Утринско кафе со Стефан Спасовски: Си ја сакам работата, ме исполнува и ми носи позитивна енергија

По природа сум ранобудник, дури и кога  сакам да се наградам со некој час плус сон наредното утро - тоа не се случува. Во 7:30 сум веќе разбуден и се подготвувам за обврските во текот на денот. Првото утринско кафе најчесто го пијам сам, слушајки некоја од моите омилени песни и краток телефонски разговор со моите најблиски.

Ме мотивираат задоволни клиенти. Една нивна насмевка може да го разубави мојот ден- знаејки дека јас сум го разубавел нивниот. Ме мотивира кога преку архивата на моите фотографии гледам и анализирам колку напредувам и се трудам да се надоградувам колку што можам повеќе. Дел од моите успеси се споделени и на мојот Инстаграм профил. Си ја сакам работата. Ме исполнува и ми носи позитивна енергија.

Последниов период сум фокусиран на работа. Иако се трудам да направам баланс помеѓу работата и остатокот од денот, сепак понекогаш дури и губам осет за време па на крајот од работното време прашувам: што имаме следно за работа?
Како и да е, секој ден се трудам да издвојам време и за себе. Впрочем, никогаш не гледам на часовник кога нешто сум наумил.

Секој ден ми е доста исполнет и динамичен. Токму поради тоа, се случува понекогаш многу рано да заспијам поради потребата да ги “наполнам батериите“ за следниот ден. Но, најчесто како и кај многу мои врсници се случува денот да ми заврши со кафе дружба или диско забава за време на викендите. Млад сум и полн со енергија, подготвен за предизвиците на животот. Тоа го знаат и моите најблиски и затоа најчесто денот ми завршува со моите пријатели без разлика колку е часот.  

Најискрено, кога имам слободно време уживам и во читање книги, но и во гледање филм. Убавото во читањето книги е што самиот си сценарист, ги замислуваш ликовите и ги креираш сцените додека читаш, а тоа ја развива и креативноста. Од друга страна пак, гледањето филм знае да биде многу поинтересно ако е со друштво или ако е некој нов филм. Поголемиот дел од филмовите што ги гледам се базираат на веќе напишани и популарни книги. На пример филмовите за Хари Потер ми се меѓу омилените. Многу е поразлично кога се читаат книгите и кога се гледа филмот. Од последните книги кои сум ги прочитал како препорака за вашите читатели би ја издвоил „Богат татко, сиромав татко“, додека од филм кој што сум го гледал во изминатиот период го препорачувам „Crazy about her“.


* Стефан Спасовски - Hair artist*