Ема дијагнозата ја чекала 25 години: „Мојата болка во рамењата е поврзана со менструацијата“

Лекарите со години се обидувале да ја откријат причината за болните менструални циклуси на Ема, но не успеале. Дури откако почнала да чувствува силна болка во рамото, се посомневале за ендометриоза

Лекарите најчесто ја поврзуваат болката во рамото со истегнување на лигаментите или рак на белите дробови. Но, малкумина се оние кои би ја поврзале болката во овој дел од телото со ендометриоза, болест од која заболуваат сè поголем број жени ширум светот.

Ема Џонсон (39) се грчела на секои неколку недели од болки од десното рамо над горниот дел од грбот. Болката била толку силна што не можела ни да зборува.

- Така мислев дека ќе се чувствувам само ако некој ме застрела - вели Ема (39), поранешна професорка по математика во средно училиште.

Иако одела на бројни прегледи, Ема не можела да ја открие причината за таа неподнослива болка. А потоа еден месец сфатила дека болката се совпаѓа со менструалниот циклус.

Се испоставило дека болката е симптом на ендометриоза - состојба во која клетките слични на оние што ја обложуваат матката растат во други делови од телото. Кај Ема ткивото стигна до градите!

- Овие клетки се под влијание на флуктуацијата на половите хормони во телото, како оние во матката, и имаат „менструација“ еднаш месечно, но крвта не може да го напушти телото на вообичаен начин - вели британскиот гинеколог Денис Цепов.

- Оваа „менструална крв“ го иритира ткивото, создавајќи воспаление, лузни и болки.

Покрај тоа што предизвикува болна, обилна менструација, ткивото може да ги блокира и јајцеводите, што доведува до проблеми со плодноста, болка за време на сексуалниот однос или симптоми на синдром на нервозно дебело црево.

Добиени проблеми од првиот циклус

Широк спектар на симптоми може да ја отежнат дијагнозата, а практиката покажува дека во просек се потребни осум години за да се постави дијагноза. Со Ема ситуацијата била уште полоша - таа чекала 25 години за да дознае за здравствен проблем што ѝ го нарушил квалитетот на животот.

- Првите симптоми ги имав на 12 години, кога го добив првиот менструален циклус - вели Ема.

- Ми кажаа дека менструацијата ќе ми трае од четири до седум дена. Но, тие траеја многу подолго, од 10 до 15 дена, а беа исклучително обилни и болни.

Нејзината мајка ја однела на општ лекар, а Ема добила лек кој требало да и ги ублажи менструалните болки. За жал, лекот не го дал очекуваниот ефект. Потоа добила апчиња, но ниту тие не помогнале.

Кога наполнила 16 години, отишла на гинеколог, кој и рекол дека болката ќе престане сама од себе.

Ниту тоа не се случи.

Спротивни мислења на лекарите

Ема го пропуштала училиштето во „оние денови“, но како што циклусите станувале поболни и подолги, сфатила дека повторно ќе мора да побара мислење од специјалист.

- Кога по завршувањето на студиите еден циклус траеше 60 дена без прекин, бев целосно очајна. Сосема случајно наидов на нов општ лекар кој ми дијагностицира ендометриоза и тоа само врз основа на претходни лекарски извештаи и анамнеза - се присетува Ема.

Но, кога отишла на ултразвучен преглед кај гинекологот, специјалистот ја побил дијагнозата на општиот лекар.

- Ми кажа дека ништо не се гледа на ултразвучниот преглед, но многу читав за ендометриозата и знаев дека не мора да се гледа при секој преглед - вели Ема.

Следните неколку години се борела со обилно крварење за време на циклусот, а потоа, паралелно, почнало да ја боли десното рамо.

Таа читала научни трудови на Интернет и открила некои истражувања за торакална ендометриоза, состојба во која ендометриозата се јавува на ткивото во градната празнина и дијафрагмата.

- Опишани се сите симптоми што ги имав. Но, гинекологот ми кажа дека торакалната ендометриоза е премногу ретка и дека мојот проблем секако не е од таа природа. Излегов од канцеларијата во солзи - се сеќава оваа млада жена.

Редок симптом на ендометриоза

Гинеколозите објаснуваат дека менструалните болки во рамото се навистина редок симптом на ендометриоза. Се јавува кога ендометријалното ткиво го иритира дијафрагматскиот нерв што оди до рамото, што резултира со чувство на болка во рамото. Таквата ендометриоза е тешко да се открие со ултразвук или магнетна резонанца, а најдобро се дијагностицира за време на лапароскопија. Нејасно е, посочуваат гинеколозите, зошто ендометриозата во некои случаи може да мигрира на необични делови од телото.

На Ема конечно и била дијагностицирана дијафрагмална ендометриоза во болница во Велика Британија во 2019 година, откако отишла на магнетна резонанца.

- Можев да плачам со олеснување, бидејќи конечно знаев што не е во ред со мене. Ми понудија операција и јас ја прифатив - вели Ема.

Две операции за неколку месеци

Лежела на операционата маса четири и пол часа. Ендометриумот се прошири на мочниот меур, ректумот, дебелото црево… Во февруари 2020 година, Ема отишла на уште една операција за хирурзите да ја отстранат ендометриозата од нејзината дијафрагма.

И покрај тоа, по само девет месеци оваа млада жена ја почувствувала истата болка.

- Се чувствувам како да ме бодат со шрафцигери во градите и горниот дел од грбот. Ќе морам да одам на нова операција, бидејќи претходната не ги даде очекуваните резултати. Од друга страна, лекарите ми рекоа дека во голем број случаи се враќа ендометриозата и дека треба да бидам подготвена и за тоа сценарио - вели Ема.

Во меѓувреме, таа добивала специјални инјекции кои и помагале да има менструација на секои шест недели.

„За овој проблем мора јавно да се зборува.“

Лекарите ја советувале да се обиде да го реши проблемот со ендометриозата со тоа што ќе забремени. Имено, како што престанува менструацијата за време на бременоста, тоа може да значи и прекин или намалување на симптомите на ендометриоза до породувањето. Но, од друга страна, жените кои имаат ендометриоза многу тешко остануваат бремени и во исто време имаат поголем ризик од спонтан абортус.

Иако е свесна дека наскоро повторно ќе мора да се оперира, Ема и е благодарна бидејќи знае со каков здравствен проблем се бори.

- Се надевам дека мојата приказна ќе им помогне на другите жени кои можеби нема да го слушаат своето тело или чии симптоми се невообичаени како моите. Само зборувајќи за ова можеме да влијаеме на подигање на свеста за ендометриозата – заклучува Ема.


Оваа болест може да ѝ се случи на секоја жена: „Имам лузни од притискање на шишиња со топла вода на стомакот за да ја ублажам агонијата“

Не ми даваше да излегувам од дома. Мислев ќе биде подобро кога ќе имаме дете, но дознавме дека сум неплодна и следуваше пекол: Потоа добив чудо