Ава Гарднер: Хероината на фаталните грешки

Порасната во сиромашно семејство, како седмо најмало дете, доживува блескава иднина, турбулентен живот, но и ден денес важи за најдобра филмска хероина на бесмртната холивудска продукција. 

За многумина Ава Гарднер родена на 24 декември 1922 година, жената со хипнотички зелени заводливи очи, била една од најубавите и најеротични актерки на сите времиња. Нејзиното име е синоним за златната доба на Холивуд, период во филмската индустрија каде искрената женственост имаше вредност. Жената која скрши голем број машки срца, живееше во согласност со својот див и непредвидлив карактер, со голем број љубови, но и фатални грешки. На почетокот фимските агенти го оспоруваа нејзиниот талент, но пресудно на крајот беше нејзинот изглед, а за тоа доби и светска слава, со која стекна титула на бесмртност. 


Родена во Северна Каролина, Гарднер е најмладо од седумте деца на Џонас и Мери Елизабет. Тие живееле во тешка сиромаштија, па во обидот да создадат подобри услови за децата се отселуваат во Вирџинија. Сепак, по смртта на нејзиниот татко во 1938 година, тие биле присилени да се вратат назад во Северна Каролина, со исклучок на сестрата Беатрис, која била решена својата среќа да ја бара во Њујорк.

По завршувањето на средното училиште во 1939 година, Ава размислува да заврши курс за секретарка. Сепак работите почнуваат да се менуваат кога на 19 години заминува во Њујорк на барање на нејзината сестра Беатрис, која наместо работа нашла сопруг - фотограф. Тој импресиониран од нејзината убавина, направил неколку  портрети од неа и ги испратил во филмската компанија МГМ. Благодарение на агентот Бернард Духам, Ава била претставена пред сопственикот на моќната индустрија Луис Б. Мајер и од тука започнува трансформацијата на нејзиниот живот... Новата ѕвезда е родена. 


Харизматична пред камера, Мајер побарал од неа да поработи на нагласокот и глумата, но нескротливата Ава до самиот крај останала доследна на своите убедувања и верувања. Работејќи на филмот „Fancy Answers“, младата актерка се вљубува во две години постариот Мики Руни  и по неколку месеци врска, стапуваат во брак на 10 јануари 1942 година. Руни бил висок само 159 сантиметри, па јавноста била зачудена од изборот на партнер, очекувајќи дека таква убавица можела да најде подобра прилика. Откако за кратко време застанаа пред матичар, за исто толку кратко време сфатија дека не се еден за друг, па се разведоа во 1943 година. 


Кратко по разводот Ава стапува во љубовна врска со еден од најбогатите Американци, Хуард Хјуз, но и покрај подароците кои ги добивала од него, на општо изненадување на јавноста, таа во 1945 година стапува во брак со кларинетистот Арти Шо. Но, овој брак трае само седум месеци, бидејќи Шо не можел да се вклопи во нејзиниот бурен животен стил. Во меѓувреме таа продолжила да го негува пријателството со Хјуз, кој во 1946 година преживува авионска несреќа, а во болница покрај семејството, од пријателите само Ава смеела да го посетува. 


Но, сепак од сите мажи со кои била, само за еден тврдела дека е мажот на нејзиниот живот - Френк Синатра. Со него стапува во брак во 1951 година по двегодишна врска, која била јавно критикувана поради гласините дека токму таа придонела тој да се разведе и да ја остави сопругата сама со три деца. 


„По само една ноќ поминати заедно, знаев дека тој е љубовта на мојот живот и бев сигурна дека без разлика на се, засекогаш ќе биеме вљубени еден во друг“, кажала Гарднер за љубовта кон Синатра. Исто како што Лиз Тејлор и Ричард Бартон имаа комплицирана врска, исполнета со голем број караници, но и физичко насилство, така и Ава и Френк имаа бурна врска. 

Свесен дека фаталната бринета лесно ги освојува мажите, неретко Синатра гостувал на нејзините филмски сетови, а години подоцна Гарднер признала дека се кае што кариерата ја ставила пред семејството, мислејќи на двата абортуса кои ги направила во Лондон. 


Почеток на крајот на оваа страсна врска е во 1953 година, кога Синатра ги добива своите пет минути слава. Алкохолот, променливото однесување, љубомората, како и самоубиствените мисли на Синатра се причина за окончување на бракот во 1957 година.

По разводот, таа замиува во Шпанија каде започнува врска со шпанскиот матадор со аристократко потекло, Луис Мигел Домингун, кој сакал по само месец дена врска да стапи во брак со неа, но сепак и оваа љубов имала рок на траење.

Откако ја одбила понудата на Луис, Ава продолжила да живее во Шпанија, додека од другата страна на океанот, Синатра се обидувал да ја заборави претопувајќи ја тагата во дното на алкохолот... Тие се сретнале повторно во Австралија во 1959 година, но тогаш сфатиле дека работите се веќе одамна променети. 


Актерката продолжила да живее бурен живот, менувајќи различни партнери се до 1968 година, кога се преселува во Лондон, повремено снимајќи филмови во обид да го врати стариот сјај. 

Фаталната бринета починува на 25 јануари 1990 година, а слугинката која била со неа до самиот крај, открила дека таа се соочувала со психички проблеми и имала обиди за самоубиство. Френк Синатра годишно и праќал медицинска помош во вредност од 250. 000 долари, а по нејзината смрт и ја посветува песната „I’m a Fool to Want You“.

Гарднер е погребана во градот Смитфилд, а на погребот Синатра испратил венец на кој пишувало „Whit My Love Francis“ и потоа местото го претворил во музеј во чест на нескротливата и најголема љубов, Ава Гарднер.