кога велам поинаква, читајте оти толку знам да се збунам од нечија дрскост, суровост, желба за да се навреди што устава ми е како пришиена однатре и не можам да зуцнам збор. И ај што не можам да зуцнам, туку што отпосле ми иде жива да се изедам оти нели, се’ ни текнува отпосле. Башка, се’ што ми текнува отпосле е исто толку навредливо и дрско што дури и некажано, мене ми тежи како сум можела да го помислам. Не, не, не....да не се разбереме погрешно. Не сум јас тука некоја со ореол на глава која е толку многу фина што директ ќе замине во рајот без попатна станица, не! Знам да бидам ужасна кога возам, со вокабулар од кој дури и ќерка ми (која ми ги знае сите пцости) знае да се заврти накај мене и да ми рече “жено, смири се малку”. Ужасна сум кога гледам дека се случува некоја неправда, па немам баш кочници кога се објаснувам. Ама кога се работи за себе, мутава сум и доцна ми пали моторот.

И за да ме разберете за што зборувам, ќе ви посочам неколку примери. Редовно, ама редовно ми се случуваше еден ист муабет со познаничка која (за среќа) ретко ја среќавав (еднаш годишно) и кој (во скратена верзија) одеше вака:

Јас: Еј, здраво...како си, што има ново?

Таа: Супер, супер. Леле бе Ана колку си слаба, дај стави малку месо на тебе, да нема човек за што да се фати (хахахаха).

Јас: Кхм, ок...па се гледаме (со доза на срам од целиот таканаречен муабет).

После секое среќавање во кое бев напаѓана дека сум била премногу слаба (пазете, ова трае околу 20-тина години, се’ до менопаузава) јас после бев жива изедена затоа што преќутував, затоа што не и’ кажував дека има погана уста и затоа што ме јадеше совест оти не само што дозволував да ме повреди, туку и оти си дозволував да смислам отпосле секакви гадости.

Шах-мат! И сега, после неколку години (оти се имаше отселено од населбава) повторно се среќаваме. Е, ама јас веќе не сум слаба и имам месо (некаде таман, некаде малку отповеќе) и застануваме да се поздравиме, иако мене ми иде одма да кажам колку се брзам и да киднам.

Јас: Еј, здраво....одамна не сме се виделе. Се’ ок?

Таа: Супер, супер...абе си се поправила, порано беше како манекенка (хахахахаха)

Јас: (во умов ја имав веќе неколку пати отерано во мајчината) Ај чао, брзам!

Сфатив дека не е до мене, дека никогаш не било до мене. Сфатив дека можам да изгледам било како, да сум слаба или обла, да сум со совршено исфенирана коса или ко да ме исфрлила поплава, да сум облечена по последна мода или во тренерки...оти не е до мене. Има луѓе кои секогаш, ама без исклучок ќе ви најдат некоја замерка оти се такви, оти не знаат или не сакаат поинаку. Модерно кажано, ХЕЈТЕРИТЕ се накотија насекаде. Македонски кажано, тоа се луѓе кои изразуваат негативни ставови секогаш, без исклучок и без некое рационално објаснување. Ако сте по социјалните мрежи, сигурно ќе ги забележите. Секогаш имаат мислење за се’ и тоа мислење им е вообичаено негативно. А знаете како велат за мислењето дека е како задникот, сите го имаме, ама не е баш за покажување во секоја ситуација и пред секого.

Значи, “хејтерите” (жаргонов ептен го користат младите, знам по ќерка ми) не е дека стално имаат мислење или став за нешто, туку стално имаат желба да кажат некои работи со кои ќе исплукаат некого или нешто. Па така, ако ви се погоди некој од “фејс пријателите” да е хејтер, ќе приметите дека честопати има и контрадикторни муабети кои ги врти како му чини. На пример, ако не зборувате за политика ќе ви каже дека имате игнорантски однос кон Македонија, а од друга страна, штом ќе кажете ваш личен политички став одма реагира дека не ви чини ставот и дека треба да го смените. Тоа се оние истите кои се за тоа дека жената треба да се шминка и дека не ја личи да биде“исплакната” во лицето, ама знаат да прават невкусни шеги за некоја што се нашминкала вака или онака. Тие се поборници за тоа дека жените имаат право да се облекуваат како сакаат, ама невкусно коментираат мини сукњи (со целосен осврт на целулитот).

Со еден збор, ако немаат нешто лошо да ви кажат, ич не се ни појавуваат на ваш пост или во вашиот живот. Не дека не ви ги читаат постовите, не дека не следат до кај сте, со кого сте, каде сте биле или каде ќе одите, туку не им се коментира за нешто убаво. И тоа е ок, но до точката од која стануваат прилично активни, полни досетки и мудрости кога треба да ви солат памет. Оти нели, сепак тие најдобро знаат како треба да постапите и да се однесувате. Па не дај боже да сте малку потранспарентни во животот и да им давате се’ на тацна, оти им приредувате невидена гозба. Ќе ви делат ум дали треба или не да влезете во политика, па колку да влезете во истата (дали со една или две нозе, побогу какви глупости се имам за ова изначитано), па прогнози дали ќе издржите, колку ќе издржите, дали ќе се продадете за пари и колку чините! Или ако отворено зборувате за вашиот интимен живот (што не значи дека е тоа отворена покана за некој да се замеша) ќе имате еден тон совети кои не ги барате, па негативни критики оти сте искрени и отворени (ко да им пишувате на нивни профил), па дали сте можеле подобро, па дали тој карши вас можел подобро (да, да и тоа има) и еден куп небулози.

И сето ова супер, додека некој не го постави вистинското прашање...ИМАТЕ ЛИ БРЕ ЖИВОТ?!

Ниту еден од нас нема идеален живот, ама баш ниту еден. Секогаш има барем нешто од што не сме задоволни или што би сакале да смениме. Сите имаме мислење и сите некогаш “хејтаме” (еве, јас денес “хејтам”“хејтери”), ама не сите си дозволуваме да сееме омраза, да се потсмеваме оти ни е така дојдено или не ни е погоден денот. Сите си страдаме од нешто што не’ мачи или измачува, ама никој не е должен да страда заради нашето лично незадоволство од себе или околностите во кои живееме. И што е најинтересно, “хејтерите” никогаш нема да ве погледнат во очи и да ви признаат оти се во суштина полни со негативна енергија која е токсична. Секојпат ќе се вадат на тоа дека всушност сакаат да ви укажат, да ве посоветуваат, да се пошегуваат и да ви помогнат ама вие не разбирате (демек, со вас нешто не е во ред). А со таквиот одговор, само јасно кажуваат колку ви ја потценуваат интелигенцијата. Сепак, имајте на ум дека тоа им е главна занимација, или како што би рекла Taylor Swift “And the haters gonna hate, hate, hate, hate, hate”.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ќе те плукнат

Ќе те згазат

Ќе те толчат

Без да пазат

Ќе покажуваат со прст

Под мустаќ ќе се кикотат

Со јазиците змиски и погани

Низ уста ќе те вртат

Под око ќе те меркаат

Никојпат во очи не ќе те погледнат

Во умот пцости ќе ти наредат

И уште три клетви во срцето

Ко катанци железни ќе натокмат

И така животот тера

И така животот им тера

Та ќе те боли

Ќе те лути

Облаци над глава ќе ти носи

Ќе се јадосуваш оти им молчиш

Оти ќе премолчиш

И она што за молк не е

Дури еден ден не ти стане јасно

Како во тмурен ден кога наеднаш

Сонцето облаци ќе разбрка

И се’ околу тебе е толку чисто

Толку многу бистро

Што ти се чини оти прогледуваш

И знаеш

Спознаваш оти тие кои зли се

Најмногу зло кон себе имаат

И не се да ги мразиш

Ниту пак за кусур да им фаќаш

Оти одземено им е она

Кое сите нас луѓе не’ прави

Таа пулсирачка топлина

Која те тера рака да дадеш

Да гушнеш силно

Да погалиш нежно

Да сослушаш

И солза на туѓа мака да пуштиш

И си велиш....

Остај ги, толку знаат

Остај ги, толку имаат

Остај ги, толку можат

Оти само чоештината останува

Кога се’ друго исчезнува

Дури и здивот

Дури и животот

Налет се’ ако чоек не си бил

И за себе и за сите околу тебе